Кинески Донгфенг ќе произведува во Франција

Во фабриката на концернот Стелантис во Рен наскоро започнува производството на најмалку еден модел од кинескиот производител Донгфенг.

Двојна корист од договорот меѓу Донгфенг и Стелантис, со којшто концернот на Пежо и Фиат ќе ја зголеми искористеноста на своите фабрики во Европа, а кинескиот производител ќе добие ослободување од царините на ЕУ и можност за ширење на пазарот.

Францускиот тв-канал Франс Инфо објави дека во фабриката на концернот Стелантис во Рен, наскоро ќе започне да се произведува најмалку еден модел на кинеската групација Донгфенг, што ќе се продава на европскиот пазар. Весникот се повикува на извори што се упатени во преговорите.

Договорот е постигнат во време кога концернот со своите 14 марки околу Пежо и Фиат мора да ја зголеми искористеноста на своите фабрики во Европа, како клуч за рентабилно производство, додека кинескиот Донгфенг, со производството на своите електрични возила во Европа, ќе биде ослободен од царинските давачки, со коишто ЕУ се штити од увозот на ЕВ од Кина.

Донгфенг е долгогодишен партнер на ПСА, којшто е едната половина на денешниот концерн Стелантис, наспроти Фиат Крајслер. Кинезите разгледуваа неколку локации на концернот, коишто користат напредни производствени методи, меѓутоа нивната искористеност е недоволна. Меѓу тие фабрики е Рен.

Претставници на Донгфенг двапати ја посетиле фабриката од почетокот на годината, еднаш во јануари, а потоа во почетокот на април.

Како што понатаму наведува францускиот тв-канал, фабриката свечено ја пуштил во работа генерал де Гол во почетокот на 1960-те. Тоа е „историски замок на Ситроен, каде што се произведуваа Ами 6 и Ами 8, Дијана, ГС, Б Икс и Ксантија, потоа Ц5, а денес Ц5 Еркрос“, наведува Франс Инфо.

Постигнатиот договор со Кинезите ќе им донесе големо олеснување на менаџерите на Стелантис, затоа што во Рен во моментов се произведува само еден модел, СУВ-то на Ситроен од компакт класата, и доколку моделот не го постигне очекуваниот успех, се доведува во прашање рентабилноста на фабриката.

Во Рен работат околу 1.300 лица. Фабриката располага со капацитет за 40.000 возила годишно, без потреба од дополнителни вложувања. Со воведување на модел на Донгфенг, ќе се зголеми продукцијата.

Извори на Франс Инфо наведуваат дека објавата на договорот може да се очекува веќе во вторник или најдоцна до завршетокот на следната недела.

Модели на Пежо ќе се произведуваат во Кина за тамошните пазари

Стелантис направи сличен стратешки чекор со Липмотор, уште еден кинески партнер на концернот. Соработката досега се одвиваше во насока на дистрибуција и продажба на моделите на Липмотор во Европа, но таа сега преоѓа и на производство на возила. Липмотор ќе произведува во шпанските фабрики во Мадрид и Сарагоса.

Според Франс Инфо, Липмотор ќе купи удел од фабриката во Мадрид, што понатаму ќе биде во заедничка сопственост. Во Сарагоса, пак, ќе се произведува електричен СУВ-модел под знакот на Опел, но со техника од кинескиот производител.

Стелантис неодамна објави потпишување договор со Донгфенг, за во Вухан да се произведуваат два модели на Пежо и два модели на Џип, коишто во почетокот ќе се продаваат на кинескиот пазар, но е можно возилата во иднина да се пуштат и за извоз.

Претходна објаваМерцедес-Бенц започна со производство на новиот ГЛЦ со електричен погон
Следна објаваФорд ќе се враќа во Европа со препакувани модели на Рено

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here