Како последица од војната во Иран, целиот свет се соочи со нагло поскапување на моторните горива и повремено со недостиг. Но, наскоро може да се појави тесно грло и во снабдувањето со таканаречени базни масла, коишто служат како основа за средствата за подмачкување.
Недостига основата за да се произведе моторно масло
Според агенцијата Аргус Медија, коашто ги следи пазарите на суровини, германските производители на автомобили веќе се соочуваат со недостиг од моторни масла.
Станува збор за основни масла од група 3 и полиалфа олефини (ПАО), коишто се важни појдовни суровини за синтетски средства за подмачкување, што се користат и во автомобилите.
Блискиот Исток, според Аргус Медија, покрива 15 до 20 проценти од светскиот капацитет за масла од групата 3. Во минатата година, 72 проценти од увозот на базни масла од групата 3 во Европа, потекнувал токму од заливските земји. Во САД, тој удел изнесувал 47 проценти.
Како што објави тв-каналот НТВ, некои компании веќе започнале итна потрага по нови извори за снабдување. Во краен случај, може да се случи намалување на продукцијата на возила со мотори со внатрешно согорување. „Доколку производителите на автомобили не најдат решение – а тоа веројатно ќе се случи – и не ја надминат кризата во видно време, мора да се намали продукцијата,“ порачуваат експертите од Аргус Медија.
Недостигот може да ги опфати и базните масла од групата 2. Моторните масла што се состојат од овие базни масла се од витално значење за целиот транспорт, а тоа ги опфаќа и автобусите за јавен превоз и камионите, односно сета мрежа од канали за снабдување.
Аргус Медија имаат информации дека неколку добавувачи објавиле оти залихите ќе им траат до завршетокот на мај или почетокот на јуни. Цените во трговијата на големo веќе се покачени.
Поскапуваат маслата за подмачкување
Во нормални услови, овие базни масла во одреден дел се произведуваат локално во Европа, а одреден дел се увезува од Азија. Но, во меѓувреме е намалена продукцијата и во Азија, затоа што и тамошните производители на базни масла користат суровини што се увезуваат од Блискиот Исток. Тоа ги поскапе и нивните продукти.
Според експертите, за очекување е дека Европа наскоро ќе се соочи со поскапување на моторните масла.
















