за

Што кажува Ауто Билд за тестот на Грејт Вол Веј 03, конкурент на БМВ Икс 3

Влијателниот германски магазин Ауто Билд тестираше Веј 03, модел што е следно скалило по нам добро познатиот Хавал Х6, од кинескиот концерн Грејт Вол.

„Не е студено кафе“, пишува уредникот Томас Гајгер во насловот на тестот на Веј 03 од концернот што го произведува и Хавал, којшто првично требаше да се продава под моделското име Кафе 02. Станува збор за СУВ што е развиен да им се спротивстави, ништо помалку, туку токму на СУВ-моделите од средната класа на германските премиум марки.

Германскиот магазин Ауто Билд, во тестот на Грејт Вол Веј 03, што наиде на голем одѕив на сцената, опишува дека „Кинезите“ на големиот германски пазар досега нудеа или евтини автомобили со застарена техника или футуристички електрични модели што се насочени кон иднината.

Во меѓувреме почнаа да се менуваат нештата. Веј 03 и Веј 05 се двата нови предизвикувачи од кинскиот концерн Грејт Вол, производител на повеќе марки, од коишто кај нас е најпозната Хавал. Мисијата на овие два модели е да им се спротивстават на големини, како БМВ Икс3 и БМВ Икс5. Истото важи и за Мерцедес ГЛЦ и Ауди Ку5.

Двата модели, според првичните замисли требаше да се продаваат под ознаките Кафе 01 и Кафе 02, меѓутоа концернот неодамна изврши неколку значајни промени околу своето присуство на европскиот пазар, па се сменија и имињата.

Околу 50 дилери ќе ги продаваат двата нови модели на Грејт Вол Мотор (ГВМ). Покрај нив, на германските возачки и возачи веќе извесно време им се нуди и целосно електричната Ора Фанки Кет (Ора е една од петте марки на ГВМ), чиешто име сега исто така е сменето во ГВМ Ора 03.

Фото: Грејт Вол Мотор

„Дизајнерите и инженерите добро си ја завршија работата“, пишува Ауто Билд. „Веј 03 изгледа мошне убедливо како најнов модел во возниот парк, со неговата релативно конвенционално дизајнирана каросерија. Гајгер понатаму зборува за „многу финеси“ и за „доволно простор за деца и играчки“, при должина од 4,67 метри и меѓускино растојание од 2,75 метри.

„Гази нечујно: Покрај опуштениот и суверен карактер, кај Веј 03 посебно се забележува ниското ниво на бучава“, оценуваат германските експерти за премиум сестрата на Хавал Х6

Во споредба со Икс3, на Веј му недостига острина и ангажираност на возачот, но тоа го надоместува со комфор и првенствено со ниска бучава.

Од системи за асистенција, како предупредување при замор на возачот или самостојно следење лента, секако дека на Веј нема нешто да недостига. Германците единствено забележуваат дека системите за асистенција постојано излегуваат со некакви предупредувања и тоа му додева на возачот.

Досегот на струја изнесува 139 километри

Заслуга за тивкото возење има и тоа што „Веј 03 повеќето време го минува со електричен погон“. Големината на батеријата од 34 киловатчасови е речиси без конкуренција. Батеријата може да се полни на стандарден полнач со 11 киловати, односно на брз полнач со 50 киловати.

Изведбата со преден погон има електромотор од 163 КС, додека во изведбата со погон на сите тркала следува соодветно и електромотор од 184 КС за задната оска. „Турбо-бензинецот пријатно останува во заднина и неговите 204 КС се сумираат на 367, односно 442 КС“. Системскиот вртежен момент изнесува 685 њутнметри во изведбата со погон на сите тркала.

„Крајна брзина од 230 километри на час денес си дозволуваат само мал број модели во оваа класа“

Тоа што Ауто Билд има позитивни оцени и за изработката и за чувството во кабината, му додава решавачки бодови на Веј 03. „Амбиентот во внатрешнсота е беспрекорен, со отмени материјали и чиста изработка, а опременоста секогаш е богата кај Кинезите.“ Добри зборови и за отсуството на „дигитален оверкил“.

Уредникот Гајгер забележува: „ГВМ уште ги нема објавено цените, но верзијата со преден погон ќе чини над 45.000 евра, а сигурно и верзијата со погон на сите тркала ќе биде далеку над 50.000 евра.“ Но, тоа веројатно нема да ги одврати купувачите, затоа што колегата веднаш додава дека „тоа не е евтино, но ако се мери со конкуренцијата од југот на Германија, Веј 03 речиси е понуда што не се пропушта.“

Тоа е најверодостојно мерило за секој модел и марка: Публиката покажа интерес при неодамнешното пробно возење за Хавал Х6 и Јавал Џолион во Скопје. Во план се и други градови

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новата Порше Панамера вози подолго на струја, комби повеќе не се нуди

mercedes w 124 cabriolet

Овие модели на Мерцедес в година ќе слават триесетка