BAW 212 T01 Diesel · Одличен на терен, а каков е во секојдневието?

BAW 212 се покажа мошне способен теренец на планинскиот пат преку Присад, но вистинскиот предизвик е таков автомобил да биде и добар секојдневен превоз.

BAW 212 T01 Diesel на завршетокот на првиот дел од тестот, на превојот Присад, по тешко прооден пат од Извор до Прилеп

Кога човек првпат ќе се најде пред BAW 212, помислата обично е дека се работи за класичен теренец, којшто одлично ги совладува предизвиците на терен, но ги влече и сите компромиси, што мора да се направат во секојдневието, главно во комфорот, штедливоста, возните својства. Во тој поглед, 212-кава е „лимузина“.

Иксусните возачи на терен, уште од око ќе проценат дека овој теренски автомобил, прв вистински теренец од кинески производител на македонската сцена, ќе се снаоѓа добро кога ќе се појде многу далеку од асфалтот.

Целото возило „лежи“ на цврста носечка рамка, што е предуслов за добар 4х4, понатаму има најмалку 23,5 сантиметри растојание од земја, аголот на пристап изнесува 40 степени, аголот на излез е 36 степени. Во споредба со најверодостојната преставничка на својот род, вредностите на G-Klasse се соодветно 24,1 сантиметри, 30,6 и 29,9 степени, за G 450 d.

Теренската геометрија оди јасно во корист на 212. Производителот не наведува колкаво е страничното наведнување што може да го истрпи оваа „коцка“, меѓутоа за ориентир може да послужи податокот за ширината на трагата од 1,6 метар, идентична на двете оски. Кај G-Klasse се 1,64 метар, а страничното наведнување може да достигне 35 степени. А, тоа е агол кога од возачкото седиште речиси може да се допре земјата.

Цврстата носечка рамка оди заедно со крути оски напред и назад, со мошне долги водилки, и тоа пет на број по тркало, што гарантира добар „офсет“, а тоа значи способност да мине преку расед. Место механичка блокада на диференцијалите на предната и задната оска, плус заклучување 50:50 на средниот диференцијал, како што тоа уште го поседува G-Klasse, кај 212 се користи електроника. И, тоа е проблем? Defender, уште една теренска икона, исто така одамна не поседува механичка блокада, туку се потпира на електроника.

Избор на најразлични програми за секаков вид подлога, како кај Дефендер

Кај Британците помага и прочуениот Terrain Reponse, а сличен систем користи и 212. За потсетување, марката е 212, моделот е T01, изведбата е T01 Diesel, производителот е BAW, односно Beijing Auto Works. Тука може да се избира меѓу посебни програми на возење на снег, песок, карпи, кал, на планински пат, на нерамен пат, и за влегување во вода до длабочина од 85 сантиметри.

BAW 212 на патот што се своевремено бил прометна гранка што водела до историската Виа Егнација

Во секоја од овие програми има различно распределување на погонската сила меѓу двете оски, различна работа на контролата на тракција, се менува и чувствителноста на педалата за гас, и секако, соодветно реагира менувачот, зависно од условите на возење.

Електронска блокада на задниот диференцијал се испорачува стандардно, а постои и втора изведба, каде што и предниот диференцијал добива е-блокада. Целта е да се спречи целата погонска сила да се пренесе на „погрешното“ тркало, на тоа што е во воздух, кога ќе се наиде на голем расед, или кога едното тркало е на мраз или друга исклучително лизгава подлога. Уште едно големо име е Borg Warner, којшто ја испорачува трансмисијата, вклучувајќи го редукцискиот преносник што го скусува преносот со фактор 2,64.

Во поглед на теренските својства, 212 навистина е исклучителен теренец, далеку е од „шминка“

На патот од Извор, општина Чашка, до планинскиот превој Присад на Бабуна, па надолу до Прилеп, по којшто врвеле карвани уште во римско време, а со нормален автомобил се возело до пред десетина години, BAW извозе мошне релаксирано. Цврстата рамка не дозволува нешто да крцне, до кабината не допира ниту еден непречистен удар од подлогата. BAW ја наведува и причината: 96% од каросеријата се изработени од челик со висока цврстина. Овој 212 нема да остави македонска планина без да го освои на врвот или барем да дојде близу врвот.

Вистинската смисла на овој теренец, сепак ја дава дизел моторот. Во време кога електрификацијата зафаќа насекаде, и дизелот, не само буквално, е во изумирање на производствените ленти, BAW 212 T01 даде најдобро уверување, дека хибридизацијата, а потоа и електрификацијата, сепак не може да бидат 100% замена. На дизелот му е вистинско место во 212.

Овој е со работна зафатнина од 2,0 литри, секако користи турбонатполнење и директно впрскување под висок притисок, со заеднички вод. Тоа се слуша, се чувствува, и се поздравува, кога ќе треба повторно да се наполни резервоарот. Изработен под лиценца на Cummins, дизелов со 170 КС при 3.600 вртежи и 415 њутнметри од 1.500 вртежи, работи мирно, тивко, без вибрации, моќноста ја ослободува рамномерно, што исто така е важно за терен, но пак е најважното тоа што потрошувачката во реални услови ќе се движи околу 9 литри.

Класичниот автоматик од ZF се докажува и на терен и на автопат

Погонската спрега ја заокружува 8-степениот класичен автоматик со претворач на вртежен момент, конструкција на германскиот специјалист ZF. Менувачот работи неосетно и на пат, а не запнува и кога треба да се реагира соодветно на терен – по потреба, тука е редукцијата. Ниту еднаш при искачувањето на Присад, немаше потреба за рачно да се смени степен.

Секако, аеродинамичноста како на ѕид, нема да биде од помош кога ќе се фати темпо со нежните и ниски лимузини некаде долу на патот, затоа што и потрошувачката ќе потпорасне. Меѓутоа, во оваа 212-ка не сакате да брзате, тука се ужива во возењето, во времето поминато во патување, каде било.

Второто видео од тестот на BAW 212 T01: Практичност, опременост, просторност

Во 212-кава има концепт, замисла

Очигледно е дека во BAW се задале да осмислат способно теренско возило, но не како работна машина – иако денешниот култ на Land Rover и G-Klasse почива токму врз нивните заслуги од времето кога служеле како работни машини – туку како отмен теренец, што ќе биде комфорен, па и луксузен. Кинеските производители можат да си дозволат да внесат малку повеќе луксуз.

Сé на арматурната табла е обложено меко, со вештачки материјал што личи на кожа. Не постои прекинувач или команда, а да нема додадено на нив малку алуминиум или метален финиш. Целите рачки во вратите се изработени од алуминиум, со видливи завртки, што изгледа ефектно.

Точно е дека воланот се мести само висински, но ергономијата пак одговара. Просторноста е во ред, единствено треба да се смета на жртвата од тесниот отвор на задната врата во делот веднаш над оската, затоа што за теренската извонредност на 212, сепак мора да се обезбеди простор за работниот óд на задните тркала.

Седиштата се обложени меко, без нагласена странична поддршка, со стандардното електрично местење кај кинеските производители. На задната клупа може да се мести аголот на потпирачот. Залегнувањето има смисол, покрај изобилството простор за нозе.

До багажникот се пристапува класично, со задна врата со резервно тркало на неа и со странично отворање. Под цврстата подна облога е задолжителната дигалка – тука кит за лепење гума не спасува. Бројни зафати се забележуваат во багажникот, почнувајќи од куки за прицврстување товар, до зајакнување на потпирачот за грб, кога ќе се собори и врз него ќе се постави тежок товар.

Првото видео од тестот на BAW 212 T01 Diesel со теренско возење до Присад

Простор за подобрување има главно во ракувањето со темпоматот, каде денес што се очекува и поголема функционалност, исто како и во ракувањето со прекинувачите во средишната конзола – 18 прекинувачи имаат ист дизајн, и барем, додека човек не навикне, ќе се буни. Исто би било корисно да се додадат неколку системи за асистенција, главно камера што ќе ги следи брзинските ограничувања, па и систем за задржување во лента. Покрај тоа, додека дојде слика од задната камера, минува малку време, но веројатно возачите на оваа теренска класика ќе сакаат и сами да погледнат. Прегледноста е одлична.

Тоа што исто така е одлично, е опременоста. Задната камера малку доцни на старт, но затоа кога ќе проработи заедно со сите останати камери, се покажува слика од кој било правец што ќе се посака. Тоа помага и на терен, за човек да е сигурен дека 212 гази каде што треба, а помага и за лакираните тркала да не се изгребат на тротоар. BAW 212 не мора да се остава далеку од градскиот метеж. Како за масивен теренец, сосем е пристојно „градско возило“, посебно кога се има на ум и релативно ниската потрошувачка. И, 80-те литри резервоар се раскош.

BAW 212 Т01 е опремен како куќа

За опременоста: Електрична паркирна сопирачка, 4 воздушни перници, контрола на притисок во гуми, контрола на стабилност, паркинг сензори, задржување брзина на надолнина, паркинг сензори напред и назад, камери во 360 степени, пристап и старт без клуч, спончев покрив, темпомат, нагазници, двозонски автоматски клима уред, безжичен полнач 50 вати, возачки екран 10,25 инчи, средишен екран 12,3 инчи, навигација, електрика на седишта, сончев покрив, сензор за дожд. Тоа е веројатно половина од ставките што ги поседува T01 во старт.

BAW го изработува 212 T01 и во специјални серии, вклучувајќи изведба Highlands со уште поголемо растојание од земја, блокада на преден диференцијал и со разни додатоци, од заштита на светлата, до надворешни куфери над задните прозорци, со дволитарски бензинец со 252 КС.

Постои и пикап со двојна кабина Explorer 01, изведба Metta со класичен стил, потоа изведба на истиов 01 со бензинец, изведба Changfeng со приспособлива висина и нагласена теренска пробивност за професионална примена и ентузијасти, којашто исто така се нуди со дизел мотор.

Името 212 што BAW го издвои како марка за своите теренци за да го освојува светот, има тежина. Ова не е производител кој штотуку почнал да произведува теренски возила. BAW го прави тоа уште од средината на 1950-те години.

Како најверодостоен пример за знаењето на промената што ја донесува 212 T01 може да послужи примерот со Ineos Grenadier, измислена марка што го продава дизајнот на Defender, по цена од најмалку 80.000 евра. Секако дека пазарот го игнорира тоа. Овој 212, нема да мине без успех.

Вебсајтовите на ABC Brother со сите информации се следните

ABC Brother (Dongfeng)

BAW

Претходна објаваТ-Рок: Нова турнеја на рок-ѕвездата на Фолксваген
Следна објаваЛипмотор го продава електричниот B05 за 27.000€ во ЕУ, ги погази МГ и Чери

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here