Стелантис ја качи продажбата за 12%, се враќа пазарот во САД

Концернот со 14-те марки околу Фиат и Пежо ја зголеми испораката на возила во првиот квартал за 12 проценти, со вкупно 1.361.000 возила.

  • Испораката на возила на Стелантис во светот во првото тромесечје, порасна за 12 проценти, на 1,36 милион возила.
  • Северна Америка постигна највисок раст, со 17% и вкупно испорачани 379.000 возила.
  • Продажбата на модели врз платформата Смарт Кар и модели на Липмотор оди право нагоре, како одговор од пазарот што долго чекаше достапни модели.
  • Новата стратегија на извршниот директор Антонио Филоса вродува плод.

Најголем раст постигна Северна Америка, којашто е 17 проценти во плус. Тоа се сигурни знаци дека стратегијата на новиот извршен директор Антонио Филоса, за враќање на пазарниот удел на концернот, вродува плод.

На пазарите во Северна Америка, бројот на возила испорачани до дилерите, пораснал за 17 проценти, на 379.000 возила. Тоа е резултат од враќањето на моторите Ве-8 Хеми во пикапите на РАМ, како и пополнувањето на празнините во понудата, главно кај Џип, стои во соопштението од Стелантис од 15-ти април.

Европскиот пазар пораснал 12 проценти, на 637.000 возила, што е заслуга првенствено на достапните модели врз платформата Смарт Кар, како што се Фиат Гранде Панда или Опел Фронтера. Испораката на овие возила порасна 85 проценти, односно продадени се 48.000 возила повеќе од овие модели, во споредба со лани.

Придонес даде и кинескиот партнер на Стелантис, Липмотор. Нивната продажба во првото тромесечје порасна на околу 27.000 возила, наспроти само 5.000 возила во истиот период лани.

Зафатите во ценовниците и продажбата на службени возила донесоа раст

Стелантис значително ги скуси цените во изминатите месеци, за да ги потроши залихите на некои пазари, меѓу кои Франција, каде што електричниот Пежо е-208 во моментов е достапен за 150 евра месечен лизинг, без учество.

Компанијата се враќа и на продажбата на службени возила, што носи помала добивка, со цел да ја зголеми продажбата.

Стелантис со враќањето на Гранд Чероки ги пополни празнините што останаа во понудата на Џип

Филоса изјави пред инвеститорите на 14-ти април, за време на годишниот конгрес, дека производителот презема „болни, но неопходни“ чекори, за да ги врати пазарниот удел, прометот и маржата, вклучувајќи отпишување неповратни трошоци во висина од 22 милијарди евра за фискалната година 2025, од коишто најголемиот дел отпаѓа на откажувањето на плановите за масовно производство на електрични возила.

„Залетот е вистински,“ кажа Филоса. „Започнавме систематски да ги затвораме сите пропусти на раководството.“

Акциите на Стелантис се во осетен пад од завршетокот на 2024 година, откако ненадејната објава на предупредување до инвеститорите, за потфрлување на плановите, доведе до заминување на поранешниот извршен директор Карлос Тавареш. Филоса, кој дотогаш беше главен за бизнисот на концернот во Северна Америка, ја презеде функцијата во јуни 2025 година.

Филоса ќе го објави својот прв стратешки план на денот за инвеститори во Обурн Хилс, Мичиген, на 21-ви мај. Стелантис првпат ќе почне да го објавува билансот од бизнисот на ниво на квартал, почнувајќи на 30-ти април.

Растот во првото тромесечје ги врати испораките на Стелантис на ниво на 2024година, кога беа испорачани 1.335.000 возила. Но, тоа пак е за 10% под билансот од 2023 година.

Фиат Гранде Панда · Тест · Големите автомобили се малечки

Сите региони во коишто е присутен Стелантис, постигнаа раст во првите три месеци.

Во Латинска Америка, испораките пораснаа за 4% на 219.000 возила, Средниот Исток и Африка донесоа раст од 11 проценти и 111.000 возила, додека во Југоисточна Азија беа испорачани за 15% повеќе возила, односно вкупно 15.000 возила.

Претходна објаваКампер-возила се произведуваат во Македонија: Во посета на ГоГо Ван
Следна објаваТрамп бара Џенерал Моторс и Форд да произведуваат оружје

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here