Шпанските синдикати и политичари протестираат за можното згаснување на Сеат

Веста дека концернот Фолксваген не очекува понатамошен раст, профитабилност или соодветно место на пазарот од марката Сеат, што става неизвесност за марката Сеат по 2030 година, ги вознемири шпанските работнички синдикати и политичките лидери, за работните места што би се изгубиле.

Во фабриката во Марторел, во близина на Барцелона, лани беа произведени 470.000 возила, од кои 225.000 од марката Сеат, а останатите од модели на Купра и Ауди.

Со историја на марка што нуди пристапни цени, Сеат одамна почна да заостанува зад продажбата на Купра, име што некогаш се користеше за спортските модели на шпанската марка и за тимот во мотоспорт. Купра во 2018 година се издвои од Сеат, како самостојна и полу-премиум марка, за време на тогашниот извршен директор Лука де Мео.

Сеат до јули продаде 128.000 возила во Европа, додека Купра во истиот период достигна 177.000 продажби. Купра првпат го престигна Сеат во 2025 година, со околу 300.000 продадени возила, наспроти 215.000 возила од марката Сеат.

Фолксваген ја соопшти веста за Сеат на 4-ти септември, како дел од мерките за поширокото реструктурирање, што може да доведе до укинување на 100.000 работни места и затворање на четири фабрики во Германија. Концернот посочи дека предизвиците со коишто се соочува индустријата, како што се скапото преоѓање на електрични возила, построгите норми за издувни гасови и новата конкуренција, го засилиле своето влијание во изминатата година.

Планот е Сеат да продолжи да развива и да ги произведува моделите што веќе се најавени, како што е изведбата од Ибица и Арона со благ хибриден погон за 2027 година, но „по завршувањето на тековниот моделски циклус, останува да се оцени идната насока на марката Сеат.“

Една од опциите е „постепено згаснување“ на Сеат, соопшти концернот, но додаде и дека уште не е донесено конечно решение.

Доколку згасне марката Сеат, тоа ќе ја погоди Шпанија, каде што се произведуваат градскиот модел Ибица, малечкиот СУВ-модел Арона и компактот Леон, во фабриката во Марторел, во близина на Барцелона. Надвор од Шпанија се произведува единствено компактниот СУВ-модел Атека, којшто доаѓа од Чешка.

Синдикатите напоменуваат дека иако иднината на фабриката во Марторел е сигурна, прашање е колку луѓе ќе останат без работа, доколку згаснат моделите на Сеат. Фабриката вработува околу 12.000 лица.

Моќните работнички синдикати ЦЦОО и УГТ во заедничкото соопштение од 7-ми септември порачуваат дека „многу е тешко, па и неверојатно, секој укинат модел на Сеат да се замени со модел на Купра.“

Синдикатите ги поддржуваат двете марки „што се надополнуваат“, затоа што конкурираат во различни сегменти, со Купра што цели кон премиум купувачи, додека Сеат произведува модели што се подостапни.

„Неразбирливо ни е како елиминирањето на марката Сеат ќе ја подобри конкурентноста на концернот Фолксваген, затоа што со нејзиното елиминирање ќе се загуби марка што го означува влезот во групацијата, улога што ниту една од постоечките марки на групациајта не може да ја замени,“ стои во соопштението.

Салватор Ила, претседател на регионот Каталонија, каде што се наоѓа Марторел, порача на 8-ми септември дека регионалната влада стапилa во контакт со концернот Фау Ве, за да се сочуваат работните места во фабриката.

Умерената политичка партија ЕРЦ во Каталонија, во минатата недела порача дека успехот на Купра е „за славење“, но тоа „не треба да значи исчезнување на Сеат“, и исто така повика Фау Ве да продолжи со развој на модели за марката.

Марторел има капацитет за 500.000 возила годишно.

Фабриката се префрлува на други модели од концернот, како Фолксваген ИД Поло и сестринскиот модел Купра Равал, двата електрични. Тука се произведуваат и Ауди А1, како и два модели на Купра, тоа се Леон и Форментор. Во Унгарија се произведува Купра Терамар, од германски Цвикау излегува Борн, а од Кина доаѓа Таваскан. Двата последни модели исто така се електрични.

Во минатата година, во Марторел биле произведени 470.347 возила, од кои 225.282 Сеати. Врвот со 500.005 возила бил достигнат во 2019 година, што е највисока продукција од 2000-та наваму.

Плановите за Сеат да прерасне во платформа за микро-мобилност не се остварија

Иднината на Сеат е неизвесна неколку години. Во времето на извршниот директор Вејн Грифитс, Сеат требаше да прерасне во специјалист за микро мобилност, со возила како Минимо, електричен четирицикл.

Марката понатаму требаше да се трансформира со производство на електрични тротинети и услуги за краткотраен наем на возила, под името Сеат МО. Грифитс си замина од компанијата во 2025 година.

Купра Терамар 2.0 ТСИ · Тест · Второто Ауди

Претходна објаваДоставни фургони на преглед во ТУВ, кинески Максус е шампион во дефекти
Следна објаваГерманците лани извозеле 675 милијарди километри