Откако смени половина С-Класа, Мерцедес-Бенц ги повтори зафатите кај Мајбах

Штутгарт неодамна ја пушти на сцена новата С-Класа со најобемен фејслифт, а сега на таа основа додава Мајбах, со надградба на луксузот, почнувајќи од материјалите, до графиката во екраните што е посебна за екслузивната марка.

Мотото при развојот на освежената изведба на Мерцедес-Мајбах С-Класа беше „есенција на вистинска класа“.

Во славеничката година, кога одбележува 140-годишнина од првото моторно возило во историјата, од патентот на Карл Бенц, што доведе до денешниот Мерцедес-Бенц, германскиот производител ѝ се посвети и на С-Класата и го изврши најдалекусежниот фејслифт во историјата, со зафати и во изгледот и во техниката.

Тоа повлече соодветно да се дотера и уште полускузната изведба на С-Класа, под знакот на Мајбах, марка со „само“ 105-годишна историја. Бидејќи во овој домен не решава само техниката, туку и емоциите, Мајбах ја осмисли својата верзија на С-Класа, како „возило што е конципирано како место за апсолутно опуштање, врвна занаетчиска умешност и техолошка префинетост“. Нарачките почнуваат уште денес, на 25-ти март.

Десетте највпечатливи обележја на Мерцедес-Мајбах С-Класа

Ексклузивниот статус зрачи уште посилно

Маската на Мајбах сега е уште повеќе нагласена, зголемена за 20 проценти и со осветлена рамка. На пазари каде што тоа е дозволено, грбот на Мајбах во задните столбови и исправената ѕвезда на Мерцедес-Бенц на хаубата, за којашто треба да се доплати, исто така се осветлени.

Внимание за детали, какво што нема на друго место

Првпат е осветлен и натписот Мајбах врз рамката на маската. Светлата со графика на две ѕвезди добија нагласок во розе-златна боја. Сите ковани тркала во сребрената изведба, располагаат со механичка префинетост. Ѕвездата на Мерцедес-Бенц во нив секогаш стои право, монтирана на фин механизам со топчесто лежиште. Тоа создава впечаток како ѕвездата да лебди, независно од движењето на лимузината.

Влез и потонување во свет на благороден луксуз

Сменетата внатрешност оддава врвна занаетичка умешност и го комбинира човечкиот труд со најсовремена техника, како МБУКС Суперскрин, што пак е изведен во посебен стил за маркава. Чувството на згриженост како во кожурец е облагородено со дрвени плочи со отворени пори, со нежна светлина, материјали со разлчни структури и дигитални површини што се втопуваат со нивната околина.

Ново толкување на модерниот луксуз

Првпат се изведува внатрешност без природна кожа. Таа е заменета со платно Мирвил, со изглед на природни влакна, во коешто се вткаени бели ленти и изведена е ексклузивна украсна графика со ромбови со видлив штеп.

Изработка по нарачка што речиси не знае за граници

Прочуеното одделение Мануфактур, што изработува по посебна нарачка, може да изведе секакви комбинации од кожа, украсни штепови, шиење и изработка на детали по желба. Мајбах вели дека С-Класата може да ја претвори во „единствено уметничко дело, што е изработено по мера.“

Место за спокој

Новата Мерцедес-Мајбах С-Класа нуди уште попријатно чувство во возењето, со хармонија меѓу смиреност, ефикасност и сувереност. Вратите се затвораат автоматски, назад се вградуваат фотелји, ладилник, сребрени чаши за шампањ од Робе и Беркинг.

Симфонија од сила и најтивка работа

Осумцилиндарскиот мотор стана благ хибрид, наелектрифицирани со 48-волтен електромотор, приклучниот хибрид користи како основа 6-цилиндарец, а кај сите мотори се преземени неколку усовршувања во насока на мека реакција при забрзување и ефикасен повраток на енергија при сопирање, сето тоа во услови на врвна смиреност. На одредени пазари останува во понуда популарната верзија со 12-цилиндарец.

Новата генерација на МБУКС првпат во модел на Мајбах

Најновата генерација на инфо-забавниот систем МБУКС го има своето деби во Мајбах во новата С-Класа. Вообичаено, графиката е посебна за марката, а усовршувањата во самиот систем го подобрија и ракувањето преку т.н. зеро-лејер, односно достапност на фунцкиите веднаш на екранот во зависност од ситуацијата, без потреба да се влегува во менито. На тоа следи уште виртуелен асистент со поддршка од ВИ.

Усовршени системи за асистенција

Најнапредните сензори во комбинација со моќни процесори се основа за сеопфатен пакет од системи за асистенција, што ги унапредуваат комфорот и безбедноста во возењето. Врвот го застапува системот МБ.ДРАЈВ Асист Про, што според производителот овозможува „неосетно патување од една до друга точка – дури и во густ сообраќај“.

Нови бои и нови дизајни на тркалата

Во палетата од бои што се достапни за Најт Сериес е воведена наутичката сина боја, а може да се избира и меѓу неколку нови дизајни на тркала.

Мерцедес-Мајбах стартуваше со нарачки за новата С-Класа, почнувајќи со цени од 243.814,94 евра за С 580, потоа 248.449,99 евра за хибридната С 580 е, додека за врвната погонска изведба С 680 мора да се смета на најмалку 269.646,86 евра.

Мајбах без да биде доработен над станардната изведба веројатно нема излезено досега од фабрика. За нивото на цена на опциите, сведочи најдобро цената на ексклузивно лакирање во Мануфактур, што изнесува 11.781 евра. Во тој случај, Мајбахот може да биде и портокалов, со мат ефект. Но, и тоа не е највисоката цена за лак на оваа адреса.

Претходна објаваНовото Рено Клио ја вжештува конкурентската трка во класата
Следна објаваЏагјуар Ланд Ровер и Чери развија нов Фрилендер

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here