Ауди го откажа А8, повеќе внимание кон големите СУВ-ови

Ауди ќе го заврши производството на својот лимузински знаменосец и нема да развива наследник. Тоа е стратешко повлекување од сегментот на луксузни лимузини, за производителот да има повеќе слобода со СУВ моделите што носат поголема заработка.

Audi A8
Ауди престанува со производство на А8 по повеќе од три децении.

Ауди во февруари заврши со примање нарачки за А8 во Германија, навестувајќи го згаснувањето на моделот што е присутен подолго од три децении во понудата на баварскиот производител. Останатите пазари ќе се услужуваат преку постоечките залихи, и А8 со тоа постепено ќе исчезне од пазарот на нови автомобили.

Овој чекор сведочи за намалената побарувачка за големи луксузни лимузини на главните пазари, каде што купувачите сé почесто се префрлуваат кон СУВ.

Целата бранша трпи притисок во овој сегмент, поради сменетите барања на купувачите и строгите норми за емисија на штетни материи, коишто направија вложувањето во натамошен развој на платформите со мотори со внатрешно согорување да стане неисплатливо.

Четвртата генерација на Ауди А8, што се појави во продажба во 2017 година, сé потешко се справуваше со новите генерации на соперниците.

Ауди ги истражуваше можностите за развој на следна генерација на А8, вклучувајќи и целосно електричен модел, меѓутоа уште нема решено околу тајмингот или платформата што би ја користел тој модел.

Првата генерација на Ауди А8 од 1994 година. Целосно алуминиумската каросерија беше силен адут на лимузината

Идниот Ауди Ку 9 ќе цели кон пазарот во САД и покрај притисокот од царините

Улогата на знаменосец ќе ја преземе целосно новиот СУВ-модел Ку 9.

Ку 9 ќе се произведува во фабриката на групацијата Фолксваген во Братислава, Словачка, заедно со следната генерација на Ку 7, чијашто премиера е закажана во второто полугодие.

Првата произведена серија од новиот модел ќе биде испратена за САД, каде што Ауди планира да ја заживее продажбата. Германската марка претрпе силен удар од царините во САД, поради тоа што ниту еден модел не се произведува локално.

За возилата што се извезуваат од Словачка во САД, во моментов важи царинска стапка од 15 проценти. Ауди очекува да надомести за тој ценовен товар, преку зголемена ефикасност во производството и насочување кон СУВ-модели што носат повисока заработка.

Згаснувањето на А8 ја прикажува пошироката слика на производителите на луксузни автомобили. Поради високите трошоци за развој на електрични возила и строгите норми за емисија на штетни материи, бизнисот со големите лимузини слабее, дури и кај марките што изградија големи имиња со своите модели од овој сегмент.

Претходна објаваЦарините на Трамп им собраа 35 милијарди долари на производителите на автомобили за една година
Следна објаваНајпродавани компактни СУВ во Европа во јануари

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here