
Овој шеф си го заслужи своето место. „Во нашата 130-годишнина, постигнавме највисок промет во историјата на компанијата, испорачавме над еден милион возила, и првпат се најдовме меѓу трите најпродавани марки во Европа, нашиот клучен пазар,“ изјави Клаус Целмер, претседател на управниот одбор, за сооштението по повод објавувањето на деловните резултати за минатата година.
Во 2025 година, Млада Болеслав испорача 1.043.900 автомобили на светскиот пазар, што е за 12,7 проценти повеќе од претходно. Во Европа, пазарот на Шкода порасна 9,6 проценти, со продадени 840.295 возила. Уште поважно, 25,7 проценти од оваа продажба им припаѓаат на електричните и хибридните автомобили на Шкода.
Повеќе од двојно зголемена продажба на електрифицирани возила во споредба со 2024
Дополнителна гордост на чешката марка е тоа што компактниот СУВ-модел Елрок е втор најпродаван електричен автомобил во Европа. Од 218.700 електрифицирани возила испорачани лани, 174.900 се батериски електрични возила, а преостанатите 43.800 се приклучни хибриди.
Годинава се планира натамошно проширување на понудата од целосно електрични модели. Епик ќе ја прошири понудата надолу, во најдостапниот пазарен сегмент на електричните возила, додека Пик ќе го постави новиот врв на марката, како кросовер со 7 седишта, по пример на студијата Вижн С.
„И покрај предизвикувачките пазарни услови, јасно е дека нашата посветеност кон клиентите е вистинска основа за нашата стратегија, и дека ги исполнуваме потребите на клиентите, како што покажува нашиот успех во Индија и во други региони,“ додаде Целмер.
Во Индија, марката испорача рекорден број возила, започна да произведува во Виетнам и ја зајакнува својата позиција на пазарите во Југоисточна Азија и на Средниот Исток. Доаѓаат и силни импулси од одделни пазари, на пример од Турција и Мароко.
Октавија е класика како најпродаван модел на Шкода. Најголеми продажби на моделот се постигнати во Германија, Чешка, Британија, Индија и Полска.















