Тоа што денес во Македонија повторно се изработуваат возила за кампување, треба да изненадува најмалку, покрај фактот што некогашниот гигант Треска го покриваше целиот регион со камп-приколки, и уште поважно, покрај фактот што низ цела држава постојат или постоеле плацеви за кампување, во коишто некогаш се преселуваше целиот летен живот. ГоГо Ван е од друго време и поставен е здраво врз сосем друга бизнис основа, обновувајќи го духот на кампувањето.
Правецот на движење не е нов. Луѓе со години се упатуваат натаму, со цел да уживаат во парк-рестораните во кривопаланечки Гиновци или Ранковце, коишто се одликуваат со тоа што се сраснати со природата. Оттука се продолува уште десетина километри до Крива Паланка, честопати до манастирот Свети Јоаким Осоговски. Но, овојпат, целта е друга.
Од одвојувањето од новоизградениот експресен пат до Крива Паланка, кусо по Страцин, се продолжува по правецот на стариот пат до градот, и по десетина километри, од левата страна патот се здогледува еден голем објект, со целосно застаклена фасада, и со езерце покрај него, што се чини дека е задолжителен дел од декорот во овој крај. Тука се изработуваат кампер-возила, тоа е седиштето на ГоГо Ван.
Компанијата во семејна сопственост работи успешно во други подрачја, главно во трговијата со гранит, меѓутоа избра својот бизнис пристап да го насочи дополнително кон возилата за кампување. Трагите од тој бизнис се покажуваат и во возилата. Во ГоГо Ван Компакт 600, којшто е развиен како сопствен модел на кампер-ван, целата работна површина во делот на кујната е изработена од гранит.
Уште пред подготовката за да одговориме на поканата од ГоГо Ван, за сами да ги погледнеме возилата и целата организација на работата, беше јасно дека не се работи за ентузијастички пристап, туку за бизнис модел на работа којшто се заснова на здрава и одржлива основа. Покрај тоа што во огромната работна хала се врши преработка и опремување на возила во кампер-ванови според сопствени проекти, може да се побара и изработка по нарачка и желба на клиентот.

Сликата што ќе се стекне на самото место е уште поуверлива од тоа што го пренесува вебсајтот. Целата хала е полна со опрема и прибор, од ладилници од стотина литри, до грејачи што работат на дизел, од огромни прозорци до комарници, и од тоалети до туш кабини приклучени на резервоари до 200 литри.
Во камперите на ГоГо Ван се вградува техника од врвни производители
Се работи со докажани производители на техника за возила за кампување. Во ГоГо Ван се посебно горди на вградувањето електрика и електроника од водечката фирма во тоа подрачје, Виктрон. Тоа што не се гледа, но исто така е суштинско за камперскиот живот: Батерија што со денови ќе ги напојува потрошувачите во возилото со напон од 12 волти, и соларни панели, што се поставени на покрив и обезбедуваат независност при подолги излети далеку од инфрастуктурата.
Поводот за поканата до Аутомедиа беше изработката на најновиот кампер-ван, што се води како ГоГо Ван Компакт 600. Како основа служи Фиат Дукато од новата генерација, во фургон изведба, со средна должина (6,0 метри) и со средна висина. Просторот што стои на располагање за да се изведе волшебството е долг 3.705 милиметри и висок 1.932 милиметри, не вклучувајќи го просторот кај предните седишта, коишто се свртуваат и служат како фотелји.

Во овој простор, понатаму се наоѓаат кујна со два горилници и прегради насекаде, ладилник од 90 литри со комора, бојлер, тоалет со туш, просторен лежај за две лица, и секако, простор за дневен престој, со преклоплива клупа, држажи Изофикс за детско седиште и маса што се спушта.
Двапати поголема батерија отколку во хибридните автомобили на Тојота
Тоа што не се гледа, а клучно е за квалитетот на камперскиот живот, секако е спомнатата електрика од Виктрон, вклучувајќи го гел акумулаторот од 180 ампери, што значи дека располага со капацитет од 2,16 киловатчасови, како срце на електриката. За споредба, хибридните модели на Тојота користат погонска батерија што има половина од капацитетот во возилово.
Двата соларни панели на покривот во најдобар случај постигнуваат номинална моќност од 430 вати. Тоа значи дека за 5 до 7 часови под директно сонце, батеријата од 180 амперчасови ќе се наполни целосно. Тоа време, уживателите во кампувањето секако ќе го поминат во природа, на плажа, во шума, каде било. По враќањето во возилото, батеријата веќе е полна.
Може со денови да се ужива во комфорот на уредите на струја, независно од инфрастуктурата
Сите потрошувачи се приклучени на 12-волтната мрежа, од вентилаторите и осветлувањето, до ладилникот и клима-уредот, којшто пак, може да се приклучи да работи и на 220-волти во камп. Дополнително е вграден грејач што го користи дизелот во резевоарот, така што може да се кампува и лете и зиме, и далеку од цивилизација и инфраструктура, па потоа на дружење во камповите.
Тоа што го заокружува впечатокот е изработката. Мора да се признае дека секој детал е изработен со големо внимание и целиот тој сериозен пристап се рефлектира во пријатната средина во овој кампер-ван.
Врска до вебсајтот на ГоГо Ван
Цената на ГоГо Ван Компакт 600 со сета дополнителна опрема, изнесува 52.990 евра, не вклучувајќи ДДВ. Понудата на возила за кампување, колку што е насочена кон приватните купуваичи, толку повеќе е насочена кон бизнисите, односно компаниите што гледаат можност за заработка од купување возила од овој вид и изнајмување на истите. Тоа е вносен бизнис насекаде низ светот, уште повеќе во време кога авионските летови се неизвесни и се нуди можност одморот да се помине на нов начин. Во наша Македонија, што изобилува со природни убавини и со посебен печат на секој крај, кампувањето е природна работа. Впрочем, не е случајно тоа што, барем на времето, насекаде имаше простори за кампување, од езерото Треска крај Скопје, до охридски Свети Наум.
ГоГо Ван отвора бројни насоки за бизнис, од изнајмување до самостојни проекти на клиенти, со изобилството од деловите што се нудат за вградување
Веруваме дека од ГоГо Ван наскоро ќе ни дојде вест дека потпишале договор за изработка и испорака на дузина возила за фирми што препознале шанса да заработуваат во светот на кампувањето.
Во меѓувреме, погледнете го видеото во коешто детално се прикажани ГоГо Ван Компакт 600 и целата организација во овој единствен свет на кампувањето.















