Книгата е издадена по повод почетокот на продажбата на „ГТи“ од денешницата, а тоа е електричниот Е-208 ГТи, и сето тоа во чест на 40-годишнината на големиот малечок Пежо.
Во време на инстаграм рилови, на вештачка интелигенција, наскоро роботи насекаде, Пежо решава да ја подгрее сцената за новиот Е-208 ГТи со класичен формат, со книга.
Францускиот производител во книгата објавува фотографии и моменти од историјата на незгаснатата легенда на Пежо 205 ГТи, што досега ретко се изнесувани околу овој модел. „Сагата на ПЕЖО ГТи“ опфаќа и ексклузивни документи и изјави, коишто го доловуваат духот на овие „џебни ракети“.
Покрај сериските изведби на 205 ГТи, книгата ги обработува и тркачките болиди, а посебно се осврнува на екстремниот 205 Турбо 16. Издавач на книгата е Софија Едишнс, нарачките се вршат преку вебсајтот Пежо Лајфстајл.
Книгата е продолжение од низата промотивни активности за електричниот современик на францускиот ГТи, откако истата доживеа врв со премиерата на моделот на октомврискиот салон на автомобили во Париз.
„Сагата“ опфаќа преку четири децении на Пежо во мотоспортот
Почнувајќи од 105-те КС на оригиналниот 205 ГТи до 281 КС на електричниот Е-208 ГТи, „технологијата постојано се усовршуваше, но секогаш со истата цел, без отстапка: да се понуди врвно уживање во возењето“, стои во соопштението со лав во меморандумот.
Ознаката ГТи понатаму ја презедоа уште бројни моделски серии, од 309, преку 308 до 208. Врвните спортски изведби низ годините се пуштаа на сцената и под други ознаки, како РЦ, С16, ГТ.
Воведот во книгата го напиша Жулиен Фебро, коментарот за Формула 1 на францускиот Канал+ и член на „Генерацијата ГТи“.
Книгата „Сагата за ПЕЖО ГТи“ содржи 132 страници и 132 фотографии, достапна е на англиски и француски јазик, и преку вебсајстот на Пежо Лајфстајл може да се набави за 35 евра.
















