Европската Комисија има намера да воведе нови царини за автомобили со приклучен хибриден погон што се увезуваат од Кина. Веста ја објави германскиот економски весник Ханделсблат. Се очекува дека овој чекор ќе смени многу на европскиот автомобилски пазар.
Подготовките веќе се завршени и Комисијата ќе може да ги воведе царините, откако главнината членки на Унијата ќе дадат одобрение, објави германскиот економски весник на 19-ти јуни, повикувајќи се на високи службеници во Унијата и на извори од индустријата.
Ројтерс соопшти дека Европската Комисија одбила да коментира околу објавата.
Европската информациска мрежа Еурактив објави во јануари дека Комисијата почнала да разгледува нови царини за приклучни хибриди, ПХЕВ. Претставник од Унијата тогаш изјави за Еурактив, дека Стефан Сежорн, потпретседател на Комисијата кој ја нагледува автомобилската политика на Унијата, „во бројни пригоди“ поставил прашање околу царините на кинеските хибридни возила.
Доколку се воведат царините, ПХЕВ ќе бидат изложени на истите царински стапки како батериските електрични возила што се произведени во Кина, што важат од ноември 2024 година. Царините достигнуваат до 35 проценти, дополнително на стандардната стапка од 10 проценти за увоз од Кина.
За да ги избегнат царините и да продолжат со освојување на пазарот во Европа, кинеските марки, како БИД, се префрлија од батериски електирчни возила на приклучни хибриди.
Продажбата на ПХЕВ е во подем, главно од кинеските марки
Пазарот на ПХЕВ во Европа беше во пад, но новодојденците од Кина придонесоа за повторен подем на овој вид на погон, којшто се ценеше како преодна технологија што е прескапа за приватните купувачи.
„Кинезите беа мошне брзи; тие брзо ја открија и ја искористија дупката,“ изјави менаџер од браншата за Ханделсблат. „ЕУ мора да го затвори тој простор.“
Веста за новите царини за кинеските ПХЕВ доаѓа во време кога лидерите на ЕУ на 18-ти јуни започнаа да дебатираат за нови и построги мерки, што се неопходни за Унијата да го надмине растечкиот трговски дефицит и силната зависност од втората најсилна економија во светот, за ретки земјени минерали и важни суровини.
Комисијата ги воведе царините за електрични автомобили во 2024 година, откако утврди дека кинеската влада ѝ помага на индустријата за електрични возила, преку пониски трошоци за суровини и поевтино производство, што ги прекршува правилата за конкуренција на ЕУ. Комисијата одреди различни стапки за секој производител, зависно од нивната вклученост во истрагата на ЕУ за недозволените субвенции од кинеската држава.
Царините се движат од 7,8 проценти за Тесла што е произведена во Шангај, до 35,3 проценти за производители што не соработуваа целосно, како САИЦ, што со својата марка МГ постигнува силно учество на европскиот пазар.

Новата генерација ПХЕВ од Кина постигнува електричен досег до 200 километри, со батерии што се поголеми и од оние во помалите батериски електрични модели.
БИД Сил Ју е најпродаван ПХЕВ во ЕУ до април, претркувајќи ги моделите на Волво, БМВ, Фолкваген и Мерцедес-Бенц.
Друг модел на БИД, Ато 2, е петти најпродаван модел, додека Џејку 7 од групацијата Чери, е 11-ти најпродаван ПХЕВ.
БИД е втор најголем продавач на ПХЕВ во ЕУ, по групацијата Фолксваген. Чери е шести, САИЦ (МГ) е 11-ти.
Уделот на батериските електрични автомобили во продажбата на кинеските марки во ЕУ остана на истото ниво како во април лани, со 31 проценти. ПХЕВ го зголемија уделот од 18 проценти во април лани, на 30 проценти годинава.
Продажбата на електрични автомобили од Кина во ЕУ порасна за 105 проценти во април, додека ПХЕВ постигнаа раст од 236 проценти.
Доколку продолжат овие трендови, ПХЕВ во текот на годинава ќе станат најпродаван вид на погон на кинеските производители во ЕУ. Хибридите учествуваа со близу 60 проценти во продажбата на БИД во ЕУ во април, а останатиот пазар им припаѓа на батериските електрични модели.
Forthing S7 REEV · Најбензинскиот електричен автомобил на пат од 750 км низ Македонија
Кинезите ќе градат фабрики во Европа за да ги избегнат царините
Кинеските производители одговорија на царините и најавија дека планираат да вршат монтажа на ЕВ во Европа. БИД наскоро почнува со производство во Унгарија, а САИЦ ќе произведува во северна Шпанија. Историска марка од Шпанија, Ебро, монтира возила на Чери во поранешната фабрика на Нисан во Барцелона.
Останатите производители, како Донгфенг, Липмнотор, Чери и Џили, или веќе имаат случено договори да користат дел од фабриките на европските производители или се на пат да постигнат такви договори.
















