Во екот на електрификацијата и вмрежувањето на автомобилите, индустријата мора да вложува сé повеќе во софтвер. Се предвидува дека во 2030 година, трошоците за софтвер на годишно ниво ќе пораснат од 26 милијарди долари лани, на 59 милијарди долари.
Браншата бара решенија за автомобилите во иднина уште од почеток да се развиваат за една и единствена софтверска платформа. На тој начин ќе може годишно да се заштедуваат по 16 милијарди долари, по 2030 година. Тоа е заклучокот на најновата серија студии на институтот Роланд Бергер, именувана „Компјутери на тркала“. Студијата ја истражува иднината на софтверот во автомобилската индустрија, во поглед на трошоците, трендовите и начините за справување со предизвиците.
„Автомобилската индустрија може да си го дозволи софтверот што ќе ѝ биде потребен во иднина, само доколку ги смали трошоците на друго место“, порачуваат од Роланд Бергер. Со сегашниот пристап при конструирањето на автомобилите, софтверот и техничките функции се интегрираат во постоечкиот концепт на автомобилот. Тоа што треба да се менува во иднина е инженерите при конструирањето да користат концепт на возило што се раководи според еден и единствен софтвер.
„Автомобилот од иднината е компјутер на тркала – тоа мора да се има предвид уште во првите чекори при конструирањето на автомобилот“, велат од институтот Роланд Бергер
Авторите на студијата проценуваат дека трошоците за софтвер ќе се зголемуваат по 6 проценти секоја година. Тоа значи дека до 2030 година, трошоците ќе удвојат и ќе достигнат 59 милијарди долари на годишно ниво. Со примената на концептот на Software-Defined Vehicle (SDV) зголемувањето на трошоците ќе се ограничи на 70 проценти и ќе достигне 43 милијарди долари во почетокот на следната деценија.
За да се заштеди, прво мора да се вложи. Концептот на SDV бара да се вложува во посложена софтверска архитектура, што ќе чини околу 7 милијарди долари. Ова вложување сепак ќе се надомести и ќе донесе заштеда, преку значителното смалување на трошоците што ќе бидат потребни при масивен развој на софтвер. Во подрачјето на тестирањето може да се заштедат 11 милијарди долари, во интеграцијата 8 милијарди долари, додека трошоците за одржување на софтверот ќе се смалат за 3 милијарди долари. Со тоа се ослободуваат ресурси за развој на нов софтвер.
За да се случи оваа клучна промена во браншата, треба соодветно да се организира и соработката меѓу производителите на автомобили и нивните добавувачи. Браншата мора да се договори за воведување заеднички норми за архитектурата на возилата, како и за воведување софтвер со отворен програмски код, Open-Source-Software. Кога компаниите ќе можат да продаваат сопствен софтвер како докажан производ, ќе може да се користи предноста од масовноста и да се повратат трошоците во развојот.
Volvo отвора 700 работни места за софтверски инженери во Стокхолм