Киа направи електричниот погон да стане голема тема во светот на доставните возила, понудувајќи го ПВ5. Фургонот е носител на титула на Светски ван на 2026 година, во меѓувреме беше на тестирање и во Аутомедиа, а според извори од македонскиот увозник, веќе има клиенти што ја чекаат патничката изведба со 6 и 7 седишта.
Киа ја проширува понудата од модели во своето семејство доставни модели ПБВ (платформ бијонд виакл), додавајќи патничка изведба со 6 или 7 седишта, наменети за растечкиот пазар на превоз на повеќе патници, со приспособлива кабина.
Производителот цели кон пет главни групи клиенти со патничката Киа ПВ5 со 7 седишта:
- Семејни и групни патувања
- Превоз по повик и такси
- Превоз до аеродром
- Комерцијални шатли (за хотели, настани и сл)
- Останати видови на групна мобилност
На постоечката патничка изведба со 5 седишта ѝ се придружува изведбата со три реда седишта, на коишто сите патници добиваат изобилство простор. Со висина на прагот од 399 милиметри, и во комбинација со автоматски лизгачки врати, се добива лесен пристап до вториот и третиот ред.
Во изведбата со 6 седишта (1-2-3), нема совозачко седиште, вториот ред се состои од две, а третиот од три седишта. На местото на совозачкото седиште се добива простор со зафатнина од 315 литри, додека зад третиот ред седишта останува багажник од 350 литри.
Кај 7-седот (2-2-3), назад се добиваат на располагање 318 литри, со можност за 785 литри со соборена трета клупа.
Платформата Е-ГМП.С овозможува просторна кабина во сите правци. Според Киа, патничката ПВ5 нуди најмногу простор за нозе, до 1,041 метар, простор за глава до 1,076 метар и ширина до 1,732 метар.
Досег од близу 400 километри, полнење до 80% за помалку од 30 минути
Патничката изведба со 6/7 седишта располага со досег од преку 390 километри, а благодарение на можноста за користење брз полнач со моќност до 150 киловати, батеријата се полни од 10 до 80% за помалку од 30 минути.
Поставеноста на приклучокот за полнење во предниот дел на возилото овозможува користење на кабината во време додека Киа ПВ5 е приклучена на полнач. Киа напоменува дека преку Киа Чарџ е добива пристап до еден милион полначи во 27 европски држави.
Со технологијата В2Л, патничката Киа може да се користи и како извор на струја за надворешни потрошувачи, што работат на 220-волти.
Наменета и за приватна и деловна примена
Со впечатливиот изглед, ПВ5 е привлечна и за користење како приватно и семејно возило, додека со концептот на софтверски дефинирано возило, вчитува нов софтвер од податочен облак и лесно се вклучува во базата за менаџирање кај компании со големи возни паркови.
ПВ5 задоволува и во поглед на патниот комфор, звучната изолација и удобната амортизација. Управливоста е лесна, практично се вози како обична лимузина (тест), а се вградува и комплетен арсенал од системи за асистенција.
Промени во моделската 2027 година
Зафатите во новата моделска година на целата гама на ПВ5 опфаќаат потпирач за лакт за возачкото седиште што сега се мести по висина, и уште неколку детали што го олеснуваат работното секојдневие на возачот.
Кај доставните ПВ5, се воведува изведба со 3 седишта напред, стартувајќи од изведбата Л2Х1 од август 2026 година, по што следи Л2Х2 од ноември, па Л1Х1 од јануари следната година.
Киа ПВ5 · Тест · Електричниот погон е друг свет кај доставните возила
















