Што ќе вози новиот Џејмс Бонд 007

Роберт Патинсон, прочуен по ликовите во Хари Потер и Сага на самракот, ќе биде новиот Џејмс Бонд. Подеднакво е важно и каков службен автомобил ќе вози тајниот агент.

Повеќемесечната потрага заврши. Роберт Патинсон е новиот Џејмс Бонд. Филмското студио Амазон МГМ го соопшти тоа во понеделникот, на 16-ти ноември. Британскиот актер на 40-годишна возраст ќе ја наследи улогата на Даниел Крег, кој се збогуваше со тајната служба во 2021 година во „Нема време за умирање.“

Патинсон е седмиот актер во филмската серија што ќе ја толкува улогата на најпознатиот таен агент во светот, на британскиот 007. Тоа што отсекогаш го придружувало Џејмс Бонд на филмското платно, покрај убавите жени, секако се автомобилите. Затоа е важно и прашањето, кој ќе биде новиот службен автомобил на Патинсон, во неговата улога на дабл-оу-севен?

Астон Мартин, Лотус, можеби електричен автомобил?

Традиција е Џејмс Бонд да вози модел од британската марка престижни спортски автомобили Астон Мартин. Новиот Ванквиш би бил првиот кандидат за премиерното појавување на Патинсон во улогата на тајниот агент. Спортскиот автомобил располага со мотор Ве-12 од 5,2 литри, со битурбо натполнење и моќност од 835 КС, со што постигнува крајна брзина од 345 километри на час. Конструиран како класичен гран-турузмо, Ванквиш совршено ќе се вклопи во традицијата на Бонд.

Постои можност за враќање на уште едно класично име од британската автомобилска историја. Лотус развива нова генерација спортски автомобили со хибриден погон, којашто ќе стартува во 2028 година и се развива под ознаката Тајп 135. Можно е да се врати и звучното име Есприт.

Новиот спортски автомобил на британската марка што денес е во сопственост на кинеската групација Џили, ќе поседува Ве-8 со битурбо натполнење, и со хибридна теника ќе постигне моќност од преку 1.000 КС. Тоа ќе биде природно продолжение на улогата на Лотис Есприт во „Шпионот што ме сакаше“ од 1977 година. Сцените во коишто Есприт се претвора во подморница се меѓу најповторуваните кадри од Бонд-филмовите. Уште не е потврдено дали новиот модел ќе го носи името Есприт.

Се спомнува и еден француски автомобил, со голема историја. Ситроен во октомври го најави враќањето на 2ЦВ преку студијата на едноставен електричен автомобил што беше прикажан на салонот во Париз. Сериската изведба се очекува во 2028 година. Историскиот модел се појави во „Само за твоите очи“ во 1981 година. Роџер Мур зад воланот на дречливо жолт 2ЦВ извозе една од најспектакуларните бркотници во оваа филмска серија.

Помала е веројатноста за останатите автомобили што се во игра, но нивната техника е интересна. Се зборува за идниот Тесла Родстер, со млазен погон што овозможува возилото да се подигне. Неизвесно е дали сериското производство ќе започне во 2028 година.

Внимание привлекува и кинескиот Би Уај Ди со нивниот хиперспортски автомобил Јангванг У9 Екстрим. Овој електричен автомобил во почетокот на ноември постигна брзински рекорд со 503,17 км/ч. Но, седнувањето на британскиот таен агент во кинески спортски автомобил ќе биде многу необично за сцената.

Автомобилите што ги возеше Даниел Крег

Во ерата на Даниел Крег беше нагласена поврзаноста на Џејмс Бонд со Астон Мартин. Во неговиот прв филм „Казино Ројал“ (2006), Бонд прво возеше Форд Мондео, потоа Астон Мартин ДБ5 и на крај, тогаш новиот Астон Мартин ДБС В12. Во продолжението „Трошка утеха“ (2008), тајниот агент повторно возеше ДБС.

Во 2012 година, во Скајфол, се врати легендарниот ДБ5. Астон Мартин посебно изработи филмски автомобил за Спектар од 2015 година, тоа беше ДБ10. Овој модел беше развиен само за филмот и не се планираше да се пушти во редовно производство.

Во последниот филм на Крег, „Нема време за умирање“ од 2021 година, се возеше ДБ5 и класичен ЦВ8 Вантиџ. Во филмот се појавија и ДБС Суперлегера и Валхала.

Претходна објаваРено отвора 2.000 работни места во производство, отпушта 1.000 лица со канцелариска работа
Следна објаваВозење без раце на волан е технологијата на Мерцедес-Бенц за 140 години од првиот автомобил