Шведската аукциска куќа Кларавик од 21-ви до 30-ти мај ќе ги продава последните Саабови произведени во Тролхетен. Тоа се последните автомобили што ја напуштија матичната фабрика на Сааб во Шведска.
На наддавањето ќе бидат понудени осум возила, вклучувајќи три претсериски примероци од Сааб 9-3 Аеро, четири прототипи од Невс, и веројатно единствениот изработен прототип Хенгчи 5, што се наоѓа во Шведска.
Наддавањето ќе се одвива онлајн, без наведена почетна вредност. Аукцијата завршува на 30-ти мај, кога е планирано да се одржи и настан во Тролхетен. Поранешната фабрика на Сааб ќе се отвори во 10 часот. Еден час подоцна истекува рокот за првото понудено возило.
Прототипите од 2014 до 2918 година потекнуваат од последниот период на фирмата Невс, што го наследи Сааб. Инвеститорот во 2012 година ја откупи стечајната маса од Сааб АБ. Фирмата развиваше електрични автомобили врз база на Сааб 9-3. Еден од прототипите има електромотори вградени во самите тркала, а еден е автопилотиран. Понудени се и 9-3 со чисто електричен погон и еден со продолжувач на досег.
Трите претсериски автомобили со мотори со внатрешно согорување, според аукциската куќа се во возна состојба. Сааб 9-3 и двата 9-3 Аеро од 2014 година имаат поминато меѓу 18.430 и 58.460 километри. Моделот 9-3 е еден од последните што се произведуваше во Тролхетен.
Во тоа време кусо се појавија надежи дека шведската марка ќе се врати. Откако Џенерал Моторс во 2010 година ја продаде марката на Спајкер, една година подоцна следеше стечај. Снабдувањето со резервни делови го презеде Орио АБ, а потоа Хедин Партс и Логистикс АБ.
Во 2012 година, фабриката ја презеде Национал Електрик Виакл Сведен (Невс). Планираното враќање на 9-3 во производство не се случи, откако еден од инвеститорите се откажа. Во 2014 година, фирмата ги загуби правата да ја користи марката Сааб.
Невс повеќепати се обидуваше да најде партнери и инвеститори, со цел да развива електрични автомобили. Имаше обиди и со Кенигсег и Соно Моторс. По неуспешните преговори на кинеските сопственици Евергранд со инвеститорите, Невс во 2023 година најави дека ќе отпушти 320 од вкупно 340 работници во Тролхетен и 80 проценти од фабриката продаде на шведската компанија Стеханга Инвест. Кон завршетокот на 2024 година, Невс се најде под стечај и преостанатите 20 проценти од акциите ги продаде на Стеханга.
Компанијата за аеронаутика Сааб го произведе првиот автомобил во 1947 година, славниот 92. Каросеријата со две врати беше инспирирана од авионите. Во 92 беше вградуван двоцилиндарец. Сериското производство започна во 1949 година.
Следеа успеси во релито, а со 99 Турбо од 1975 година, Сааб беше меѓу пионерите на турбо-натполнењето кај автомобилски бензински мотори. Оваа техника стана заштитен знак на шведскиот производител. Во периодот од 1989 до 2009 година, Сааб беше дел од концернот Џенерал Моторс.
















