Новото Рено Клио ја вжештува конкурентската трка во класата

Рено Клио е меѓу првите звучни модели во градската класа што преоѓа во нова генерација, со сменет дизајн, со изобилство од системи за асистенција и верзија со хибриден погон.

Со значително посилен мотор и повисока опременост, Рено Клио се движи во ценовното рамниште на претходниот модел

Францускиот производител постојано е присутен во вестите од автомобилската сцена, било да станува збор за пробивот на Клио на врвот на европскиот пазар во февруари, било да е тоа сестринската буџет-марка Дачиа, или одличната продажба на електричниот Р5 Е-Тек. Аутомотив Груп ги објави цените за новото Рено Клио и таму има неколку изненадувања.

Рено Клио го почнува новиот круг на генерациска смена на моделите од градската класа, којашто традиционално го нуди оптималниот сооднос меѓу корисност и меѓу куповната моќ на домашните возачки и возачи. Тоа е класата на големци во продажбата од златните времиња на македонскиот пазар, пред 2010-та година, со Опел Корса, Фиат Пунто, Пежо 206, Фолксваген Поло, Сузуки Свифт, и секако самото Клио.

Додека претходниот модел уште беше достапен со атмосферски бензинец со 67 КС, како почеток на понудата, покрај турбо-бензинецот со 91 КС, новакот почнува директно од 115 КС. Секако дека тоа е голем скок и купувачите што сакаат прво да погледнат модел со пониска моќност нема да најдат таква изведба. Но, цената пак одговара. Ценовникот за новото Рено Клио почнува од 19.862 евра, акциска цена, наспроти редовната цена од 20.690 евра.

Производителите денес се префрлени на максимална рационалност, а тоа меѓу другото опфаќа и сведување на понудата од мотори на минимум, исто како и сведување на изборот од опции и нивоа на опременост, на најмала можна мера.

Разновидноста од каросерии, додатоци, погонски варијанти, што беше својствена во минатото, денес е напуштена, затоа што секоја варијација плус во производството, значи и негово општо поскапување. Затоа, малку мотори, малку пакети на опременост, но богати.

Каросеријата порасна, целосно е сменет изгледот

Каросеријата во споредба со претходната Клио (името доаѓа од грчката божица на историјата и ќерка на Зевс, со значење за нешто „да се прослави“) порасна за 6 сантиметри, висината за еден и меѓуоскиното растојание за помалку од еден сантиметар. Багажникот порасна на 391 литри, а порасна и просторот со соборена задна клупа, од 1.069 на 1.176 литри.

Тежината е зголемена незначително, за 30 килограми, во споредба со претходната Клио со 90 КС, но порасна носивоста, од 398 на 463 килограми.

Според фабрика, новата Клио со 115 КС спринтува до темпо сто за 10,1 секунди, наспроти 12,2 секунди на претходничката со 90 КС, додека крајната брзина додаде 6 км/ч, за 180 км/ч. Просечната потрошувачка се намали од 5,3 на 5,1 литри, издувот испушта 5 грами ЦО2 помалку на километар.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Иако моторот е значително посилен, цената пак остана на ниво на претходната Клио

Моторот во основниот модел е трицилиндарски, со зафатнина од 1,2 литар, со 115 КС при 4.350 вртежи во минута и максимален вртежен момент од 190 њутнметри при 1.750 вртежи. За споредба, вредностите кај претходната ТЦе 90: 91 КС при 5.000/мин, 160 њутнметри при 2.000/мин.

Вистинската промена е во опременоста. Тоа одамна не се сведува само на присуство на клима уред, алу-тркала или магленки, туку денес се цени софистицирана опрема, односно системи за асистенција.

Уште во првото ниво на опременост Еволушн, се добиваат приспособлив темпомат и лимитер, предупредување при пешаци и велосипедисти на пат, систем за задржување во лента, камера за знаци, а потоа и клима уред, средишен дисплеј од 10,1 инчи и систем Опен Р Линк, диодни предни и задни светла и волан обложен со вештачка кожа.

Овој мотор со нивото Еволушн е достапен и во изведба со автоматски менувач со двојна спојка и цена од 22.262 евра. Третата погонска изведба со појдовната опременост е хибридот, и тоа е уште еден триумф на Клио. Додека претходната генерација користеше хибрид со 1,2-литарски мотор, тука веќе работи 1,8-литарец со 109 КС и 270 њутнметри, што во комбинација со електромотор од 49 КС и 205 њутнметри, дава системска моќност од 158 КС. Брзината е ограничена на 180 километри на час, но не и забрзувањето, коешто убедува со 8,3 секунди. Просекот кај хибридниот модел е 4,1 литри, со тоа што и градската потрошувачка се држи на вредност од пет литри.

Хибридите од 2020 година не се ослободуваат од акциза и тоа го попречи нивниот десетогодишен пробив на домашниот пазар

Хибридот секако дека додава во цената и доаѓа на 27.590 евра, со разлика од 5.328 евра во споредба со моделот со класичен погон и автоматски менувач. Возилата со хибриден погон ги уживаа своите златни времиња до 2020 година, кога беше укинато нивното ослободување од акциза. Доколку повторно се применува ослободување на хибридите од акциза, цената шпекулативно би се спуштила за најмалку 2.000 евра.

Второто ниво Техно ја збогатува опременоста на Рено Клио со автоматика за клима уредот, сензор за дожд, пристап без клуч, автоматско долго светло, собирање на ретровизори, избор од програми за возење, амбиентално осветлување, навигација, поголеми дигитални инструменти и задна камера. Цената со оваа опременост е 22.022 евра за класичниот погон, односно 29.510 за хибридот.

Врвот е за нивото Алпин, со систем за следење лента, камери за мртов агол, паркинг сензори, безжично полнење телефон и седишта обложени со имитација на кожа, со цена од 26.438 евра за бензинец со автоматски менувач, односно 32.438 за хибридниот погон. Во Техно и Алпин стандардно се вградуваат тркала од лесен метал од 18 инчи, коишто кај основното ниво се достапни за 700 евра.

Во основното ниво Еволушн може од опциите да се избира греење на седишта (450 евра), пакет Еволушн со пристап без клуч, сензор за дожд и др. Ставки (900 евра), задна камера (450), навигација (1100), продолжена гаранција на 5 г. (293 евра), металик лак 750 евра. Зелената металик боја е бесплатна.

Претходна објаваТест на летни гуми на ADAC: Од 16 гуми, само три со добра оцена
Следна објаваОткако смени половина С-Класа, Мерцедес-Бенц ги повтори зафатите кај Мајбах

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here