за

Alfa Romeo воведува втора смена за Tonale, Америка бара возила

Во фабриката во близина на Неапол ќе се работи во две смени, за да се покрие побарувачката за Tonale, компактниот СУВ-модел на Alfa Romeo.

Концернот Stellantis воведува втора смена во својата фабрика во Помиљано, во Италија, со цел да ја зголеми продукцијата за новиот СУВ-модел Tonale. Италијанската марка со богата традиција се подготвува за зголемената побарувачка за моделот, за којшто наскоро ќе почнат да пристигаат нарачки од новите извозни пазари.

Alfa Romeo ја пушти Tonale во продажба во минатата пролет. Во вториот квартал од годинава, компактниот СУВ-модел ќе почне да се продава и на пазарот во САД. Преку океанот ќе се испорачува само најсилната и најпрестижна изведба со приклучен хибриден погон. Tonale од неодамна се продава и во Јапонија.

Во фабриката во Помиљано на Југот на Италија наскоро ќе започне да се произведува и Dodge Hornet, со техниката од Tonale, но со различен дизајн. За разлика од Alfa Romeo, моделот под знакот на Dodge ќе се нуди само во Северна Америка.

Со втората смена, дневната продукција на Toale ќе се зголеми на 400 возила, објавува Stellantis.

По зголемувањето на продукцијата на Tonale со двете смени дневно, ќе се вратат 1.600 вработени во фабриката во Помиљано, коишто беа на привремен одмор, објавуваат од синдикатот ФИМ.

Според податоците од синдикатот, производството во фабриката лани се зголемило за 34 проценти, на 165.000 возила. Од вкупната продукција, 20.000 возила се Tonale, додека останатите 145.000 возила се Fiat Panda. Синдикатите поредовно ги објавуваат податоците за продукцијата во Италија, отколку самите производители.

Според пазарните аналитичари, Alfa Romeo во минатата година испорачала 11.171 примероци од Tonale во Европа. Од вкупната испорака, на Италија отпаѓаат 4.661 возила.

Извршниот директор на миланската марка, Жан Филип Импарато, во ноември соопшти дека очекува вкупниот број на нарачки за Alfa Romeo Tonale до крајот на 2022 година да достигне 35.000 возила.

Tonale се продава на европскиот пазар во моделски изведби со благ хибриден погон, со дизел мотор и со приклучен хибриден погон.

Импарато очекува Tonale да помогне да се достигне целта, за 40% од вкупната продажба на Alfa Romeo на светскиот пазар, да се постигнат на пазарите надвор од Европа. Во 2021 година, тој удел изнесуваше само 18 проценти.

Во фабриката во Помиљано за неколку недели ќе стартува производството на Dodge Hornet. Првите примероци од моделот на американската марка ќе бидат испорачани во САД во вториот квартал од 2023 година.

Извршниот директор на Dodge, Тим Кунискис, во август лани кажа дека очекува Hornet да се продаде во повеќе од 40.000 примероци. Hornet ќе се продава со дволитарски бензинец и со приклучен хибриден погон со 1,5-литарски бензинец.

Можно е зголемувањето на продукцијата да биде попречено од недостигот од батерии. Импарато во ноември соопшти дека изведбата на Tonale со приклучен хибриден погон ќе биде ограничена во 2023 година, затоа што Alfa Romeo добила само 35.000 батерии од кинескиот проиводител CATL. „Можеби целата продукција за 2023 година ќе ја продадеме за само неколку месеци“, предвидува шефот.

Fiat Panda го задржа водството во делот на мини-автомобили во Европа во 2022 година, со продадени 126.033 возила, за 7,5 проценти помалку отколку преклани. Синдикатите лани соопштија дека Panda ќе се произведува во Помиљано до 2026 година.

Тест · Alfa Romeo Tonale 1.5 Hybrid Speciale · Секое време има своја Alfa

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Peugeot лани постигнал рекорден удел на 38 пазари ширум светот

Тјунерската работилница Irmscher ѝ стокми третман на Opel Astra GSe