Стелантис покажува во Париз дека си ја враќа силата во Европа

Стелантис прикажа шест концептни возила на претпремиерата на салонот во Париз, на настан што претседателот на концернот го опиша како досега најмасовно присуство на авто салон.

Во вечерта пред отворањето на салонот во Париз, напишаната порака „Ноќта Пред“ со којашто Стелантис ги пречека гостите во обновениот хангар на самата периферија на француската престолнина, беше сосем јасна: Стелантис си ја враќа силата на европскиот пазар.

Додека ечеше техно музика, шест концептни возила, со Ситроен 2 ЦВ како предводник, парадираа на бината што требаше да личи како модна писта, со задолжителната пируета на крај. Одвај дека некој од највисокото раководство на Стелантис отсуствуваше на настанот на 11-ти октомври, меѓу кои претседателот Џон Елкан, извршниот директор Антонио Филоса, европскиот шеф Емануеле Капелано, сите извршни директори на марки и дизајнери.

Елкан и Филоса заминаа рано за да присуствуваат на настанот што кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон го организираше во Елисејската Палата. Претседателот на концернот, Елкан, сепак не пропушти да напомене дека со деветте концепти и 60 сериски автомобили, од сите европски марки до една, Стелантис го остварува своето најголемо присуство на салон на автомобили од основањето на концернот Фиат и Пежо во завршетокот на 2021 година досега.

Изложувањето на салонот „претставува суштински дел од планот Фастлејн 2030“ објавен во мај годинава, кажа Елкан. „Планот е во полн ек и веќе ги гледаме резултатите.“

Елкан посочи посебно на платформата Е-Кар, којашто првпат ќе ја користи новиот Ситроен 2 ЦВ, електричен мини автомобил што ќе се произведува во Италија и ќе чини 15.000 евра во основната изведба.

„Е-Кар е одговорот за милиони Европејци што бараат достапен електричен автомобил,“ кажа претседателот, нарекувајќи го „конкурентен ЕВ што ќе се произведува тука во Европа.“

Концептниот Ситроен 2 ЦВ е најава за електричното мини што ќе се произведува во Италија и ќе стартува од 15.000 евра.

Филоса кажа дека концептните возила се прозорец во иднината на Стелантис и покажуваат како групацијата ќе раководи со дел од своите 14 марки. Филоса во средината на 2025 година го наследи првиот извршен директор на Стелантис, Португалецот Карлос Тавареш, кој не им придаваше големо значење на салоните на автомобили.

„Вечерва ќе видите како ќе пренесеме дел од нашите марки во иднината,“ кажа Филоса.

Мешани ставови на инвеститорите

Инвеститорите во моментов имаат различни ставови околу работењето на концернот Стелантис. Филоса успеа да ја врати некогашната продажба, но маржата и натаму е ниска. Тој вети постепено зајакнување, со подобрување во секој следен квартал.

Аналитичарите од Бернштајн кажуваат дека четвртиот најголем производител на автомобили во светот уште треба да докаже дека пресвртицата ги врати купувачите. Тие наведуваат дека неодамнешниот раст во продажбата се должи на зголемена испорака на возила кон дилерите, за да се зголемат залихите, а не на зголемена побарувачка на пазарот.

Алфа Ромео Куореросо беше меѓу концептите што ги прикажа Стелантис во предвечерието на парискиот „мондијал“

Фелипе Муњоз, аналитичар, вели дека на Стелантис му е потребна поконкурентна понуда од електрични модели, за да се спротивстави на брзото ширење на кинеските производители на автомобили.

„Тие треба да соопштуваат дека уште се во играта,“ цени Муњоз. „Стелантис се соочуваше со тешкотии, но тие уште се релевантни во Европа и мора да ја одбранат својата позиција.“

Сериските модели што ќе произлезат од концептите прикажани на 11-ти октомври и на самиот авто салон во Париз, меѓу кои се лимузината Алфа Ромео Куореросо, Фиат Мултилкеј што се претвора од миниван со шест седишта во пикап со четири седишта и спортското купе Пежо РЦЗ, може да се очекуваат во продажба дури во 2028 година.

Концептот Фиат Мултиплеј може да се претвора од семеен ван во пикап

Воспоставување разлики меѓу 14-те марки

Главниот предизвик засега е Стелантис да покаже како ќе воспостави разлики меѓу своите европски марки, од коишто дел се поклопуваат во пазарот кон којшто се насочени.

Реорганизацијата што беше објавена во мај, ги издвои Пежо и Фиат како главни марки за растот на концернот во светски размери, во коишто ќе се вложуваат најмногу од средствата во Европа. Опел и Ситроен ќе добијат повеќе регионален карактер, ДС ќе биде под одговорност на Ситроен, а за Ланчиа ќе решава Фиат.

Капелано кажа дека е важно секоја марка да зајакне и да добие свој печат. Стелантис ќе пушти во продажба над 50 нови и освежени модели до 2030 година во Европа. Капелано очекува пазарниот удел да се зголеми на 20 проценти.

Новите платформи, како СТЛА Уан и Е-Кар ќе ги скусат трошоците, а во исто време партнерствата, како со Липмотор и Донгфенг, ќе придонесат за поцелосна искористеност на фабриките.

Жил Видал, главниот дизајнер на Стелантис за Европа, ги опиша концептите како „шест различни одговори на една заедничка цел: да ги создадене нашите идни икони.“

Претходна објаваФиат Мултиплеј е семеен миниван што се претвора во пикап
Следна објаваForthing Taikong 5 стартува со продажба во Македонија во 2027

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here