Кинескиот автомобилски пазар имаше пад од 22 проценти во април, откако забави продажбата на автомобили со обичен погон со бензински мотори, како последица од поскапените горива, поради војната во Иран. Во исто време, побарувачката за електрични автомобили не постигна раст што ќе биде доволен да го покрие падот кај обичните автомобили.
Во април во Кина беа продадени 1,4 милион патнички автомобили. Тоа е најниското ниво од април 2022 година наваму, од времето кога завршуваше ковид-пандемијата.
Испораката на автомобили со обични бензински мотори се намали за речиси една третина, но имаше пад и во продажбата на електрични и хибридни автомобили, коишто се соочија со минус од 6,8 проценти.
Во време на скапи горива, беше за очекување дека побарувачката за електрични автомобили ќе продолжи да расте, но тоа не се случи. Напротив, по долги години, електричните автомобили загубија дел од пазарот, што се должи на укинувањето на замената на старо за ново и враќањето на даноците при купување електричен автомобил.
Тоа што донесе поголемо разочарување е падот во продажбата на автомобили со бензински мотори, којашто беше „мошне сериозна и над нашите очекувања“, коментираше главниот секретар на кинеското здружение на производители на автомобили, Сиу Донгшу. „Влијанието на повисоките цени на горивата силно го погоди пазарот.“
Смалената побарувачка за бензински автомобили донесе и зголемување на уделот на електрични автомобили и приклучни хибриди, коишто учествуваа со преку 60 проценти од пазарот. Тоа е досега највисокиот удел на електрифицирани возила во земјата.
Индустријата се надеваше дека од април ќе почне да се враќа динамиката на продажба, меѓутоа пазарот во првите четири месеци од годинава остана 18,5 проценти под резултатот од истиот период лани.
Одолжувањето на ниската продажба е загрижувачки показател и за општата состојба на кинеската економија. Автомобилите се најголем издаток на домаќинствата, по становите.
„Зошто купувачите одеднаш престанаа да купуваат автомобили? Постојат две главни причини,“ кажа Ли Јанвеи, советник во здружението на авто-дилери во Кина. Забавената економија предизвика отпуштања од работните места и смалени плати, што на крајот доведе до намалена потрошувачка, а во исто време растот на цените на горивата ги погоди и берзата и купувачкиот дух на Кинезите, посочи Ли.
Потрошувачката во автомобилскиот сектор во малопродажбата во Кина опадна на 7,8 проценти во првото тромесечје. Тоа е најниско ниво во последните пет години. Овој удел се движеше меѓу 9,8 и 10,4 проценти во периодот од 2022 до 2025 година, покажува анализата на Ли.
„Доколку оваа вредност се врати над 9 проценти, тогаш падот во првиот квартал ќе се смета како сезонско движење. Но, доколку таа преку цела година остане под 8 проценти, тогаш треба да се загрижиме околу можноста дека потрошувачката на автомобили ќе доживее длабок структурен пад,“ кажува експертот.
БИД осум месеци во низа продава помалку возила во Кина
Општиот пад ги погоди и производителите на електрични автомобили. БИД осум месеци во низа пријавува пад во продажбата. Во април, БИД продаде 16 проценти помалку возила, додека извозот се зголеми за 71 проценти.
Тесла од својата фабрика во Шангај испорача 79.478 возила, од коишто 25.956 се пласирани на домашниот пазар. Тоа е 10% под ланскиот резултат. Но, извозот од фабриката во Шангај порасна 80 проценти, заота што таа ги покрива и пазарите во Југоисточна Азија, коишто се силно погодени од нафтената криза.
Целиот извоз забележа раст од 112 проценти, што главно се должи на зголемената испорака на електрични автомобили и приклучни хибриди.
BAW 212 T01 Diesel · Одличен на терен, а каков е во секојдневието?
Аналитичарот на Морган Стенли, Тим Сиао, предвидува дека производителите на електрични автомобили, како Нио и Шаопенг, во првиот квартал повторно ќе се соочат со загуба, откако го завршија последното тромесечје лани со профит. Голема е неизвесноста околу исходот во второто тромесечје, којшто зависи од бројот на пристигнати нарачки и од лансирањето на нови и важни модели.
















