
Електричниот Мерцедес-Бенц ГЛЦ се произведува едно до друго со постоечкиот ГЛЦ, што останува во понудата со бензински, дизел и хибриден погон. Уште еден електричен модел излегува од фабриката во Бремен, Е-Ку-Е.
Фабриката на Мерцедес-Бенц во Бремен го прослави почетокот на производството на новата генерација на ГЛЦ, со фабричка ознака Икс 540. Германскиот примус ја одржа премиерата на важниот модел во септември лани. Тоа е модел од стратешка важност на пресвртницата од ерата на мотори со внатрешно согорување, во ерата на електричниот погон.
Колку им е важен овој момент на германските премиум производители укажува трката со пуштањето на новите генерации на електрични модели, што се одвива чекор во чекор. Мерцедес-Бенц и БМВ веќе ја стартуваа пазарната трка, Штутгарт со новата ЦЛА, со електричната Ц-класа, со нов ГЛБ со електричен погон, Минхен парира со нов и-Икс 3 и наскоро со електрична Серија 3. Шведскиот Волво исто така не ја пропушта трката, и притиска со електричниoт СУВ-модел Е Икс 60.
Фабриката во Бремен се претвора во центар за прозводство на електрични модели од најпродаваните, односно носечки моделски серии на Мерцедес-Бенц.
ГЛЦ со години е најомилен модел на Мерцедес-Бенц. Во тек е најголемата моделска офанзива на германската марка, со преку 40 нови и освежени модели што се планирани до завршетокот на 2027 година.
Овој силен бран од нови модели донесе нов дизајн, нов електричен или хибриден погон, нов оперативен систем МБ.ОС и силни перформанси. Електричната офанзива вроди успех. За новата електрична ГЛЦ, во првите три месеци се пристигнати повеќе нарачки отколку за кој било друг електричен модел со сребрената ѕвезда.
ГЛЦ на струја се произведува во Хала 9 во фабриката во Бремен, заедно со ГЛЦ со мотори со внатрешно согорување и со електричната Е-Класа, односно Е-Ку-Е. Тоа е најголемата хала во фабриката и подолго од една деценија работи постојано во три смени.
Бремен е воедно и носечки производствен центар за ЕВ-моделите на марката. Првиот модел на струја излезе оттаму во 2019 година, тогашната Е-Ку-Ц и воопшто прв големосериски ЕВ на Мерцедес-Бенц, претходничка на денешната ГЛЦ Е-Ку.
Денес сите видови погон се присутни во фабриката на северот на Германија, вклучувајќи приклучни хибриди
Компонентите што се вградуваат во ГЛЦ во Бремен пристигаат од релативно тесен круг на снабдување. Батериите доаѓаат од Акумотив, во Каменц. Тоа е нова генерација 800-волтни батерии, со унапредена хемија и скусено полнење. Според Мерцедес-Бенц, за 10 минути се полни енергија за 305 километри возење, на брз полнач. ГЛЦ 400 4Матик со Технологија Е-Ку, како што гласи полната ознака на моделот, постигнува досег до 715 километри.
Погонската техника ја испорачува фабриката во Себеш, во Романија. Тоа е втора фабрика на Мерцедес-Бенц, што произведува електромотори, заедно со Унтертиркхајм.
За електричната оска и други клучни компоненти се грижи фабриката во Хамбург. Оттаму уште од 2022 година доаѓаат компонентите за Е-Ку-Е.
Во Бремен работат 10.500 лица, а оттаму досега излегле повеќе од 10 милиони возила.
Во моментов, од халите во Бремен излегуваат 11 модели на Мерцедес-Бенц:
- Е-Ку-Е
- Ц-Класа лимузина
- Ц-Класа Т-Модел
- ЦЛЕ Купе
- ЦЛЕ Кабриолет
- ГЛЦ
- ГЛЦ Купе
- ГЛЦ со технологија Е-Ку
- Мерцедес-АМГ СЛ
- Мерцедес-АМГ ГТ
- Мерцедес-Мајбах СЛ
Седум од овие модели се произведуваат исклучиво во Бремен.















