Шкода ја почнува својата понуда од електрични модели „Епски“

Шкода вклучи уште еден модел во својата понуда од електрчни модели, и тоа е веројатно најважниот, затоа што е најдостапен. Каросеријата е компактна, внатре е друг свет.

Концернот Фолксваген се вмешува и на пазарот на малечки електрични СУВ-модели, со своето семејство од четири модели во кругот на Електрик Урбан Кар Фемили. Придонесот на Шкода во ова семејство е Епик.

Шкода Епик ја дели техниката со сестринскиот СУВ-модел Фолксваген ИД. Крос, што ќе се појави малку подоцна. Основата е платформата МЕБ+, којашто е поедноставена и подостапна платформа од МЕБ, што се користи кај сите останати модели од ИД-семејството на Фолксваген и од останатите марки од концернот. Епик е новиот почеток на гамата електрични модели на Шкода.

Со должина од 4,17 метри, новата електрична Шкода е споредлива со Опел Мока Електрик, но и со моделот на Шкода со традиционален погон, Камик, како и со Фолксваген Т-Крос. Шириата е 1,8 метар, висината 1,58 метар, меѓуоскиното растојание изнесува 2,6 метри.

Шкода сепак наведува дека кабината на Епик нуди повеќе простор отколку што може да се претпостави од габаритите. Посебно изненадува големината на багажникот. Таму стојат на располагање 475 литри. Дополнителен простор од 25 литри се добива под хаубата, а има преграда и под подот на багажникот.

Епик е прв сериски модел на Шкода што го прикажува новиот дизајнерски јазик Модерно Солидно. Тоа се однесува на светлата во форма на Т, коишто преоѓаат во сјајно црн нос што се нарекува Тек Дек. За предните светла може да се избира меѓу две изведби. Стандардната изведба содржи дневни светла и трепкачи во горниот дел, додека во долниот дел се соединети собореното и долгото светло. За втората изведба со матрични светла се доплаќа и таа располага со 12 светлечки сегменти.

Дизајнот се одликува со чисти линии и со едноставност, но со фини детали. Главниот печат во предниот дел го даваат вертикалните отвори за воздух што се активни и по потреба се отвораат и затвораат. Страничниот појас е висок, а долната половина од каросеријата е широка.

Задните светла во форма на Т надолу преоѓаат во браникот и го следат стилот на носот. Долу има стилизиран дифузор, а линијата на покривот продолжува со спојлер. Вообичаено за Шкода, во возачката врата се наоѓа чадор, а во вратата на багажникот се чува гребач за мраз. Најголемите тркала што може да се изберат имаат 19 инчи. Со доплата се добива панорамски покрив, со којшто дополнително заживуваат светлите материјали во кабината.

Кокпитот има хоризонтална ориентација, задолжителен возачки дисплеј, волан со два краци и инфо-забавен систем што користи Андроид и средишен дисплеј од 13 инчи. Во план е да се понуди можност за дигитален клуч, односно отклучување преку телефон.

Преку функцијата Мај Шкода може далечински да се управува со бројни функции. Под средишната конзола се наоѓа лајсна со физички копчиња, а во поделената средишна конзола има преграда со безжичен полнач за телефон.

Сите прегради во кабината, вклучувајќи ги оние во вратите, под потпирачот за акти и во касетата нудат зафатнина од 28 литри. Сите материјали што се користени за седиштата се од рециклирано потекло.

Епик се нуди со две големини на батерија и во три степени на моќност. Помалечката батерија користи хемија ЛФП и располага со 37,5 кВч, поголемата батерија нуди 51,5 кВч. Основната изведба се води како Епик 35 и поседува електромотор со 85 кВ/116 КС и 267 њутнметри. Средната верзија е со ознака Епик 40, располага со 99 кВ/135 КС, додека врвната изведба 55 доаѓа со 155 кВ/211 КС и 290 њутнметри.

Епик 35 и 40 се испорачуваат со помалата батерија и постигнуваат досег до 310 километри. Брзината е ограничена на 150 км/ч. Големата батерија во Епик 55 вози до 440 километри и побрза е 10 км/ч.

Времетраењето на полнењето е наведено само за топ-моделот. На брз полнач, 80% се постигнуваат за 24 минути. Шкода Епик може да напојува и надворешни потрошувачи.

Во опременоста во стандардната изведба спаѓаат седум воздушни перници и дузина системи за асистенција.

Шкода уште денес почна да прима нарачки. Цената во Германија изнесува 25.900 евра за Епик 35. Тоа е споредливо со Камик со слична моќност. Но, овој модел ќе може да се нарачува дури од септември. Истото важи за Епик 40 со цена од 27.900 евра. Засега се нуди само Епик 55, што со опременост Есенс чини 32.100 евра во Германија.

Претходна објаваДомашната побарувачка за електричниот Порше Кајен над сите прогнози
Следна објаваРено ќе произведува нов пикап на база на Дачиа Дастер

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here