
Торино додава уште еден модел во својата понуда од возила од лесна категорија. На ред е микро-ван со име Мултиплина, што од 2028 година ќе ја пополни празнината меѓу електричниот градски двосед Тополино и стандардната понуда на Фиат.
Менаџментот првпат го прикажа возилото за време на една презентација на нов модел на Стелантис во мај. Концернот сега потврди дека моделот доаѓа во понудата на Фиат и го прикажа како концептно возило, за време на настанот во Ватикан, одржан во чест на предавањето 30 возила Тополино што ќе служат за потребите на папската служба.
Концептното возило е наречено Мултиплина, мала Мултипла, во духот на славниот модел од 1950-те години, којшто беше ван врз основа на тогашниот Фиат 600. Официјалното претставување на концептното возило ќе се случи уште во текот на годинава, веројатно во Ватикан.
Долго време се нагаѓаше дека малечкото ќе го носи името Кватролино, но изборот падна на Мултиплина. Фиат ја пушти првата Мултипла на сцената во 1956 година, како оригинално осмислен ван со место за шест патници. Техничката основа за тој модел доаѓаше од Фиат 600, кај нас познат како Застава 750, „фиќо“.
Во изгледот на концептното возило се воочуваат сличности со историскиот модел. Предницата завршува рамно, светлата се тркалезни, страниците се рамни и високи. Со димензиите, Мултиплина повеќе се движи во рангот на Фиат 500 од 1950-те. Должината изнесува околу три метри. За споредба, Тополино е долг 2,5 метри.
Техниката на Фиат Мултиплина потекнува од Тополино и од електричниот товарен трицикл Трис. Платформата сепак ќе претрпи големи промени за новиот модел, за да се обезбеди место за четири патници, за голема батерија и соодветно подолг досег. Фиат го опишува моделот како спој меѓу лесен четирицикл и класичен автомобил.

Малку посилна и малку побрза од Тополино
За разлика од Тополино, Мултиплина оди една категорија погоре и место во Л6е, спаѓа во категоријата Л7е. Тоа значи дека брзинското ограничување на 45 километри на час се укинува. Торино спомнува брзини до 90 км/ч, со што ќе возилото ќе биде применливо и надвор од град.
Уште нема официјални потврди околу погонот. Бидејќи моделот спаѓа во сегментот Л7е и значително е поголем и потежок од Тополино, моќноста веројатно ќе се движи околу 15 киловати, односно дваесетина КС. Тоа е воедно и дозволената граница за оваа категорија.

Тополино користи батерија од 5,5 кВч и со неа постигнува досег до 75 км. Фиат не наведува податоци, но се претпоставува дека батеријата ќе биде најмалку двојно поголема. Во таков случај, и досегот ќе се помести на 150 километри.

Најважниот податок сепак е цената, имајќи предвид дека тоа треба да е меѓу најсилните аргументи за новиот модел. Разумна вредност би била до најмногу 15.000 евра. Серискиот модел ќе биде прикажан в година, за една година подоцна да следи и почеток на испораките.















