
Додека Жоли потпиша договор вреден 12 милијарди канадски долари за испорака на подморници, и Корејците за возврат ќе вложат во автомобилската индустрија во земјата, Форд изјави дека е подготвен да им постеле црвен тепих.
Корејските марки заедно продале 249.028 возила во Канада лани.
Киа, Хјундаи и луксузната марка Џенезис, заеднички освоиле 13 проценти од автомобилскиот пазар во северноамериканската земја.
Единствено Џенерал Моторс, Форд и Тојота лани продале повеќе возила од Киа во Канада. Корејскиот производител ги престигна дури и Хонда и Стелантис, коишто имаат неколку фабрики во земјата. Киа го престигна и концернот Фолксваген, којшто преку својот огранок Пауер Ко гради фабрика за батерии за електрични возила во Онтарио.
„Некој што продава 230.000 автомобили треба да отвори фабрика тука. Толку е едноставно,“ кажа Форд. „Ги охрабрувам да дојдат во Онтарио. Ние ќе соработуваме со нив. Ние ќе им помагаме.“
Форд ја даде изјавата за канадското издание на Аутомотив Њуз при отворањето на фабриката за батерии за електрични возила и складирање енергија на Некстстар Енерџи во Виндзор, Онтарио. Јужнокорејскиот министер за трговија Јунг-Кван Ким доби место директно пред бината од којашто се обраќаше Форд.
Форд и неговата влада досега имаат инвестирано многу во автомобилскиот сектор. Тој насочи до 5 милијарди канадски долари за фабриката на Некстстар Енерџи, како и дополнителни 500 милиони долари, вклучувајќи трошоци за изведување на неоппходната инфрастуктура, за фабриката за батерии за електрични возила на Пауер Ко во Сент Томас, Онтарио.
Групацијата на Киа, Хјундаи и Џенезис нема производство во Канада. Возилата за северноамериканските пазари се произведуваат во три фабрики во САД и една во Мексико. Канада е петтиот најголем пазар на групацијата во светот.
Извршниот директор на корејската групација за Канада, Стив Фламан, укажа на настојувањата на владата за Киа и Хјундаи да изградат фабрики во Канада, на настан на автомобилската бранша што во минатиот месец се одржа во Торонто.
„Како Канаѓани, не сакаме да гледаме што се случува со притисокот што доаѓа јужно од границата. Онтарио се потпира врз оваа индустрија … таа ја движи економијата,“ кажа директорот. „Природно е владите да притискаат врз производителите. Секој производител секоја година ја проверува својата производствена мрежа и се прашува, каде треба да се движиме? Колкав капацитет ни е потребен? Какво е стратешкото влијание на едно место во споредба со друго?“
Отава во август ги одбра јужнокорејската Ханва Оушн Ко и германската Тисен Круп Марин Системс (ТКМС) за изработка на најмногу 12 подморници за канадската морнарица. Двете компании победија на тендерот.
Ниту еден од овие договори не е поврзан со вложување во автомобилскиот сектор. Но, министерката за индустрија Жоли не се откажува од идејата.
„Не можам да коментирам, затоа што постапката за набавка е во завршната фаза. Но, сакам да биде јасно: Сакаме фабрика за автомобили,“ изјави таа за канадското издание на Аутомотив Њуз.
Тие што тука продаваат тука, треба тука и да произведуваат
Претседателката на Унифор, Лана Пејн, која застапува илјадници вработени во автомобилските фабрики во Канада, искажа поддршка за политиката на Форд и Жоли.
Таа предупреди дека е тешко производителите на автомобили да се убедат да градат во Канада, имајќи го предвид прекумерниот производствен капацитет на индустријата во светски рамки и високата зависност на индустријата од извозот во САД, каде што во моментов е на сила царина во висина од 25 проценти за увоз на автомобили и делови од Канада, коишто не го исполнуваат договорот САД-Мексико-Канада, што се преиспитува.
Пејн посочи дека индустријата мора да го следи основниот принцип: „Мора да имаме систем што не им дава предност на увозниците, над луѓето што тука произведуваат,“ изјави таа по говорот на Форд и Жоли. „Ако тука продаваш, треба да произведуваш тука.“















