
Синоќа во пригодна средина за марката и за новата свежина на летните вечери во Скопје, во кафулето Лиф на работ на Градскиот Парк, се одржа важна премиера на нова марка на кинескиот производител Донгфенг. МХеро е врв во секој поглед, како во поглед на теренските способности, така и во напредната технологија, во луксузот секако, а вообичаено за Кина, со чекор понапред и во поглед на погонот.
Од „македонскиот“ Донгфенг, веќе извесен период доаѓаат најголемите раздвижувања, и последувателно на тоа, разместувања на домашниот автомобилски пазар. Тоа е една историја на постојан успех, којшто фати вистински залет со Глори 580, по што следеше линија право угоре, како во имиџот, така и во продажните бројки, со Фортинг Т5 Ево, за во така ослободениот простор за пробив да се пуштат Еолус Шајн и Еолус Шајн ГС, и секако Мејџ.
Првпат марка од Кина што спаѓа во автомобилскиот врв доаѓа на македонскиот пазар
До синоќешната премиера на МХеро, марка од ранг и од класа какви што досега не се видени на овој простор од производител од Кина, се случија уште премиера на првата премиум марка оттаму на домашниот пазар, на марката Воја, а се постигнува многу и во поглед на електромобилноста, со Нами Бокс, со Фортинг С7 и Виго. Со Фортинг С7 РЕЕВ, првпат на македонскиот пазар е понуден електричен автомобил со продолжувач на досег, популарен вид на погон во Кина, којшто допрво ќе се пробива на европскиот пазар.
Ако се чинеше дека „плафонот“ во понудата на Донгфенг на македонскиот пазар ќе остане на нивото на Воја, увозникот АБЦ Брадер синоќа увери во спротивното. Кинезиве можат уште подобро од Воја, со МХеро.
М817 е вториот модел на МХеро, Европа уште не е подготвена за нивното првенче од преку 150.000 евра
Моделот М817 што синоќа ја доживеа својата премиера тука, дури и не е врвот во понудата на МХеро, туку е „само“ втор по ранг. Првиот модел на херојската марка на Донфгенг, повеќе е темел на автомобилскиот патриотизам на земјата и поставува суперлативи. Тој е М917, петметарска карпа во електрична и РЕЕВ изведба. Првата располага со батерија од над 140 кВч и со електромотор за секое тркало, располага со моќност од близу 1.100 КС.
M817 e скалило подолу, но тоа значи и половина од цената на М917, којaшто надминува 150.000 евра на европскиот пазар. Вториот модел во историјата на МХеро е дури и 10 сантиметри подолг, со соодветно подолго меѓуоскино растојание и уште повеќе простор за нозе на задната клупа – ставка што неретко е пресудна кога Кинезите купуваат автомобил.

МХеро М817 пак ќе изгледа херојски и покрај БМВ Икс 7
Овој луксузен крстосувач, што спокојно може да се пушти и по беспаќе, од рангот на БИД Бао 8, но и на Дефендер и Лексус Л Икс, па сигурно и на БМВ Икс 7, доаѓа на македонскиот пазар во изведба со приклучен хибриден погон. Тука работат два електромотори, еден напред, еден на задната оска, со вкупна моќност од 405 киловати, односно 551 КС, како и максимален вртежен момент од 760 њутнметри.
Во чисто електричен начин на работа, батеријата испорачува енергија за најмногу 140 километри во реални услови на возење. Доколку се искористи електричниот досег до крај, МХеро М817 понатаму ќе си продолжи како хибрид, односно со комбиниран погон од 1,5-литарски бензинец со 186 КС и 280 њутнметри (фабричка ознака DFMC15TE6), со автоматски менувач ДХТ, со посебна конструкција за хибриден погон.
Ситемската моќност изнесува 687 КС, системскиот вртежен момент 848 КС. Забрзувањето до темпо сто трае 5,2 секунди. Тоа секако се одушевувачки вредности. Вообичаено, крајната брзина е ограничена на 180 км/ч. Според кинеската норма ВЛТЦ, потрошувачката на гориво при поаѓање со полна батерија изнесува 0,7 литар, односно 7,2 литри со изпразнета батерија.

Пневматска суспензија, вртење во место, управувана задна оска
Тоа што го оддава вистинското ниво на М817 се техничките ставки кај поскапата од двете изведби што АБЦ Брадер ги нуди на македонскиот пазар. Во моделот со цена од 79.900 евра, работи пневматска суспензија, управувана задна оска, вртење во место, исто како и асистент за теренско возење, што МХеро го нарекува Батлер.
Овој систем се вградува и во првата моделска изведба со цена од 69.900 евра, каде што уште спаѓаат прикажување на просторот под возилото со помош на камери, како и сите замисливи ставки од комфорната, практичната и безбедносна опременост, од стакла со звучна изолација, до електромотор што помага при затворање на вратите.
Марката МХеро и моделот М817 се парадните коњи на целата групација Донгфенг, со сите свои марки. АБЦ Брадер со овој чекор си го зацврсти името на најголем продавач на автомобили од Кина на македонскиот пазар. Дополнително со тој статус, МХеро прв донесува и 10-годишна гаранција на возило без ограничување на километри, со тоа што за погонот секако мора да се постави граница, но и таа е високо на 200.000 километри. Кусо, М817 е автомобилот што со својот имиџ ќе ги продава моделите на Донгфенг.















