за

Тест · Volkswagen Amarok 3.0 TDI Style · Како нов човек

Пикапов на Volkswagen е толку убедлив во својата мисија, што човек по возењето на Amarok помислува да си најде спорт со гломазна опрема или да почне со хортикултурно уредување на дворови.

Пикапот е новата форма на луксуз и изобилство. Оваа категорија возила, со конструкцијата е повеќе камион отколку автомобил, и повеќе е работно возило, отколку брз и удобен крстосувач. Камионет, камионче. Тоа е истата категорија возила каква што користат техничките служби на големи компании од општествено значење, за на пример да качат еден тон тежок трансформатор до некој предавател на врвот на планината, или слично.

Volkswagen од претходната генерација на Amarok продаде 830.000 примероци. Според статистики од трета страна, само еден од секои десет продадени пикапи ширум светот се користи навистина за намената за којашто е замислен, значи како работно возило. Останатите девет служат за луксузирање. Во Порше Македонија уште ја немаат видено товарната изведба на Amarok. Никој не побарал таква верзија.

Зошто пикапот е луксуз? Затоа што човек треба прво да поседува уште бројни нешта што не се неопходни во животот, за воопшто да му затреба пикап. За почеток, тоа може да биде „обичен“ квадрицикл, скиџет, опрема за параглајдинг, нуркачка опрема, даска за сурфање… но, исто и чамец за рафтинг, мотоцикл за крос, па сé до малечок едреник од три тони. Секогаш кога има нешто екстра да се влече зад возилото, многу повеќе прилега кога тоа се прави со пикап.

Малкумина остануваат имуни на пикапот. Уште како деца, луѓе си замислуваат дека се возачи на пикап, исто толку често, колку што сонуваат во животот да станат камионџии, лекари и астронаути. Многумина и во зрели години се прашуваат, какво е чувството да се вози пикап, или уште повеќе, како би изгледало секојдневието со пикап во возниот парк. Токму таа мистика ја прави посебноста на оваа сорта возила.

Volkswagen Amarok, втора генерација. Лакиран во некоја боја, на којашто дамите секогаш ѝ го знаат името, а на пикапов изгледа нежно и сосем несоодветно за камион. Но, точно таа спрега функционира кај овие возила: Да се излезе од шемата и од секојдневното гледање на нештата.

Луксузниот пикап не е исклучок во товарната понуда на Volkswagen NFZ, покрај легендите Caravelle или Multivan

Amarok во понудата на Volkswagen е во друштво со Caddy, Transporter, Crafter, а по ново и со електричниот ID.Buzz. Тоа значи дека пикапов спаѓа во Volkswagen Nutzfahrzeuge, во понудата од товарни возила. Со цената од 39.528 евра за основната изведба, Amarok ниту оддалеку не е скап како останaтите легенди во понудата, од ковот на еден Multivan или камп-легендата California. Но, ситуацијата се менува кога ќе се дојде до делот од ценовникот во којшто е позицониран демо-примероков.

Место дволитарски дизел со 170 КС, тука работи трилитарски V6 со 241 КС. Бидејќи шестоте њутнметри тешко може да се пренесат преку лизгачка ламела, овој мотор секогаш доаѓа во комбинација со класичен автоматски менувач, со некласични 10 степени на пренос. Станува збор за автоматик со претворач на вртежен момент, значи не е менувач со двојна спојка или каква било друга варијација.

Во погонот може да се интервенира дополнително, со вклучување теренска редукција, но и со можност за блокирање на задниот диференцијал, во случај кога едно тркало ќе се најде во воздух или е паднато во длабока кал. Теренската подготвеност е импресивна, иако не може да се очекуваат чуда, затоа што меѓуоскиното растојание од близу 3,3 метри ограничува, кога подлогата е многу нерамна и Amarok може да „наседне“.

Разликата меѓу R4 и V6 изнесува околу 4.500 евра; Љубителите на големи и отмени мотори нема да се двоумат околу изборот

Менаџерите на Volkswagen Nutzfahrzeuge (на милозвучен германски јазик тоа се изговара „нуцфарцојге“), како намерно да ги наведуваат купувачите на поголемиот мотор. Ако се споредува со верзијата со 2.0 TDI со автоматик, трилитарскиот дизел чини 4.588 евра повеќе – вклучувајќи и значително побогата опременост. Кога во возење ќе се почувствува мекоста и суверената моќ на шесте цилиндри, доплатата за моторот е многу полесно да се „преболи“.

Amarok верно ги прикажува сите обележја на еден пикап, почнувајќи од високиот и рамен нос, преку огромниот слободен простор под крилата, за да работи амортизацијата, до задолжително втиснатото име на моделот во вратата на товарниот простор. Хром исто така не смее да недостига, исто како и шарен натпис 4Motion отстрана. Дебело хромираниот рол-бар е опција, како дел од пакетот Style, што вклучува уште дваесетина ставки и чини 5.050 евра. Луксузот мора да се испочитува.

Ова е цврста градба, само хаубата тежи колку половина градски автомбоил

Тука не се седнува во возилото, туку се качува. Левото стопало на широкиот нагазник, левата дланка цврсто на рачката, како вежба којашто ќе биде воведен дел од секое уживање зад воланот – и миг потоа, Amarok одеднаш престанува да биде камион и се претвора во автомобил. Дигиталните инструменти од 13,2 инчи (стандардно 8) духовно се надополнуваат со исправен средишен дисплеј од 12 инчи (стандардно 10). Воланот е уредно обложен со кожа, командите се автомобилски, вклучувајќи и копче за радарскиот темпомат, па и за говорни команди.

Нормално дека покрај дисплеј-облакодерот нема место за физички копчиња за контрола на климата. Во време на автоматски клима-уреди со сензори за чистота на воздухот, повеќе е инает да се критикува отсуството на вистински копчиња. Меѓутоа, во услови на нашиот сообраќај, корисно е да има барем едно копче за прекин на дотокот на свеж воздух, кога ќе се погоди напред да вози предавателска станица за ПМ-честички.

Ако некому пречи тоа што кокпитот е изработен од пластика штои се разликува од автомобилите на VW, тогаш и за тоа има решение: Пакет во којшто кокпитот е обложен со кожа

На малкуте дизајнери за ентериер во „Nutzfahrzeuge“ им било оставено простор да внесат барем нишка отменост во кокпитот, што се препознава по два три панели во средишната конзола и во вратите, што треба да имаат украсна функција. Целиот „пејзаж“ сепак укажува дека станува збор за модел од ценетата програма на товарни возила на VW, затоа што пластичните облоги се со послаба спецификација отколку во Golf & Tiguan. Но, кој ќе бара Amarok уште тоа барање да го задоволи? За „пластиката“ постои пакет во којшто целиот кокпит е обложен со кожа. Кој сака нека повели.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Тоа што Volkswagen Amarok го умее подобро од имање мека пластика – божем на секое седнување ќе се чука со зглобовите на прстите по таблата – тоа е возењето. Пикапов вози сензационално. Моторот е тивок, подвозјето е тивко, амортизацијата работи комфорно како кај лимузински крстосувач, а како врв на сé, човек ќе се изненади кога ќе види колку седи повисоко отколку возачите во „СУВ-ите“, коишто дотогаш се ценеле како високоседачи.

Каросеријата „плива“ по нерамнините, возењето некогаш личи повеќе на пловење, меѓутоа сé е под контрола; Точно тоа му дава душа на овој пикап – теренски моќник што нежно си ги вози патниците

За тоа има заслуга и долгото меѓуоскино растојание – цел Volkswagen Up е само дваесетина сантиметри подолг – меѓутоа и големата резерва што е оставена во óдот на тркалата, затоа што каросеријата треба да се амортизира и кога ќе се натовари еден тон врз носечката платформа. Секако дека тука не може да се очекуваат врвна автомобилска динамика во возењето и спортски возни својства, но генерално нема ограничувања во тој поглед во секојдневието. Цел арсенал од системи за контрола на возната динамика се грижат за безбедноста и спокојсвото на возачот и неговите патници.

Возилово е создадено да вози секаде. Во поглед на способноста за пробивање по теренот, ова е најподготвеното возило што Volkswagen го има во својата понуда, на рамниште со Toyota Hilux или Isuzu D-Max.

Ценовникот почнува од 39.528 евра за изведбата на Amarok со мотор 2.0 TDI со 170 КС и мануелен менувач со 6 степени. Тоа ќе биде веројатно и првиот избор на купувачите што вредноста на потрошувачката на гориво од 10 литри на тестираниот модел со 3.0 V6 ќе ја ценат како висока – иако тоа е мошне разумна вредност. Втората изведба во ценовникот доаѓа со повисока опременост и со 10-степениот автоматски менувач.

Тестираната изведба е во ниво Style и стандардно чини 46.909 евра. Со пакетот дополнителна опрема што содржи вкупно триесетина ставки, цената на демо-примероков доаѓа до 52.600 евра.

За пикапот да биде уште толку поексклузивен, следна изведба е Panamericana, препознатлива и по стилот, со цена од 53.196 евра, додека со врвна теренска подготвеност стои на располагање изведбата Aventura, чијашто цена е 54.369 евра.

Стандард во основната изведба се мануелен клима уред, важни системи за асистенција, централна брава со далечинска команда, темпомат, дигитални инструменти од 8 инчи, ретровизори – вклучувајќи и собирање, сензор за дожд, диодни светла, електрика на прозорци.

Во изведбата Life, каде што освен екстра опрема следи и автоматски менувач, Amarok добива уште: Тркала од лесен метал од 17 место 16 инчи, лакирани браници и каросериски детали, приспособлив темпомат, електромеханичка паркирна сопирачка, магленки, кожа на волан и уште бројни детали.

Тестираниот модел во изведбата Style, излегува од фабрика опремен уште со тркала од 18 инчи, двозонска клима, хромирани каросериски детали и хромирана маска, паркинг сензори напред и назад, пристап без клуч, дисплеј од 12,3 инчи, електрично местење на возачкото седиште, автоматско долго светло, звучна изолација на ветробран, систем за задржување и следење лента, безжично полнење, облога на товарниот простор.

За секоја изведба може да се избере посебно скроен пакети дополнителна опрема, коишто се состојат од десетици одделни ставки. Тоа е добро доколку човек има поголеми барања и планира солидно да го опреми својот Amarok, но не е толку добро ако бара само една ставка – на пример, кој цени дека дебело хромираниот рол бар е неизоставен дел од неговиот иден пикап, тогаш рол-барот ќе го чини 5.050 евра. Тоа секако дека не е цена само за рол-барот, туку во неа се содржани уште две дузини ставки, од греен ветробран и волан, преку нагазници, до темпомат што самостојно поаѓа и запира кога се вози во колона. Тоа сепак е направено во корист на клиентите, за цената за екстра облагородувањето на Amarok да се држи во разумни граници.

Техничките податоци, опременоста и цената за Volkswagen Amarok 3.0 TDI Style во нашиот онлајн-каталог за сите нови автомобили на македонскиот пазар АВТОСАЛОН.МК

Volkswagen Amarok 3.0 TDI 4Motion Automatik Style

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota им помага на стартапите што ѝ помагаат на планетата

Со електромотор и турбо: Porsche Cayenne со 739 КС, најсилен во историјата