Дачиа наскоро ќе воведе уште еден нов модел во својата понуда, електричен автомобил што ќе се издвојува со цената. Евадер веројатно ќе го замени Спринг и ќе започне со продажба пред завршетокот на годинава. Уште е неизвесно, дали Спринг ќе остане во понудата покрај Евадер.
Со каросерија долга околу 3,80 метри, со изглед на кросовер и со цена за основниот модел од најмалку 18.000 евра, Дачиа Евадер цели кон купувачите што бараат едноставен електричен автомобил, но дораснат за сите предизвици во секојдневието. Два силни конкуренти се Ситроен е-Ц3 и кинескиот БИД Долфин Сурф.
Конкуренција за БИД и Ситроен
Електричниот модел на Дачиа привлекува многу внимание на сцената и на мрежите веќе може да се среднат бројни рендери околу можниот изглед на Евадер, вклучувајќи и шпиунски видеа од тестирањето на прототипите. Романскиот производител уште нема потврдено дека новиот модел ќе го носи името Евадер.
Предниот дел се разликува од Рено Твинго, со неговите тркалезни очи по углед на легендарниот модел од 1990-те, и покажува хоризонтални линии што прават носот да изгледа поширок. Маската со впечатливото лого и графиката на светлата се во стилот на останатите модели на Дачиа.
Покрај тоа што ја дели техниката со Рено Твинго, Дачиа Евадер ќе се произведува во истата фабрика, во Ново Место, во Словенија. Малку подоцна, оттаму ќе почне да излегува и малечок електричен Нисан. Со овој потег, групацијата се заштитува од казнените царини во ЕУ, што ќе следеа доколку Евадер се произведуваше во Кина, како што е случај со Спринг.
Додека Твинго личи многу со првата генерација во оваа моделска серија, Дачиа го презема стилот на СУВ-моделите Дастер и Бигстер. Тоа значи дека и хаубата ќе биде помалку закосена надолу, а исто и долу во браникот ќе биде изведен оптички елемент во стилот на заштита на подвозје.
Отстрана се забележуваат рамната линија на покривот и чистите површини, со нагласени арки на крилата и со заштитни облоги на долниот дел од каросеријата. Дизајнот во целина остава впечаток на остри и рамни форми и линии. Романската марка покажа сличен стил со концептниот автомобил Хипстер.
За внатрешноста на Евадер, исто така може да послужи како пример концептниот Хипстер. Таму има еден попречен носач, на којшто се прицврстува телефонот за сите информации околу возењето, со широк простор за одлагање предмети под ветробранот, со практични и едноставни решенија, како на работна маса.
Благодарение на коцкестата форма на каросеријата, електричната Дачиа ќе нуди поголем багажник од заобленото Твинго, веројатно со зафатнина од околу 300 литри.
Основата доаѓа од платформата АмрР-Смол, развиена исклучиво за електрични автомобили на групацијата Рено. Понудата веројатно ќе се состои од една погонска изведба, со 60 кВ, односно 82 КС. Батеријата ЛФП од 27,5 кВч ќе нуди досег од 250-тина километри. Евадер ќе нуди и можност за брзо полнење, со моќност до 50 киловати.
Во следните месеци, Дачиа повремено ќе јавува за планираниот нов модел, со детали од надворешноста и од внатрешноста. Во меѓувреме, Дачиа го заокружува и врвот во својата понуда, со новиот Страјкер, комби-кросовер со големина на Бигстер.
















