
Alfa Romeo на 30-ти август ќе претстави спортски автомобил што ќе се произведе во ограничена серија. Според објавите во италијанските медиуми, како пример за моделот ќе послужат тркачките легенди Alfa 33.
Купето со високи перформанси се претпоставува дека ќе користи хибриден погон, составен од 3,0-литарски V6 и електромотори, со системска моќност од близу 800 КС. Италијанскиот магазин Auto објавува дека моделот ќе биде базиран врз родстерот Maserati MC20 Cielo и ќе ја носи ознаката Alfa 33.
MC20 Cielo во Италија чини 217.000 евра, меѓутоа за Alfa 33 се очекува цената да биде повисока, меѓу другото и поради ограничената серија.
Според други објави, автомобилот ќе биде именуван 6C, во чест на серијата спортски автомобили што Alfa Romeo ги произведуваше меѓу 1927 и 1953 година.
Ознаката исто така се повикува на последниот спортски автомобил на Alfa Romeo од сериско производство, на компактното купе со средишно вграден мотор 4C, како и на 8C Competizione, модел со мотор напред, што се произведе во мала серија и се продаваше меѓу 2007 и 2010 година.
Alfa Romeo ги покани новинарите на светската премиера што ќе се одржи на 30-ти август во музејот на марката Alfa Romeo во Арезе, предградие на Милано. На најавната фотографија што е објавена на твитер се гледа маска и фразата „Il coraggio di sognare”, односно храброст да се сонува. Настанот исто така ќе биде пренесуван во живо.
It’s time to join us in dreaming. A new #AlfaRomeo encounter with history is drawing closer. On August 30th, Alfa Romeo will reveal to the world a creation born from #daring: your deepest passion awaits to be awakened. Save the date! https://t.co/33c3MzLcbI pic.twitter.com/lL10MGyjcU
— Alfa Romeo (@alfa_romeo) July 21, 2023
Извршниот директор на Alfa Romeo, Филипе Импарато, и главниот дизајнер Алехандро Месонеро-Романос, изјавија дека тие сакаат да видат „хало“ спортски автомобил за Alfa Romeo. Италијанската марка со богата традиција, којашто до 1980-те уживаше поголем углед и од денешното премиум трио Mercedes-Audi-BMW, дел е од концернот Stellantis од 2021 година.
Alfa Romeo првпат ја користеше ознаката 33 во средината на 1960-те години, за спортскиот модел што се изработуваше во тркачка и во патничка изведба. Во 1975 и 1977 година, Alfa Romeo 33 го освојуваше светското првенство со туристички автомобили.
Патничкиот модел, купето со две седишта T33 Stradale, располагаше со мотор вграден назад и погон назад. Дволитарскиот V8 со моќност од 230 КС беше приспособена варијанта на моторот во тркачката Alfa 33. Откако стартуваше продажбата во 1967 година, само 18 примероци беа изработени од 33 Stradale.

Купето 4C е последниот спортски модел на Alfa Romeo од сериско производство, продаван меѓу 2013 и 2020 година.
Alfa Romeo неделава објави дека ќе ја одбележи 10-годишнината од лансирањето на 4C со уникатен примерок изработен во таа чест. Проектот со исклучителен дизајн е дело на Алесандро Маколини, проект менаџерот за дизајн на Alfa Romeo.
4C беше конструиран околу монокок од карбонски влакна, со помошни рамки од алуминиум напред и назад, исто како и Maserati MC20.
Автомобилот го виде светлото на денот како концепт прикажан на салонот во Женева во 2011 година. Две години подоцна, на истото место имаше премиера серискиот модел. Од 4C се произведени помалку од 10.000 примероци. Поради тоа што беше хомологиран како малосериски автомобил, од Alfa Romeo 4C можеше да се произведуваат до 1.000 примероци годишно, за Европа и САД.
За изработката на автомобилот беше задолжена истата фабрика на Maserati во Модена, каде што моментно се произведуваат MC20 и MC20 Cielo.















