Пежо РЦЗ и Е-Т16 ловат внимание со сила и брзина, ја најавуваат следната генерација модели

Пежо го доловува духот на своите следни модели преку концептите РЦЗ Вижн, во форма на електрично спортско купе со 500 КС, и Пежо Е-Т16, којшто е најава за следната генерација на електричниот 208, што доаѓа во 2027 година.

РЦЗ Вижн го носи името на последното купе со високи перформанси на Пежо, коешто се произведуваше од 2009 до 2015 година, и посебно за него се организираше тркачки куп во Франција.

Неговата улога е да ја прикаже најновата технологија со којашто располага Пежо, вклучувајќи батерија со цврст електролит, што е развиена заедно со Факториал и користи мрежа од 1.000 волти.

Втората голема премиера му припаѓа на Е-Т16, во духот на посебната серија од 205-ката, што во 1980-те години послужи како основа за хомологација на болидот во „озлогласената“ Група Б, најсилната генерација болиди во историјата на релито, со преку 600 КС. Французите сега одбележуваат 40 години откако 205 Турбо 16 ги освои првенствата во рели во 1985 и 1986 година. Пежо кажува дека тоа е најсилниот автомобил за јавни патишта што го има изработено во историјата, со 816 КС и забрзување од место до 300 км/ч (!) за 16 секунди.

Концептот Пежо Е-Т16 се навраќа на 205 Турбо 16, шампионски автомобил во рели со средишен мотор, од 1980-те години.

Овој автомобил воедно ја најавува следната генерација на 208, којашто ќе биде пуштена во продажба во 2027 година и ќе ја користи новата платформа СТЛА Уан, произведувана само во електрична изведба. Паралелно со идниот 208 ќе се продаваат и постоечките модели со бензински и хибриден погон.

Под раководството на извршниот директор Алaн Фавej, Пежо ја обновува својата понуда од модели за Европа, со седум нови модели што треба да се појават до 2030 година, почнувајќи од следната генерација на е-208.

Заедно со новиот електричен модел e-208 ГТи, што беше лансиран лани, двата концепти го отвораат новото поглавје на Пежо, во коешто се главни перформансите. Марката со лавот има долга традиција на учество во светското првенство во трки во издржливост ВЕЦ.

Во внатрешноста на Пежо РЦЗ концепт се главни воланот Хајперсквер и проѕирните инструменти.

Во рамките на планот Фастлејн 2030 на извршниот директор на Стелантис, Антонио Филоса, Пежо добива поголемо значење на европскиот пазар, и заедно со Фиат ќе добива најмногу финансии од Стелантис, како и најшироко пазарно покривање.

Пежо годинава тапка зад европскиот пазар. Продажбата на марката до август е зголемена за 4,7 проценти, додека целиот европски пазар напредуваше 5,6 проценти. Франузите се на 8-то место со продадени 429.350 возила.

Концептот Пежо РЦЗ Вижн располага со батерија со цврст електролит и мрежа што работи под напон од 1.000 волти.

По новата 208-ка, следни новитети се замената за сегашниот малечок СУВ-модел 2008, два малечки електрични модели базирани врз платформата СТЛА Уан на Стелантис, еден компактен СУВ модел со повеќе видови погон – исто така врз СТЛА Уан – и два компактни „ниски“ модели со техниката од СТЛА УАН и со повеќе видови погон, односно тоа веројатно ќе бидат наследничките на сегашната 308 и на нејзината комби изведба.

Фавеј кажа дека Пежо нема намера да понуди модел што ќе ја користи техниката од идните електрични модели Е-Кар што ќе бидат со мошне достапна цена и што ќе се произведуват во Италија. Последниот малечок модел Пежо 108 престана да се произведува во 2021 година.

Во Кина, Пежо соработува со Донгфенг, долгогодишен партнер на Стелантис, во развојот на два модели што ќе се произведуваат во земјата и ќе се продаваат на домашниот и на странските пазари. Во моментов нема планови за тие модели да се продаваат во Европа.

Фавеј посочи дека 2026 е своевидна транзициска година за Пежо, пред обновувањето на понудата од модели коешто ќе започне со новата 208-ка. Тој кажа дека директорите на Пежо разгледуваат колкаво да биде нивото на опременост, за да се обезбеди дека марката се позиционира како „висока главна струја“, за во Европа да се натпреварува поуспешно со Фолксваген, долгогодишниот репер на Пежо, како и со Тојота.

РЦЗ најавува технологија „икс бај вајер“

Пежо ја опишува РЦЗ Вижн како „ултимативен израз на дизајнот Филајн Фјучр на Пежо“ и како „досега најнапредна визија за иднината на Пежо.“

Меѓу напредните технологии се првите системи во Пежо на управување и сопирање „преку жица“, управувачот Хајперсквер со значително скусена потреба од завртување во свијоци и при паркирање, како и најновата верзија на ај-Кокпит, во којашто инструментите се поставени веднаш под линијата на гледање.

Дизајнерскиот јазик Филајн Фјучр се огледува во ниската силуета на каросеријата на РЦЗ, додека во внатешноста се оди на смален број на екрани, но со висок квалитет. Заоблениот покрив со тенки кровни столбови е по углед на првиот РЦЗ.

Концептот Пежо Е-Т16 има појава на рели автомобил и исклучително куси каросериски испусти

Е-Т16 со три електромотори и 816 КС

Концептот Е-Т16 исто така го следи дизајнот Филајн Фјучр, но прикажува повеќе мускули и поемотивна нишка носталгија од РЦЗ. Од оригиналниот 205 Турбо 16 потекнуваат широката трага на тркалата, големите браници и кусите каросериски испусти, и секако задните странични прозорци со заокружени рабови. Исто како рели-моделот од 1980-те, задната половина од каросеријата се подигнува за да се пристапи до механиката и до подвозјето.

Погонот доаѓа од три електромотори – еден напред и два назад – со заедничка моќност од 816 КС. За совршени возни својства се грижи прецизното насочување на вртежниот момент посебно до секое тркало. На секоја КС доаѓаат помалку од 2 килограми товар.

Во внатрешноста на Пежо Е-Т16 исто така се среќава воланот Хајперсквер.

Дали постои можност дека Е-Т16 ќе се произведува како основа за хомологирање на иден тркачки болид? Доколку се цени по Рено 5 Турбо 3Е, малечок електричен автомобил со перформанси на хиперспортски автомобил, веројатност постои.

Пежо официјално не го соопштува тие планови, меѓутоа се познати техничките поединости за концептниот автомобил. Покрај 800-волтна мрежа, Е-Т16 поседува батерија од 85 кВ и со неа постигнува досег до 400 километир. Од 10 до 80 проценти полни за 15 минути.

Два спојлери на покривот и масивен дифузор назад се по пример на тркачкиот болид од 1980-те

Французите пресметаа дека Е-Т16 може да извози три тркачки кругови на 20-километарскиот Нирбургинг без потреба да запира за полнење.

Внатрешноста е инспирирана од трките, но лесна е за ракување, со заоблен екран од 21 инчи и длабоки школкести седишта.

Е-Т16 не е прва најава за следниот 208.

Пежо уште во декември лани го покажа концептот Полигон, како најава за својот иден градски модел, но повеќе го насочуваше вниманието кон воланот Хајперсквер и управувањето по електронски пат.

Втората генерација на Пежо 208 почна со продажба во 2019 година

Пежо 208 редовно е меѓу најпродаваните модели во Европа, откако беше лансирана првата генерација во 2012 година, а потоа и втората генерација во 2019 година. Третото поколение се очекува во 2027 година, но ќе се нуди само во електрична изведба. Фавеј неодамна кажа дека сегашната изведба со благ хибрид ќе продолжи да се произведува заедно со новиот модел, сé додека постои побарувачка.

Новата 208-ка ќе биде прв модел врз платформата СТЛА Уан, којашто поддржува и мотори со внатрешно согорување, но Пежо и сестринската марка Опел соопштија дека за следната генерација градски модели засега нема планови да се нуди во изведба со бензински мотори. Опел ќе ја пушти новата генерација на својата Корса кусо по 208.

Концептот Пежо Полигон ги прикажа технологиите што ќе почнат да се применуваат во 2027 година

Пежо 208 е трет најпродаван модел од градската класа во Европа до август, со 122.923 возила, зад Дачиа Сандеро (145.424) и Рено Клио (128.941). Корса е петта со 108.336 продадени возила во првите осум месеци.

Електричната изведба е-208 е четврта во класата на градски модели, со продадени 18.352 влозила до август. Прв е Рено 5 со продадени 59.889 возила.

Претходна објаваСитроен 2 ЦВ Концепт се потпира на историја и на цена од 15.000 евра

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here