Најпродавани малечки СУВ во Европа во јануари

Моделите како Пежо 2008 и Ситроен Ц3 Еркрос го сочинуваат вториот најпродаван сегмент на европскиот пазар. Во јануари се продадени близу 150.000 возила од сегментот.

Ситроен Ц3 Еркрос е 7-ми најпродаван СУВ во сегментот, но е сосем извесно дека тоа нема да биде и највисокиот пласман

Од десетте најпродавани модели во сегментот, дури седум модели се соочиле со пад во продажбата во јануари, но сегментот пак остана релативно стабилен, со пад од само 1,6 проценти. Еден модел сепак се издвојува.

Европските возачки и возачи им даваат предимство на СУВ-моделите и кросоверите. Пред нивната доминација, пазарот главно избираше класични комбилимузини од градската и од компакт класата. Денес, двата најпродавани сегменти им припаѓаат на компактните СУВ и на малечките СУВ.

Продажбата на компактните СУВ во почетокот на годинава достигна 197.867 возила (4,5% во споредба со јануари 2025), по нив се малечките СУВ со 145.983 возила (-1,6%), па дури потоа следат градските комбилимузини со 131.640 возила (-4,9%) и компактите со 84.210 возила (-21,7%). Во овие бројки не се вклучени продажбите на моделите од премиум марките.

Динамиката на продажбата покажува дека сé повеќе купувачи преоѓаат на СУВ, што се покажува најмногу кај компактите, што имаат силен пад, наспроти СУВ-моделите од двата сегменти.

Тоа што дури седум малечки СУВ-модели се во минус, вклучувајќи ги и големите падови кај Дачиа Дастер (-40,9%) или МГ ЗС (-20,4%), додека целиот сегмент пак се држи на слично рамниште со лани, укажува дека расте конкуренцијата, односно се збогатува понудата од модели во овој сегмент.

Колку менуваат новодојденците, најверно покажува Ситроен Ц3 Еркрос, којшто доцнеше со стартот на продажбата, поради внатрешните случувања во концернот, пред заминувањето на извршниот директор Карлос Тавареш. Додека во првиот месец лани, Ц3 Еркрос имал само 233 продажби, и тоа од моделот од претходната генерација, во јануари, францускиот модел достигнал 7.554 возила и бил 7-ми најпродаван модел. Извесно е дека вистинскиот пробив уште претстои.

Доаѓањето на новите модели во сегментот очигледно влијае врз Тојота Јарис Крос, којашто не се симна од подиумот уште откако стартуваше со продажба во 2021 година. Падот од преку 10 проценти не е занемарлив. Тоа важи уште повеќе за МГ ЗС, којшто имаше висока продажба со еднсотавната техника, како основа за ниската цена, но откако моделот премина во новата генерација, со драстично зголемена цена, ситуацијата се смени.

За разлика од компактниот сегмент, каде што премиум маерките имаат солидна понуда од СУВ-модели, кај малечките СУВ-одвај се присутни премиум моделите и не се води посебна статистика. Поради малиот број премиум модели во овој сегмент, тие се водат во сегмент заедно со обичните комбилимузини.

Меѓу главните кросовери во сегментот е Алфа Ромео Јуниор со 3.157 возила во јануари и раст од 7,9 проценти, веднаш по него следи електричниот Волво Е Икс 30, со 2.820 возила и пад од 29,7%, што се должи на префрлувањето на производството од Кина во Белгија, додека трет е Лексус ЛБИКС, премиум верзија на Тојота Јарис Крос, со 1.903 возила, но со пад од 25,1 проценти.

Уште еден нов кросовер во сегментот е електричниот Мини Ејсмен, со раст од блозу 20 процени и продадени 1.755 возила.

Фактот што повеќето од овие модели се или целосно електрични или хибридни, укажува дека купувачите на премиум СУВ/кросовер, се повеќе расположени и за преоѓање на електрифициран погон.

Најпродавани компактни СУВ во Европа во јануари

Претходна објаваФИАТ Гранде Панда е градски автомобил на годината во Португалија
Следна објаваКиа Стоник · Тест · Траен како камен

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here