
- Чери и Џагјуар Ланд Ровер на 31-ви март ќе го претстават својот прв модел од Фрилендер, некогашно име на модел на Британците, а сега заедничка марка со Кинезите.
- Техниката за приклучниот хибрид доаѓа од платформата Т1Икс.
- Фрилендер главно е наменет за кинескиот пазар, но можно е подоцна да се пушти и за извоз.
- Марката го враќа во живот името на моделот што првпат се користеше во 1997 година.
Тоа е СУВ-модел со приклучен хибриден погон, којшто е конструиран врз платформата Т1Икс на Чери, и којашто се користи за модели на кинеските марки Џејку, Омода и Лепас. Според пишувањата на локални медиуми, моделот ќе располага со шест седишта.
Овој чекор ја отсликува стратегијата на Џеј Ел Ар за зајакнување на своето присуство во сегментот на автомобили од средното ценовно подрачје во Кина, во којшто владее жестока конкуренција. Купувачите бараат напредна технологија и возила од локално производство.
Со лансирањето на Фрилендер како засебна марка, Џеј Ел Ар ќе може да им се посвети повеќе на увезените модели што носат повисока маржа, како Рејнџ Ровер или Дефендер.
Марката Фрилендер го прикажа возилото со најавна слика, на којашто беа нагласени светлата со квадратна форма, со повеќеделни ЛЕД-елементи.
На сликата се забележуваше и преод од хаубата кон крилото, како детал од дизајнот на првиот Фрилендер од 1997 година.

За дизајнот беше надлежен шефот на Џеј Ел Ар, Џери Мекгауерн, пред да си замине од британската компанија. Чери беа задолжени за техниката. Производството ќе се одвива во заедничката фабрика во Чангшу, во близина на Шангај.
Фрилендер ќе замени неколку помалку модели, што Џеј Ел Ар ги произведува во Кина, како Рејнџ Ровер Евок, Ланд Ровер Дискавери Спорт и Џагјуар Екс И.
Директорот за финансии на Џеј Ел Ар, Ричард Молино, во февруари изјави дека Фрилендер во почетокот ќе биде наменет за кинескиот пазар, со можност во иднина да започне и извозот. Молино кажа дека марката ќе се прошири на неколку модели. Џеј Ел Ар не соопшти колкава продажба очекува да постигне со Фрилендер на пазари надвор од Кина.
Кинеските медиуми објавија дека Фрилендер веќе има создадено продажна мрежа од околу 60 дилери во кинеските градови, што укажува дека се очекува силна продажба.
Фрилендер го враќа во живот моделското име што Џеј Ел Ар го користеше првпат во 1997 година, за компактниот СУВ. Со тој модел, Ланд Ровер пристапи во сегментот со повисока продажба и беше нивни прв модел со самоносечка карсоерија. Името се користеше за две генерации на моделот, до неговата замена со Дискавери Спорт во 2015 година.
Фрилендер веројатно ќе користи приклучен хибриден погон од Чери, што се вградува во поголемите СУВ-модели, како Омода 9 или Чери Тиго 9. Во првиот од нив, погонот се состои од 1,5-литарски турбо бензинец со 140 КС и три електромотори со системска моќност од 428 КС, во комбинација со батерија од 34,5 киловатчасови, за електричен досег до 145 километри.















