Липмотор е прв кинески стартап за електрифицирани возила што ја мина границата од два милиони произведени примероци

Липмотор Д19 е славеничниот двомилионски модел на кинескиот стартап и партнер на Стелантис; Д19 на салонот во Париз

Додека европската сцена уште се навикнува на новите имиња од Далечниот Исток, кинескиот производител Липмотор веќе испорача два милиони возила од своите ленти – темпо со кое зад себе ги остави и многу попознатите стартапи како Нио, Икспенг и Ли Ауто.

Кога во автомобилската бранша се зборува за новата кинеска сцена на производители на возила со нови видови погон (НЕВ – целосно електрични и приклучни хибриди), вниманието на западната јавност долго време беше свртено кон имиња како Нио, Икспенг, Ли Ауто, Зикр или технолошкиот џин Шаоми. Тоа се т.н. „стартап“ марки – нови играчи основани во последната деценија без наследство од ерата на моторите со внатрешно согорување, за разлика од традиционалните гиганти како БИД, Џили, Грејт Вол Мотор или Чери.

Но, додека конкурентите често привлекуваа внимание со скапи знаменосци и смели ветувања, Липмотор тивко, со „кинеска брзина“ и со разумна ценовна политика, изби на чело. На 19 ноември, од производната лента во интелигентната фабрика во Ѓинхуа се симна двомилионитиот сериски произведен автомобил на марката (знаменосецот Д19), со што Липмотор стана првиот кинески НЕВ-стартап што ја достигна оваа бројка.

Продажба над 100.000 возила месечно, повеќе од Нио, Ли Ауто и Зикр заедно

Зад јубилејот стои силен пазарен залет. Само во октомври 2026 година, Липмотор испорача рекордни 106.127 возила на светскиот пазар, што е четврти месец по ред со продажба над 100.000 примероци. За споредба, во истиот месец Икспенг и Шаоми за првпат ја минаа границата од 50.000 возила, Нио испорача околу 34.000, а Ли Ауто близу 29.000 примероци – што значи дека Липмотор во еден месец продал повеќе автомобили отколку Нио, Ли Ауто и Зикр заедно. Во периодот од јануари до октомври, марката испорача вкупно 772.666 возила, што претставува раст од 65,88 проценти во споредба со истиот период лани.

Основата на овој подем лежи во долгорочната посветеност на сопствениот развој и високата ефикасност. Преку целосен внатрешен развој на клучните технологии и сопствено производство на најважните компоненти, Липмотор успева да ги држи трошоците под контрола и да понуди напредна техника по цени што се достапни за поширок круг купувачи.

Овој пристап се отсликува низ целата понуда на модели, распоредена на платформите А, Б, Ц и Д – од градски возила до луксузни знаменосци. Сериите Ц и Д заедно сочинуваат повеќе од половина од сите два милиони произведени возила, додека само серијата Ц се приближува до бројката од еден милион продадени примероци на глобално ниво. Моделите Ц10 и Ц11 поединечно веќе имаат надминато по 350.000 продадени возила.

Залетот се гледа и кај најновите модели на глобалната сцена. Компактниот СУВ Б10 останува еден од најбараните модели на марката ширум светот, додека Б03Икс, кој од октомври се нуди и надвор од Кина, веднаш се проби меѓу најпродаваните во својот сегмент.

Најпродавани компактни и малечки СУВ во Европа по 10 месеци

Европска офанзива со Стелантис и домашно производство во Шпанија

Вистинската причина зошто оваа бројка има тежина и на стариот континент е партнерството со концернот Стелантис (групацијата на Пежо, Ситроен, Фиат и Опел), преку кое Липмотор доби готов влез во европската продажна и сервисна мрежа. Резултатите се видливи веднаш: во првата половина од 2026 година, Липмотор регистрираше 48.261 возило во Европа – раст од 526,7 проценти, со што на континентот продаде повеќе автомобили од марки како Порше, Лексус, Хонда и Алфа Ромео.

На неодамнешниот салон за автомобили во Париз, марката го најави следниот чекор во европската стратегија: премиера на градскиот Б03, претставување на знаменосецот Д19 за европската публика и официјален старт на сериското производство на моделот Б10 во фабриката на Стелантис во Сарагоса, Шпанија. Со локално производство во ЕУ, Липмотор директно ги избегнува високите европски царини за електрични возила увезени од Кина, додека мрежата на продажни и сервисни центри низ Европа веќе надмина 850 локации.

Докажан и на македонските патишта: Тестот на Ц10 од 800 километри

Дека Липмотор не е само статистика од далечните пазари, туку сериозен играч и во реални услови, веќе се уверивме и на домашната сцена. Како што покажа големиот тест на Аутомедиа – традиционалната тура долга близу 800 километри по најширокиот круг низ Македонија и преку осум планински превои – електричниот Липмотор Ц10 без драма и со сосема реална потрошувачка ги совлада сите предизвици на домашните патишта, привлекувајќи огромно внимание кај читателите и гледачите. Покрај конкурентната цена и богатата опременост, за домашните возачи клучна останува и сигурноста што ја носи логистиката на Стелантис, со продажба и сервис преку увозникот Автонова.

Липмотор Ц10 · На пат од 800 километри со електричен автомобил низ Македонија (Прв дел)

Два милиони возила, два милиони гласови на доверба

Двомилионитиот автомобил за Липмотор претставува пред сè доверба од купувачите кои го избрале брендот поради спојот од технологија, квалитет, практичност и вредност за вложените пари. Растот на марката не се темели на маркетиншка врева, туку на возачи кои гледаат што автомобилот навистина нуди во секојдневието.

Со цврста внатрешна контрола врз развојот, производството и квалитетот, Липмотор продолжува да ги зајакнува темелите за одржлив раст и да создава возила приспособени на реалните потреби на возачите – како солидна основа за следната етапа од својот глобален поход.

Претходна објаваПолначи за електрични камиони се поставуваат масовно, Холандија доби трет центар