
Европа вози Дачиа. Така барем може да се заклучи кога ќе се погледне списокот на најпродавани модели на европскиот пазар во првите осум месеци од 2026 година. Сандеро, модел на романската марка од класата на Клио и Поло, од јануари до август постигнал 145.424 продажби и сигурен е на тоа место, со Фолскваген Голф, втор со продадени 133.249 возила. Сандеро и покрај силинот пад од 11,2 проценти во продажбата, пак остана на врвот.
Сандеро првпат изби на местото коешто со децении не го препушташе Голф уште во јули 2021 година. Тоа е времето по пандемијата, ран период на чип кризата, и нормално е што луѓе тогаш посегнаа помасовно по евтиниот, но солиден романски автомобил.
Потоа следеа 3 месеци во 2024 година, па пет месеци во 2025 година и четири месеци во досегашниот тек од годинава. Но, и шампионот Фолскваген Голф се враќа во форма и ја качил продажбата за 2,9 проценти до август. Силна конкуренција доаѓа од сопствените редови, од кросоверот Т-Рок, којшто го следи во чекор.
Најголем скок постигнале Ситроен Ц3 Еркрос (+212.7%, на 47-мо место) и Опел Фронтера (+188,5%, на 35-то место), два модели што делат иста техника и на тестовите во Аутомедиа се докажаа како автомобили што нудат сензационално многу за парите.
Мерцедес-Бенц не смее да отсуствува од главните збиднувања, со раст од 123,2 проценти на 34-то место. Добро се движи и Дачиа Бигстер, а од електричните модели најмногу напредувала Шкода Елрок, со 57,4 проценти повеќе возила од истиот период лани.
Најголем пад, пак, има Дачиа Дастер, на 18-то место и пад од 23,8 проценти во продажбата, што Романците го образложија со расчекор во логистиката. Тоа очигледно оставило траги врз целиот концерн, затоа што и Клио, Каптур, Сандеро, сите имаат забележлив пад.
Шкода победува на сите фронтови
Шкода е веројатно вистинскиот победник во борбата за Топ 50, каде што се многу силни имиња и марки, со големи традиции, но и прочуени напаѓачи. Во Топ 50 нема име што е непознато. Но, токму Шкода најчесто се спомнува. Чесите имаат дури 6 модели во Топ 50, еден повеќе од Тојота и Фолксваген, потоа следи 4-ка со по три модели (БМВ, Дачиа, Пежо, Рено) и само уште шест марки со по 2 модели меѓу најпродаваните, за потоа да следат марки со по само еден модел. Тоа воедно укажува колку е разбранувана конкурентската трка на пазарот.
Број на модели во Топ 50 по марки
| Skoda | 6 |
| Toyota | 5 |
| Volkswagen | 5 |
| BMW | 3 |
| Dacia | 3 |
| Peugeot | 3 |
| Renault | 3 |
| Citroen | 2 |
| Ford | 2 |
| Hyundai | 2 |
| Mercedes | 2 |
| Opel | 2 |
| Tesla | 2 |
| Audi | 1 |
| BYD | 1 |
| Cupra | 1 |
| Fiat | 1 |
| Jeep | 1 |
| Kia | 1 |
| MG | 1 |
| Mini | 1 |
| Nissan | 1 |
| Seat | 1 |
Најпродаван електричен автомобил е Тесла Модел Уај, најпродаван кинески автомобил е МГ ЗС.
Автомобилската криза нема попуштено уште од пандемијата, и во изминатите шест години се соочуваше со најразлични предизвици, па освен чип кризата, мирувањето на фабриките во време на ковид, долгите рокови на испорака, своевремено имаше и криза на возачи на камиони, па произведените возила немаше кој да ги донесе до големите плацеви за дистрибуција. Денес, пак, притискаат Кинезите.














