за

Уште еден електричен Audi: Фабриката во Цвикау почнува со Q4 e-tron

По e-tron кој пристига од Белгија, сега доаѓа и првиот електричен СУВ на Audi од германска продукција. Audi Q4 e-tron ја дели техниката со Volkswagen ID.4.

Audi се враќа на корените. Во Цвикау, во Саксонија, каде што е родена германската компанија со долга традиција, почна производството на Audi Q4 e-tron. Тој е првиот целосно електричен СУВ на Audi што се произведува во Германија.

Од фабриката во Цвикау, во којашто произведуваат повеќе марки од концернот Volkswagen, почна да излегува Audi Q4 e-tron, од истата производствена линија со Volkswagen ID.4. Во фабриката на Volkswagen во Саксонија работат 1.400 лица во монтажа на компактниот електричен СУВ, кој благодарение на платформата MEB нуди простор колку во моделите од високата класа.

Пресите за изработка на деловите од каросеријата се испорачани од Audi. Новиот СУВ има сложени форми за изработка и посебно внимание беше посветено на постигнувањето врвна прецизност и совршени површини. Специјалисти „алатничари“ од Инголштат и Некарсулм беа вклучени уште во најраната фаза од развојот на Audi Q4 e-tron, за комплицираниот дизајн на моделот да може да се реализира во сериско производство. Разработувањето на пресите исто така беше извршено во фабриките на Audi, пред нивното преселување во Цвикау.

Цвикау е важен за марката Audi. Во 1909 година таму е основана автомобилската фабрика Audi. Денес оваа фабрика е специјализирана за електрични автомобили и важен дел е во електро-офанзивата на концернот. Во ноември лани, над 200 специјалисти на Audi беа ангажирани привремено во Цвикау, заради обука на персоналот.

Audi Q4 e-tron ќе доживее светска премиера во средината на април. Во салоните на марката, електричниот СУВ може да се очекува веќе во текот на летото. До 2025 година, Audi ќе нуди повеќе од 20 чисто електрични модели, а ќе се проширува и понудата од модели со приклучен хибриден погон. Во 2022 година ќе следи и првиот електричен модел што се базира врз новата платформа PPE (Premium Platform Electric), развиена заеднички со Porsche.

>>> Audi во мај почнува да гради нова фабрика во Кина

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Фудбалерите на Барса возат Cupra, најомилена е Formentor

Aston Martin во знак на враќањето во формула 1