
Фабриката на Тесла во Германија работи со преполовен капацитет и тоа претставува суштински проблем, со којшто компанијата ќе мора да се соочува дополнително, покрај тековниот спор меѓу управата и работничкиот синдикат на ИГ Метал.
Во фабриката во Гринхајде во 2025 година беа произведени 211.235 возила, што е 56 проценти од капацитетот со којшто располага фабриката. На европскиот пазар опаѓа побарувачката за Тесла Уај, единствениот модел што се произведува во германската фабрика.
Тесла досега ги полнеше насловите во германските медиуми поради спорот со ИГ Метал, пред одржувањето на изборите за работничкиот совет. Но, за компанијата е уште поголем проблемот, што понатаму ќе се произведува во Гринхајде.
Пред влезот во фабриката е растегнат транспарент на којшто пишува „Прогрес. Иновација. Успех“. Тоа е во спротивност со традиционалните германски производители на автомобили, чијшто фабрики се организирани под силно влијание на работничките совети. Но, вистинскиот проблем тука е слабата искористеност на погоните.
Во минатата недела, пред денешното гласање, извршниот директор Илон Маск се појави пред вработените во 20-минутно видео интервју, заедно со директорот на фабриката Андре Тирих.
Маск укажа на можноста за проширување на фабриката, наведувајќи дека Тесла „идеално“ ќе го зголеми производството во Гига-Берлин.
Меѓу можностите што тој ги наведе се влекачот Семи, што тој се надева дека ќе почне да се продава во Европа во 2027 година, потоа Сајберкаб, роботизирано такси без волан и педали, како и Оптимус, хуманоидниот робот на Тесла. Тој спомна и планови за зголемување на производството на батерии.
На прашање околу конкретните проекти за Гринхајде, Маск посочи на производство на батерии и можно зголемување на производството на Модел Уај. За тоа да се случи, услов е европските законодавци да го одобрат полуавтоматскиот пилот на Тесла, ФСД. Тој цени дека е „голема веројатноста“ за Сајберкаб да се произведува во Гринхајде, додавајќи дека фабриката ќе стане „најголем фабрички комплекс во Европа.“
Маск понуди и „совет до работната сила во Берлин,“ предупредувајќи дека проширувањето ќе биде потешко, доколку „надворешни организации“ ја притискаат Тесла „во погрешен правец.“ Тој не посочи кон ИГ Метал, но јасна беше неговата намера.
ИГ Метал се надева дека ќе го освои мнозинството од гласовите во работничкиот совет и дека ќе се примени колективен работен договор, што е вообичаен кај германските производители на автомобили, како Фолксваген, БМВ и Мерцедес-Бенц.
Маск повеќепати искажа негативен став кон синдикатите и кон колективниот работен договор. Во Германија, на синдикалните лидери обично им припаѓаат половина од местата во надзорниот одбор во големите компании, што им овозможува да влијаат и да блокираат стратешки одлуки, доколку тие се против нивните интереси.
Стратешкото прашање со коешто се соочува фабриката на Тесла во Гринхајде останува непроменето. Без воведување нови модели и без враќање на продажбата во Европа, гоелмиот капацитет на фабриката ќе стане нејзин најголем недостаток.















