Шефот на Мерцедес-Бенц со највисока плата во Европа, но шампионите се во САД

Извршниот директор на Мерцедес-Бенц лани заработи 4 милиони евра помалку отколку во претходната година. Но, платата пак му е повисока од платите на неговите европски колеги. Во САД, платите на авто-босовите се највисоки.

Шефот Ола Калениус (д.) при светската премиера на Мерцедес ЦЛА во Рим

Оливер Блуме, шефот на концернот Фолксваген, и Ола Калениус, извршен директор на Мерцедес-Бенц Групација, во 2025 година имаа значително смалена заработка отколку во претходната година. Не постои шеф на автомобилски концерн во Европа, што лани добил двоцифрен милионски надомест за својот труд. Наспроти тоа, во САД и натаму се исплаќаат двоцифрени милионски суми.

Фолксваген постигна послаби маржи во изминатите години и тоа се отслика во платите на менаџерите од врвот на автомобилскиот концерн. Во деловната 2025 година, извршиот директор на концернот заработи вкупно 7,42 милиони евра. Во 2024 година, неговиот труд се ценеше со двоцифрен износ, односно платата му беше 10,34 милиони евра.

Таа плата се состои од 2,38 милиони евра фиксна сума, на којашто се додаваат варијабилни заслуги и посебни достигнувања. Но, постои дополнителна причина за толку високата плата на Блуме. До завршетокот на 2025 година, тој не беше само извршен директор на концернот Фолксваген, туку ја вршеше истата функција и во Порше. По половина од платата доаѓа од Фолксваген и од Порше.

Штедењето во коцнернот важи и за платите на менаџерите

Причина за намалената исплата е тоа што менаџерите се откажаа од дел од своите плати. Уште во 2024 година, управниот одбор на Фолксваген доброволно се откажа од 5 проценти од своите плати. Во минатата година, износот достигна 11 проценти од индивидуалната бруто исплата на готовина, што во случајот на Блуме изнесува близу половина милион евра.

Во Фолксваген постои уште еден исклучителен случај, а тоа e фактот што Блуме не беше највисоко платен менаџер во својата компанија. Во 2025 година, таа чест ја имаше поранешниот извршен директор Дис, кој и покрај раното заминување, пак добива по девет милиони евра. Неговото пензионирање ќе важи дури по завршетокот на октомври.

Мерцедес плаќа најмногу

Повеќе од Блуме заработува и извршниот директор на БМВ, Оливер Ципсе. Во деловниот извештај за минатата година, наведена е неговата плата во висина од вкупно 7,85 милиони евра. Но, далеку пред нив е извршниот директор на Мерцедес, Ола Калениус. За 2025 година, неговата плата од производителот на автомобили изнесува 8,78 милиони евра.

Калениус, и покрај тоа што има највисока плата, е меѓу шефовите што загубиле најмногу. Во 2024 година, Мерцедес-Бенц го награди трудот на својот шеф со 12,48 милиони евра. Платата на Ципсе, пак, бележи мал раст.

Дел од својата некогашна плата загуби и извршниот директор на Ауди, Герно Делнер, кој е дел од раководството на концернот. Тој за 2025 година навистина доби малку повисока плата, но пак заостанува зад колегите. Платата на Делнер лани првпат надмина четири милиони евра (4,02), додека во 2024 година таа изнесуваше 3,96 милиони евра.

Највисоките шефовски плати се во САД

Блуме, Калениус и колегите имаат највисоки плати во браншата. Но, кога ќе се споредат со платите на раководителите со концерните од САД, платите на германските шефови излегуваат скромни.

Извршната директорка на Џенерал Моторс, Мери Бара, во сите изминати години добиваше плата од преку 20 милиони долари (25,7 милиони во 2024). Истото важи за шефот на Форд, Џим Фарли (21,69 милиони долари во 2024). За разлика од Европа, платите на менаџерите во САД се раководат главно според вредноста на акциите.

Смени на шефовите во Европа

На шефот на Стелантис, Антонио Филоса, за минатата година ќе му бидат исплатени 5,42 милиони евра, но неговиот труд се брои дури од јуни, кога стапи на должност. Неговиот претходник, Карлос Тавареш, за првите пет месеци од годината, беше награден со 11,92 милиони евра. Тавареш си ја среди платата речиси на ниво со колегите од САД и во 2024 година заработи 23,08 милиони евра.

На некои шефови им се исплатува да си заминат од браншата, барем откако ќе ги постигнат сите ветувања, како што е случајот со поранешниот шеф на Рено, Лука де Мео. Тој си замина во концернот за луксузна мода Керинг, каде што меѓу главните марки е Гучи, со испратнина од 20 милиони евра, дополнително на неговата плата од прелку 10 милиони евра. Во 2024 година, неговата плата во Рено изнесуваше 12,9 милиони евра.

Претходна објаваСитроен е-Ц5 Еркрос избран за семеен автомобил на 2026 година во Португалија
Следна објаваДонгфенг го произведе 200.000-от примерок од премиум моделот Воја Дример

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here