Еден од најголемите производители на нафта во светот ќе подига еколошки град на суперлативите. Тој ќе биде долг 170 километри, ќе биде без улици и без автомобили.
Крунскиот принц Мохамед бин Салман го претстави проектот наречен „Линијата“ на државната телевизија. Според проектот, во градот ќе живеат еден милион лица. „Линијата“ е дел од контроверзниот проект Неом, вреден 500 милијарди долари, покрај брегот на Црвеното Море. Принцот го најави тој проект уште во есента 2017 година.
Градот во којшто луѓето ќе се движат пеш, ќе располага со училишта, болнички центри и зелени паркови. Јавниот превоз се изведува на тој начин, што до секоја точка од градот ќе се пристига за најмногу 20 минути. Вештачката интелигенција ќе има клучна улога. Користената енергија во 100% ќе потекнува од одржливи извори.
Урбаниот простор ќе биде наменет за пешаците и велосипедистите, додека сообраќајната инфраструктура ќе се гради под земја и таа ќе ги спојува одделните центри од градот долг 170 километри.
Изградбата ќе започне најдоцна до март. Бин Салман ја започна гигантската реформа во 2016 година. Во рамките на „Визија 2030“, државата ќе ги модернизира економијата и општеството, со цел да постигне независност од бизнисот со нафта.
Овие проекти го прикажуваат Мохамед бил Салман како реформатор, но тој повеќепати ја има покажано и својата брутална страна. Тој е одговорен за убиството на новинарот Џамал Кашоги и со години води војна во Јемен.
Саудиска Арабија е најголем извозник на сирова нафта во светот. Проектот „Неом“ ќе се гради на северозападот на земјата, во непосредна близина со Египет и Јордан. Тој ќе биде основата на планот за иднината „Визија 2030“. Поради проектот ќе мора десетици илјади лица да ги напуштат своите села. Државата е мошне строга кон локалните жители што се противат на проектот.















