
Семејството мотори Фајерфлај, што е развиено од Фиат Крајслер Аутомобилс, ценето е поради алуминиумските блокови и иновативната технологија Мулти Ер. Овие мотори првпат беа користени во Јужна Америка во 2016 година, а од 2018 година се вградуваат и во европските модели.
Производството на моторите Фајерфлај се одвива во фабриката Термоли во Италија, во којашто неодамна се влеаја нови инвестиции од концернот Стелантис.
Моторите Фајерфлај се изработуваат во неколку варијанти, вклучувајќи го трицилиндарскиот 1.0 Т3, четирицилиндарскиот 1.3 Т4 и варијанта со зафатнина од 1,5 литар, коишто се користат и во погонски системи со благ или приклучен хибрид.
За моторите да се приспособат за нормата Еуро 7, потребни се обемни зафати во техниката. Мора да се подобрат системите за пречистување на издувните гасови и да се смали емисијата на најситните честички ПМ. Според Стелантис, новите мотори Фајерфлај, покрај тоа што ќе ги исполнат строгите норми за емисија, ќе постигнат и пониска потрошувачка и подолга трајност.
Важен чекор за фабриката Термоли
Фабриката Термоли игра клучна улога во новата стратегија на Стелантис. Покрај производство на мотори Фајерфлај, тука годинава ќе почне и изрботката на новите менувачи со двојна спојка е-ДЦТ.
Со планираната годишна продукција од 300.000 единици, фабриката ќе стане центар за изработка на електрифициран погон. Со овие инвестиции се обезбедуваат работните места во регионот, а во исто време се зајакнува и улогата на Италија во концернот Стелантис.
Одлуката да се прошири производството во Термоли е воедно и стратешки чекор за намалување на зависноста од фабриките за батерии. Стелантис ќе биде во состојба да реагира побрзо на промените на пазарот и во исто време ќе ги исполни нормите Еуро 7.
Отстапување од моторите Пјуртек
Одлуката да се продолжи усовршувањето на моторите Фајерфлај е во чекор со потстепеното заменување на моторите Пјуртек, што се произведуваат во Франција. Овие мотори трпеа критики во минатото, поради техничките проблеми, главно предивикани од оштетувањата на запчестиот ремен. Под новото раководство на Антонио Филоса, кој ја презеде контролата со Стелантис во 2025 година, производството на Пјуртек моторите во фабриката во Дуврен ќе престане во 2026 година.
Префрлувањето на мотори Фајерлај е јасен знак дека новиот шеф се залага за италијанските фабрики и технологии. Тоа може да биде и сигнал дека концернот посилно се залага за квалитет и издржливост, со цел да се врати довербата кај клиентите.
Влијанијата врз европскиот пазар
Усовршувањето на моторите Фајерфлај ќе има далекусежни влијанија врз европскиот автомобилски пазар. Од една страна, се зајакнува позицијата на Стелантис како производител на напредни погонски технологии. Од друга страна, концернот укажува дека и покрај засилената електрификација на пазарот, Стелантис вложува и во мотори со внатрешно согорување.
Приспособувањето за нормата Еуро 7 претставува голем предизвик, затоа што новите прописи условуваат и построги гранични вредности за емисијата, но и подолга трајност на системите за пречистување на издувните гасови. Стелантис гледа потенцијал во моторите Фајефлај, за тие да се приспособат за новите прописи и да се задржи конкурентноста.















