Техниката на Ситроен 2ЦВ ќе служи и за достапен електричен модел на Опел

Новиот Ситроен 2ЦВ и неговата близначка Фиат Коала ќе ја прошират понудата од модели на концернот Стелантис во 2028 година. Третиот модел веројатно ќе биде наследник на Опел Агила.

Слика на непостоечки модел на Опел, создадена со ВИ

Магазинот Кватроруoте шпекулира дека Опел ќе понуди електричен модел што ќе ја користи техниката на Ситроен 2ЦВ. Италијанците поаѓаат од тоа што на презентацијата на Стелантис во мај, кога беше најавен проектот за Е-Кар, за достапни електрични модели со едноставна конструкција, беше прикажана слика со контури на три модели. Опашот на еден од тие модели има сличност со еден историски модел на Опел, а тоа е Агила.

Откако концернот на Фиат и Пежо го најави проектот во мај 2026 година, почна да се открива новото семејство достпени електрични модели. Ситроен во Париз прикажа студија 2ЦВ што е извесно дека ќе влезе во сериско производство, потоа и Фиат најави модел со истата техника, за којшто се шпекулира името Коала.

Двата нови модели со цена од 15.000 евра ќе стартуваат во 2028 година. Тие ќе излегуваат од фабриката во Помиљано д’Арко на југот на Италија.

Третиот кандидат за идното трио веројатно е Опел Агила. Идниот автомобил што ќе го продолжи ова моделско име на германската марка ќе биде кус, но висок, за да понуди колку може повеќе простор, со пет врати.

Стелантис го најави проектот Е-Кар преку силуетите на три автомобили. Десно е идниот Ситроен 2ЦВ, напред е Фиат Коала, додека лево веројатно е идниот модел на Опел.

Најавената платформа Е-Кар на Стелантис е наменета за малечки електрични модели, што ќе се развива со надворешни партнери. Најмногу се шпекулира со името Липмотор, кинескиот партнер на Стелантис.

Со должина од околу 3,7 метри, идната Агила ќе го пополни просторот меѓу четирициклот Рокс-Е и електричната Корса. Концептот на 2ЦВ што Ситроен го прикажа на салонот во Париз е долг 3,67 метри. Истата техника ќе ја користи идниот достапен ЕВ на Опел, со слична големина на каросеријата.

Концептниот Ситроен 2 ЦВ е долг 3,67 метри и дури е покус од оригиналниот од 1950-те. Сериската изведба на електричното мини доаѓа во 2028 година.

Концернот уште нема соопштено основни податоци околу големината на батеријата, досегот, моќноста и брзината на полнење, за своите идни Е-Карс. Бидејќи цената е главна, треба да се очекува малечка батерија, што ќе биде доволна за градското секојдневие, а веројатно и за куси излети.

Може да се очекуваат мерки за штедење, како држач за телефон што ќе ја преземе улогата на голем екран во средината на кокпитот.

Кутиестата Опел Агила од генерацијата 2000-2007 е базирана на јапонскиот Сузуки Вагон Р+ и се произведуваше во Полска

Опел ја пушти првата Агила во продажба во 2000 година и моделот во две генерации се произведуваше до 2014 година. Првиот модел беше развиен во соработка со Сузуки, којшто го нудеше Вагон Р+. Со должина од 3,5 метри, висока 1,7 метар, Агила беше варијанта на микро-автомоболите што до денес се најпродаван вид на возила во Јапонија.

Втората генерација на Опел Агила исто така се базираше на Сузуки, но овојпат на Сплеш, подолга и пониска, но пак со предност во практичноста. По завршувањето на соработката со Јапонците, Опел го понуди Карл, но тој не постигна успех.

Опел Корса во онлајн-каталогот со сите нови автомобили на македонскиот пазар

Opel Corsa 1.2 DI 100 MT6 Start

Претходна објаваВо Европа продаваат пет кинески производители на автомобили, другите се борат за остатокот