
Европскиот автомобилски пазар продолжи со позитивниот тренд во октомври, со раст од 3,3 проценти и 1.114.562 автомобили. Наспроти тоа, забави зголемувањето на пазарниот удел на кинеските марки. На автомобилите од кинеските производители во октомври им припаднаа 13,5 проценти од пазарот, што претставува пад во споредба со уделот од 14,6 проценти во септември. Тоа го покажуваат добиените податоци од 98 проценти од пазарите во ЕУ, Обединетото Кралство и ЕФТА. Вкупно во првите десет месеци годинава се продадени 5,8 проценти повеќе возила.
Септемвриската продажба на Тесла, којашто беше рекордна за производителот на електрични автомобили од САД на европскиот пазар, не продолжи со истото темпо во октомври. Во споредба со лани, Тесла во октомври годинава продала 73 проценти повеќе возила, но тоа е далеку зад септемврискиот рекорд од 66.035 возила. За специјалистот од САД е вообичаено продажбата во првите месеци од кварталот да биде слаба, за во последниот месец од секој квартал да следи нагло зголемување.
Тесла Модел Ипсилон, којшто беше најпродаван модел во септември, еден месец подоцна падна на 31. место, додека Модел 3, втор најпродаван модел во септември, се најде дури на 112. место. Дачија Сандеро засега е октомвриски шампион, со 98 проценти од пристигнатите податоци и со продадени 17.812 возила. Следат Фолксваген Голф и Тојота Јарис Крос.
Кинеските марки, пак, постигнаа најголем раст во проценти, предводени од Чанган, кој наспроти одвај 100 возила во октомври лани, годинава го заврши месецот со 2.847 возила. Џили е втор, со раст од 300 возила лани на 8.144 возила во октомври годинава.
Чери напредуваше 290 проценти со 7.348 возила, додека Липмотор, марка каде што е акционер Стелантис, постигна раст од 256 проценти и продадени 13.902 возила. Единствена кинеска марка што загуби пазарен удел е Полстар, со пад од 30 проценти и 2.659 продадени возила.
Хонда води меѓу „некинеските“ производители
Настрана од Тесла, Хонда имаше поголем раст од која било традиционална големоволуменска марка на европскиот пазар, со раст од 22 проценти и продадени 6.142 возила. Меѓу останатите марки што имаат раст над просекот на пазарот се Мазда (+14 проценти), Мини (+13 проценти) и Фиат со +6,5 проценти.
Марки што имаа намалена продажба во октомври се Алфа Ромео, со 40 проценти во минус и 3.021 возило, ДС со пад од 31 процент и 1.449 возила, како и Сеат, со пад од 30 проценти и 11.601 возило. Иднината на шпанската марка е неизвесна и концернот Фолксваген инвестира повеќе во марката Купра, којашто е позиционирана повисоко.
Влијае и тоа што Сеат нема електричен модел. Ауди, Дачија, Форд, Хјундаи, Опел, Порше и Волво загубија преку 10 проценти во споредба со лани.
Според видот на гориво, батериските електрични возила го зголемија својот пазар за 57 проценти во октомври, односно за 43 проценти сметајќи од почетокот на годинава. Купувачите ги користат субвенциите на големите пазари и бараат решение за високите цени на горивата по конфликтот на Блискиот Исток.
Расте и продажбата на приклучни хибриди, особено откако кинеските марки го засилија увозот пред ЕУ да воведе квоти за овој вид погон за Кинезите. Приклучните хибриди постигнаа раст од 11 проценти во октомври и 21 процент за 10 месеци.
Класичните хибриди се 8 проценти во плус во октомври, односно 13 проценти од јануари до октомври.
Продажбата на бензинци падна за 18 проценти во октомври и 7,9 проценти во досегашниот тек на годината, додека дизелите се соочија со пад од 26 проценти во октомври и 16 проценти за десетте месеци.
















