
- Поскапените горива поради војната во Иран може да ги зголемат побарувачката за ЕВ и потребата од полначи.
- Цената на бензинот во ЕУ порасна за 12 проценти меѓу 23-ти февруари и 16-ти март.
- Чарџпоинт очекува Европа наскоро да ја престигне Северна Америка како свој најголем пазар.
- Чарџпоинт планира во второто полугодие од 2026 да почне да поставува брзи полначи од 600 киловати во Европа.
Растот на цените на горивата што е последица од војната во Иран може да ја зголеми побарувачката за електрични возила, отворајќи им дополнителен пазар на компаниите што нудат полначи, цени извршниот директор на холдингот Чарџпоинт, Рик Вилмер.
Просечните цени на бензинот пораснаа за 12 проценти меѓу 23-ти февруари и 16-ти март, на 1,84 евро за литар, покажуваат податоците од Европската Комисија.
Скокот следеше поради прекинот во снабдувањето, откако војната на Средниот Исток им го затвори патот на танкерите низ Ормускиот Теснец, како клучна поморска рута по којашто минуваат околу 20 проценти од светското снабдување со нафта.
Експертите од браншата предвидуваат дека порастот на цените на горивата во ЕУ ќе го забрза преоѓањето на електрични возила во 2026 година. Пазарот на батериски електрични возила во Европа годинава ќе достигне удел од 23 проценти во вкупната продажба на автомобили, за в година да следи скок на 28 проценти. За споредба, батериските електрични возила учествуваа со 19 проценти во 2025 година.
Во повеќе сегменти, БЕВ веќе постигнуваат споредлива цена со моделите со МВС, покажува истражувањето на лоби групата Транспорт и Животна Средина.
Европа е „исклучително чувствителна“ на енергетските кризи, поради тоа што увезува 96 проценти од нафтата, посочува Лусиен Матје, директор на огранокот за автомобили во Транспорт и Животна средина. „Електричните автомобили се единствениот пат кон ослободување од таа зависност.“
Долготрајната геополитичка неизвесност прави преоѓањето кон електрификација да биде „неизбежно“, цени Вилмер. Како што на патиштата ќе расте бројот на БЕВ, така и потребата од мрежа од полначи за електрични возила ќе расте. Директна корист од тоа ќе има Чарџпоинт, додава директорот.
Европа е на пат да прерасне во главен двигател на растот
Вилмер очекува дека Европа ќе ја престигне Северна Америка, како пазар што му носи најголем профит на Чарџпоинт, откако ќе стапат на сила построгите норми за емисија на ЦО2 и субвенциите ќе ги охрабрат купувачите да се префлат на електрични возила.
„Четвртиот квартал ни беше многу силен во Европа,“ наведува Вилмер. Европа учествуваше со 23 проценти во вкупниот промет во висина од 109 милиони долари на компанијата со седиште во Калифорнија во последниот квартал од 2025 година, односно со 25 милиони долари. За споредба, во последниот квартал од 2024 година, регионот имаше удел од 19 проценти во вкупниот промет од 102 милиони долари, односно донесе промет од 19,4 милиони долари.
Чарџпоинт очекува Европа да расте и благодарение на воведувањето на брзи полначи во второто полугодие. Компанијата започна соработка со Итон, снабдувач со интелигентни решенија за полнење, со којшто ќе ја понуди мрежата од полначи Чарџпоинт Експрес Грид.
Системот овозможува брзо полнење со моќност до 600 киловати, што ќе биде голем скок во споредба со постоечкиот стандард во 350 киловати. За товарни возила се нудат и полначи со моќност од преку еден мегават.















