Во интервју за германскиот неделник Велт ам Зонтаг, шефот на Опел, Флоријан Хутл, ги соопшти основните информации за новата генерација на Корса. Таа ќе дојде во 2028 година, ќе се произведува само во електрична изведба и ќе чини околу 25.000 евра.
Наследничката ќе дојде на местото на модел што е од особена важност за марката. „Корса е најпродаван модел на Опел и најпродаван малечок автомобил во Германија, Англија и на други пазари,“ кажа шефот на Опел.
Хутл најави електрична Корса и електричен СУВ
Опел нема поставено датум по којшто повеќе нема да произведува возила со мотор со внатрешно согорување. Според Хутл, тоа треба да го решат купувачите и се разликува од пазар до пазар.
Тој очекува добар прием на чисто електричните модели, како идната Корса и идниот електричен СУВ-модел. „Понудата е богата, добро се развива мрежата од полначи, политиката наменски ги поддржува електричните автомобили,“ додава Хутл. „Кога литар бензин чини 2,50 евра, тоа веднаш се покажува во побарувачката.“
Новата Корса ќе биде конструирана врз платформата СТЛА Смол на концернот Стелантис, позната од Ситроен Ц3 Еркрос и Фиат Гранде Панда. Според првичните планови на интерно ниво, новиот модел требаше да се пушти во 2027 година.
Уште еден важен модел на Стелантис со таа платформа, Пежо е-208, ќе се појави пред светот уште годинава.
Хутл не соопшти подробности околу изгледот, батериската техника и досегот на идната електрична Корса. Тековниот модел со погон на струја ја користи платформата е-ЦМП и располага со класична НМЦ-хемија на батеријата, со капацитет од 49 кВч и досег до 429 километри.
Електричната Корса ГСЕ доаѓа годинава и спринтува за 5,5 секунди
До завршетокот на годинава престои почеток на продажбата на Корса ГСЕ, електрична изведба со врвни перформанси, чијшто 280 КС обезбедуваат спринт до темпо сто за 5,5 секунди.
Опел со електричната Корса во 2028 година ќе му конкурира на Фолксваген ИД Поло, што во најдостапната изведба чини околу 25.000 евра во Германија и со батерија од 37 кВч постигнува 334 километри досег.
Опел Фронтера во подостапна изведба, со рачен менувач и основна опрема
















