Руски Автоваз се спрема годинава да произведе 400.000 Лади

Производителот на Лада ги соопшти резултатите за лани и најави новитети во понудата од модели во 2026 година.

Лада Искра е нова моделска серија, со техника развиена од Рено, но во целост е произведена локално

Планот на Автоваз за годинава е да произведе 400.000 возила од својата марка Лада. Меѓу новите модели за 2026 година е кросоверот Лада Азимут, којшто користи платформа со целосно локална руска содржина.

Лада Азимут е комплетно нова моделска серија на рускиот производител и во моментов се вршат завршни тестирања на прототипите, пред да започне претсериското производство. Редовното сериско производство се очекува да започне во третиот квартал, односно налето. Како што напоменува Автоваз, моделот е целосно развиен дома и сите компоненти се од локално производство.

Уште во почетокот на годината, во фабриката беа обновени 43 работни позиции, главно во заварувањето и монтажата, како и во производството на мотори.

Речиси целата моделска гама ќе добие освежување во 2026 година

Производителот планира низ целата година да воведува нови системи и опции во сите модели од својата понуда. Темелни зафати се планиаат и во моторите.

Вечниот модел на Лада, теренската Нива Леџенд, ќе добие нов 1,8-литарски мотор, во замена за сегашниот 1,7-литарец. Промени ќе има и кај Лада Веста, во изведбите со 1,6 и 1,8-литарски мотори. Лада Искра, модел што користи платформа ЦМФ-Б од поранешниот партнер Рено, а тоа е иста платформа со тековните Дачиа Дастер и Бигстер, ќе претрпи измени во изведбата со 1,6-литарски мотор.

Во план е да продолжи производството на Лада Веста Спорт, во верзија со 1,8-литарски бензинец и 6-степен мануелен менувач. Автоваз ќе влезе и на пазарот на доставни возила, со посебна марка што ќе се води како СКМ.

Лада Азимут на завршни тестирања, производството започнува налето

Лани биле произведени над 320.000 возила Лада

Во минатата година, Автоваз произведе 324.558 возила од својата марка Лада. Овој успех се должи на неколкуте нови модели што беа додадени во гамата. Меѓу нив е главна Лада Искра, којашто во основа е локализирана и модифицирана изведба на Дачиа Логан, потоа Лада Нива Спорт и Лада Гранта Актив Крос. Имаше зафати и кај Лада Нива Травел, современа изведба на класичната Нива, со додавањето верзија со 1,8-литарски мотор.

Автоваз продаде 351.390 возила во Русија лани, вклучувајќи и кинески возила

Преку официјалната продажна мрежа на Лада, лани во Русија се продадени 351.390 возила, вклучувајќи и модели од марката Ексајт, односно тоа се возила на кинески Чери, под сменето лого. Продажбата се врати блиску до нивото од 2023 година. На рускиот производител му припаѓаат 25 проценти од пазарот.

Најпродаван модел е Лада Гранта, со 144.350 патнички и 4.636 доставни возила. Втора е Лада Веста, со продадени 75.099 возила.

Семејството на Лада Нива вклучува две генерации на моделот. Од класичната Нива Леџенд се продадени 33.968 возила, а покрај нив уште 454 пикапи. Современата Нива Травел ја заврши годината со продадени 35.608 возила.

Комбито Лада Ларгус (Дачиа Логан МПВ) се води посебно и за него се пријавени 35.925 патнички и товарни возила.

Лада Искра се пробива на пазарот и од неа лани биле испорачани 6.796 возила. Кон завршетокот на годината, Искра беше меѓу 10-те најпродавани модели во Русија.

Извезени 23.000 возила, раст од 31 проценти

На извозните пазари билеиспорачани 23.000 возила, што претставува раст од 31 проценти во споредба со 2024 година. Извозот учествува со околу 6% во вкупната продажба на Лада.

Претходна објаваЕлектрични автомобили во регионот: Удел 11% во Словенија, до 5.000 евра субвенција во Србија
Следна објаваСеат очекува раст на профитот откако ЕУ ја ослободи Купра Таваскан од царини за увоз од Кина

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here