Фолксваген Т-Рок е веројатно најважната премиера на германската марка годинава на домашниот пазар. Како што доликува, Порше Македонија организираше пречек на моделот во салонот на матичната марка на концернот, со три примероци што ја претставуваат гамата на Т-Рок.
Новата генерација на Фолксваген Т-Рок доаѓа на местото на претходничката што за седум години се продаде во преку два милиони примероци, и меѓу другото беше и еден од ретките СУВ-кабриолети, како продолжение на духот на „карман-бубата“.
Кросоверот сега изгледа значително подолг и тоа не се должи само на дизајнот, туку има и повеќе метал. Т-Рок во втората генерација е подолг 12 сантиметри и доаѓа до 4,37 метри. Меѓуоскиното растојание порасна три сантиметри, на 2,63 метри. Багажникот располага со вкупно 475 литри.
Дизајнот се раководи повеќе според големите браќа Тигуан и Тајрон. Меѓу главните обележја се осветленото лого напред и назад, заедно со светлечка лента меѓу предните светла, што е стандард во средното ниво на опременост Стајл и во спорскиот модел Р-Лајн.
Новиот Т-Рок повеќе се издвојува како купе-кросовер
Фолксваген сака повеќе да го издвои новиот Т-Рок како поотмен модел, па заедно со опцијата за покрив во црна боја, како зафат што се нудеше и кај претходникот, нуди и тркала со пречник што досега до 20 инчи. Канарски жолтата боја е заштитна боја на моделот, а производителот дава и дополнителен поттик за луѓе да ја избираат оваа боја, којашто доаѓа без доплата.
Во новиот Т-Рок се вградува исклучиво 1,5-литарски бензинци со 115 и 150 КС, коишто работат како благ хибрид и се во комбинација со 7-степен менувач со двојна спојка.
Во гамата наесен ќе се приклучи и првиот полн хибрид на Фолксваген
Третата погонска опција штотуку стартуваше на поголемите европски пазари и тоа е првиот класичен хибрид во Фолксваген. Тука исто така работи 1,5-литарец, но во комбинација со посилен електромотор и поголема батерија отколку во благиот хибрид, соодветно со 136 и 170 КС. Засега нема најави кога хибридот би бил понуден на македонскиот пазар.
View this post on Instagram
Понатаму ќе се вградува и 2,0-литарски ТСИ со 204 КС и погон на сите тркала. Врвот следи в година, кога доаѓа Т-Рок Р со моторот од сестринскиот Голф Р, со 333 КС. Единствено што нема да проработи во новиот Т-Рок е дизел.
Претходникот беше критикуван поради поедноставните материјали, главно за пластиката на арматурната табла и поради посебностите во ракувањето. Сега, Т-Рок е друг свет. Изработката остава впечаток, ракувањето исто така, вклучувајќи ги класичните прекинувачи на воланот, во замена за тач-полињата. Инфо-забавниот систем се базира врз МИБ4, што претставува голем напредок.
Арматурната табла е обложена со пријатно платно, вратите се обложени и напуштени се сјајните црни површини што се чувствителни на гребаници.
Т-Рок со цената се поставува меѓу Т-Крос и Тигуан
Во понуда се вообичаените три ниувоа на опременост, Лајф, Стакл и Р-Лајн. Моторот со 115 КС се нуди само во основното ниво, коешто чини 36.025 евра. За посилниот мотор треба да се смета на 40.177 евра.
Опременоста вклучува ЛЕД светла напред и назад, црни кровни шини, автоматско долго светло, тркала од лесен метал од 16 инчи и гуми 225/60, кожен волан со команди за менувач, потпирач за лакт напред и назад, двоен под во багажникот, патосници, самозатемнувачки ретровизор, стартување на копче, приспособлив темпомат, предупредување при пешак или велосипедист на пат, електрична пакирна сопирачка, камера за брзинско ограничување, предупредување при возило во мртов агол, сензори за паркирање. Тоа веќе е мошне солидна опременост.
Во нивото Стајл што чини 41.337 евра, Т-Рок добива зафати во духот на името на пакетот, но и функционални ставки, како тркала од 17 инчи, греење на волан, ергономско возачко седиште, микрофибер на седиштата, пристап без клуч, двозонска работа на автоматската клима, пожив приказ во екраните и избор на програми за возење.
Прогресивно серво управување го менува возачкото чувство во Р-Лајн
Р-Лајн чини 44.067 евра, со браници со спортски изглед, дополнително затемнети задни стакла, тркала од 18 инчи, спортски волан и седишта, различна облога на седиштата, спортски педали, црн плафон, но и прогресивно сервоуправување сo променлив преносен однос, што ја менува и динамиката и чувството во возење.
Т-Рок се позиционира во гамата на Фолксваген меѓу Т-Крос и Тигуан. Следна голема премиера е електричното ИД Поло, за коешто уште нема конкретен датум, но моделот може да се очекува рано наесен.
















