Стелантис се здружи со Донгфенг Мотор за производство на два модели со електрифициран погон од марките Џип и Пежо. Двата нови модели ќе ја користат технологијата за електрифициран погон на Донгфенг, а ќе поседуваат и напредни системи за асистенција што се развиени од кинескиот специјалист Момента.
Стелантис ќе ги продава возилата на Џип во Кина и на целиот светски пазар, вклучувајќи ги Канада и Мексико, изјави Лв Хаитао, генерален директор на Донгфенг Стелантис Аутомотив Технолоџи.
Џиповите нема да се продаваат во САД „од причините што ни се познати на сите“, кажа директорот, алудирајќи на многубројните пречки за електричните возила што се произведени во Кина на пазарот во САД, вклучувајќи и царини од преку 100 проценти.
Со продолжувањето на производството на Џип за извозните пазари, Стелантис се приклучува во врвулицата од производители што се свртуваат кон Кина и ја претвораат во центар за извоз на светскиот пазар. Мазда, Нисан и Џагјуар Ленд Ровер се некои од производителите што се потпираат на технологијата и ценовната конкурентност на своите кинески партнери, со цел да го забрзаат развојот на електрифицирани возила за светскиот пазар.
Покрај тоа, извозот на светскиот пазар им помага на производителите на автомобили да го впрегнат капацитетот во фабриките во Кина што е неискористен, како последица од досега невидениот пад во продажбата на авотмобили во Кина.
Стелантис и Донгфенг во август ја основаа Донгфенг Стелантис Аутомотив Технолоџи со седиште во Вухан, со цел да развијат електрифицирани модели за Џип и Пежо.
Возилата ќе се произведуваат со целосно електричен или приклучен хибриден погон, открива планот за производство што беше објавен во август. Стелантис ќе почне да ги продава моделите во Кина во второто полугодие од 2027 година и преку своите мрежи ќе ги извезува моделите надвор од Кина, најави Лв.
Стелантис ќе ги произведува новите модели во Донгфенг Пежо Ситроен Аутомобил, во заедничката компанија со Донгфенг во Вухан, во којашто во моментов се врши монтажа на бензински модели на Ситроен и Пежо.
Зошто Џиповите од Кина нема да се продаваат во САД
Продажбата на овие возила во САД би била голем предизвик. Во септември 2024 година, САД воведоа царина во висина од 100 проценти за електрични возила што се произведени во Кина. Земјата исто така планира да го ограничи увозот и продажбата на возила со мрежно поврзување, што користат софтвер од Кина почнувајќи од 2027 година, односно хардвер од Кина од 2030 година натаму.
Лв не наведе натамошни поединости околу плановите на неговата компанија за извоз на возилата на Џип.
Џип стартуваше со производство во Кина во 1985 година, кога Американ Моторс Корп. започна со монтажа на Чероки, во заедничка компанија со Беиџинг Аутомобил Воркс, денешен БАВ.
Производството во Пекинг продолжи и откако Крајслер ја презеде Американ Моторс Корп. во 1987 година, како и по соединувањето на Дајмлер и Крајслер во 1998 година.
Откако Дајмлер и Крајслер се раздружија во 2008 година, престана производството.
Во 2014 година, Фиат Крајслер договори партнерство со ГАЦ Групација Ко. и со тоа продолжи производството на Џип. Од 2015 до 2018 година се произведуваа четири модели – Чероки, Компас, Ренегејд и Гранд Командер.
Во 2022 година, Стелантис ја затвори заедничката компанија, откако продажбата на четирите модели од локално производство во ГАЦ, падна на 20.000 возила, од врвот со 203.000 автомобили во 2017 година. Кинескиот пазар во тоа време почна масовно да се префрлува на електрични и хибридни возила.
Џип продава три увезени модели во Кина – Гранд Чероки, Вранглер и пикапот Гладијатор.
Моделите на Џип што ќе се произведуваат во Кина ќе поседуваат интелигентни системи за асистенција, коишто се дел од посебниот договор што Донгфенг Стелантис Аутомотив Технолоџи го потпиша со Момента. Тоа е водечка кинеска компанија за развој на софтвер за автономно возење. Компаниите заеднички ќе развуваат напредни системи за асистенција во возење, базирани врз технологијата на Момента.
Овие системи умеат самостојно да го движат возилото низ градскиот метеж, можат самостојно да паркираат, сами да се престројуваат и да се движат на тесе простор и во сложени сообраќајни услови.















