Германската организација за технички преглед ТУВ ги анализираше податоците од 2,4 милиони доставни возила дојдени на технички преглед, за да утврди кој модели се најиздржливи, но и да се покажат тие што не се сигурен партнер.
Ценетиот ТУВ го објави извештајот од извршените технички прегледи кај доставните возила за 2026 година. Во него се наведени процентите на дефекти кај модели од различни марки, во четири класи на тежина.
Според податоците, секое петто товарно возило во последните две години не поминало на технички преглед при регистрација. Ситуацијата е уште посериозна кога ќе се земе предвид дека станува збор за „значителни“ па дури и „опасни“ дефекти.
Од четирите класи на тежина, посебно се важни лесните товарни возила, односно доставните возила, со коишто се среќаваме во секојневието. Тоа е класата во којашто припаѓаат познати модели како Фолксваген Кеди или Опел Виваро. Вистинското изненадување, но во негативна смисла, доаѓа од еден кинески производител, со возило што е подложно на дефекти како ниту едно друго возило пред него.
Истражувањето се потпира врз 2,4 милиони технички прегледи, извршени во 2024 и 2025 година во мрежата на ТУВ. Истото опфаќа 4 класи на тежина: Доставни возила до 3,5 тони, лесни камиони од 3,5 до 7,5 тони, средни камиони од 7,5 до 18 тони и тешки камиони, од 18 тони нагоре. Резултатите се групирани според тежината и според староста на возилата.
Просекот на дефекти од сите видови товарни возила е 20,3 проценти. Тоа значи дека секое петто возило било враќано од регистрација. Слична вредност беше објавена и во ланскиот извештај. Најчестите забелешки на контролорите се однесуваат на светлата, протекувањето масло од моторот и погонот, како и од водењето на оските. Како што стареат возилата, така растат и дефектите.
Кај тешките камиони има најголем удел на дефекти, со 21,8 проценти од возилата. Десетгодишните возила од оваа класа, соодветно имаат квота на дефекти од 28,5 проценти. Во класата од 3,5 до 7,5 тони, значителни дефекти биле откриени кај 19,8 проценти од возилата. Кај средно тешките камиони, дефектни биле 16,3 проценти од возилата.
Не е за радување уделот на дефектни возила кај доставните фургони, во најлесната и најзастапена категорија, каде што 21,5 проценти од возилата биле вратени од преглед, поради неисправност. Постојат големи отстапки од модел до модел, и од година до година.
Најмалку сериозни дефекти кај доставни возила до 3,5 тони, по години на старост
1 до 2 години
- Форд Транзит /Турнео Куриер 7,8 проценти
- Тојота Хајлукс 8,2 проценти
- Фолксваген Крафтер 8,3 проценти
- Форд Рејнџер 8,3 проценти
- Пежо е-Експерт 8,4 проценти
3 до 4 години
- Тојота Хајлукс 10,6 проценти
- Фолксваген Кеди 11,5 проценти
- МАН ТГЕ 12,1 проценти
- Форд Рејнџер 12,7 проценти
- Форд Транзит / Турнео Куриер 12,7 проценти
5 до 6 години
- Фолксваген Амарок 13,5 проценти
- Фолксваген Кеди 14,1 проценти
- Фолксваген Транспортер 14,5 проценти
- Фолксваген Крафтер 15,2 проценти
- МАН ТГЕ 16,4 проценти
На спротивниот крај се моделите што имаат најмногу дефекти и најчесто се враќаат од технички преглед
1 до 2 години
- Максус Деливер 9 со најголем удел на дефекти во историјата, со 33,6 проценти, последен од 27 возила во извештајот
- Мерцедес-Бенц еВито 19,7 проценти
- Пежо Боксер 15,8 проценти
- Ситроен Џампер 14,9 проценти
3 до 4 години
- Стритскутер 26,4 проценти
- Пежо Експерт 21,0 проценти
- Фиат Дукато 20,7 проценти
- Пежо Боксер 20,4 проценти
5 до 6 години
- Опел Виваро 27,1 проценти (30-то место)
- Рено Трафик 26,3 проценти
- Фиат Дукато 26,0 проценти
- Фиат Добло Карго 25,1 проценти
Првпат во извештајот се појавуваат елеткрични фургони, тоа се Пежо е-Експерт, Мерцедес-Бенц еВито и Стритскутер. Кај еВито, уделот на дефектни возила е 19,7 проценти, со најмногу забелешки за паркирната сопирачка, погонските оски и собореното светло. Кај Стритскутер се дефектни 26,4 проценти од возилата стари три до 4 години, со проблеми во повеќе подрачја.
Течењето масло уште е проблем кај товарните
Забелешки за протекувањето масло и замастените компоненти погодуваат 5,2 проценти од возилата стари пет години, односно 8 проценти од товарните возила стари десет години. Дефекти на задните светла има кај 6,7 проценти од возилата стари пет години, односно 11,3 проценти кај десетгодишниците.
Во Германија се регистирани 3,9 милиони товарни возила во почетокот на годинава. Најголем раст има кај лесните товарни возила. Расте и уделот на електричните возила во продажбата, со 13 проценти во првото полугодие, наспроти 8,7 проценти лани.
Киа ПВ5 · Тест · Електричниот погон е друг свет кај доставните возила
















