Ауди А2 некогаш трошеше три литри, денес минува 650 километри на струја

Ауди го А2 Е-трон е создаден со намера да се понуди автомобил што троши малку струја, со едноставен стил на каросеријата што е потчинета на аеродинамичноста.

Ауди го лансира електричниот модел од компакт класата А2 Е-трон со цена од 38.200 евра во Германија, со досег до 646 километри во најспособната изведба, замислен како подостапен соперник на купе-лимузината Мерцедес-Бенц ЦЛА.

Јајцевидната странична силуета потсеќа на оригинално конципираниот модел од 1999 година, со едноделна форма и со истото име, којшто беше конструиран како исклучително штедлив автомобил, што во специјалната изведба 3Л постигнуваше просечна потрошувачка од три литри дизел на сто километри.

Со коефициентот на отпор на воздух од 0,24 Цд, тоа е најаеродинамичниот модел што Ауди го има произведено досега.

Формата на каросеријата е изведена со цел да се постигне максимална ефикасност, со покрив што се спушта наназад, со куси каросериски испусти и со долго меѓуоскино растојание, со чисти површини и тесни зјаеви меѓу вратите.

Активните отвори за воздух се затвораат при повисока брзина, со цел да се смали отпорот. На арките во крилата исто така се наоѓаат насочувачи на воздухот, што ги смалуваат турбуленциите.

Ауди вели дека тоа е најаеродинамичниот модел што го има произведено досега, со коефициент на отпор на воздух од 0,24 Цд.

А2 е најдостапниот електричен модел на Ауди, со цена далеку под компактниот СУВ-модел Ку 4 Е-Трон, што во Германија почнува од 47.500 евра.

Двата модели се конструирани врз платформата МЕБ Плус на концернот Фолксваген, со заден погон, но Инголштат ги скуси трошоците кај А2, користејќи поевтина хемија литиум-јон-железо (ЛФП) за двете помали батерии, со капацитет од 52, односно 61 кВч.

Во најголемата батерија од 84 кВч се користи поскапа хемија никел манган кобалт (НМЦ) со којашто се постигнува и најдолгиот досег до 646 километри. Со истата батерија, во најсилната изведба со 326 КС, досегот е 630 километри. Ауди ја нема наведено цената на тој модел.

Мерцедес-Бенц ЦЛА постигнува далеку подолг досег, до 792 километри, но цените почнуваат едно скалило повисоко, со 46.949 евра за најдостапната изведба, со батерија од 58 кВч и досег до 542 километри.

А2 со најмалата батерија минува до 423 километри, додека моделот со средна батерија вози 515 километри меѓу две полнења, со пакетот за ефикасност за којшто Ауди бара доплата и со којшто потрошувачката се сведува на 12,8 кВч на сто километри.

Багажникот располага со зафатнина од 396 литри, на што се надоврзуваат уште 13 литри во просторот за кабли под предната хауба.

Првпат во браншата се користи решение од велосипедите

Внатрешноста се темели на возачки екран од 11,9 инчи и заоблен средишен екран од 12,8 инчи. Проекциски дисплеј прикажува информации за брзината, за навигацијата и за радиото.

Два безжични полначи се наоѓаат во средишната конзола, на местото што е ослободено со преместувањето на бирачот за возење на управувачкиот столб.

Ауди посочува дека е прв премиум производител што го има применето системот за механичко и магнетско прицвстување Фидлок, познат од светот на велосипедите. Трите адаптери во средишната конзола и три во багажникот овозможуваат предмети да се прицврстат со еден потег.

Производителот наведува и дека А2 се издвојува и со просторноста, како и со квалитетните материјали и насоченото осветлување.

Панорамскиот дисплеј на Ауди А2 Е-Трон соединува возачки екран од 11,9 инчи и средишен заоблен дисплеј од 12,8 инчи.

Главниот нагласок во дизајнот го поставува Софтвреп, мека површина што е обложена со платно и се протега по целата ширина и должина на кабината.

А2 поседува електрични рачки на вратите, со сензори што одговараат на најмал допир, со што се става посебност при отворањето на вратите. За заклучување е доволно лесно допирање на сензорот.

Претходна објаваСловенија го дозволи „автопилотот“ на Тесла, се чека одобрение во цела ЕУ
Следна објаваШкода Суперб Спортлајн · Тест · Единица мерка за автомобил