ЕУ има можности значително да го поевтини локалното производство на батерии за електрични автoмобили

Зголемувањето на производството во Европа може да го смали јазот меѓу батериите од европско производство и батериите што пристигаат од Кина.

Производство на батерии во Пауер Ко, огранок на групацијата Фолксваген

Разликата во цената на производството на батерии за електрични автомобили во ЕУ и во Кина, којашто во моментов изнесува околу 90 проценти, може да се смали на околу 30 проценти. Тоа го проценува здружението за заштита на животна средина Т & Е, упатувајќи апел за ЕУ да му помогне на секторот со плановите за „Произведено во Европа“.

Извршното тело на ЕУ треба на 4-ти март да го објави „Актот за забрзување на индустријата“, којшто им дава предимство на производите од локално производство, во проекти во коишто се користат средства од даночните обврзници. Програмата е насочена кон „клучните стратешки сектори“, каде што спаѓаат батериите, соларната и ветерната енергија, производството на водород, нуклеарна енергија и електрични возила.

Неколку производители на автомобили напоменаа дека условувањето за локално производство ќе ги поскапи батериите и со тоа ќе ја наруши конкурентноста на нивните модели.

Во извештајот на Т & E, независно здружение коешто ги застапува сите локални организации за заштита на животната средина во Европа, се наведува дека преку подобрување на ефикасноста во производството, а првенствено преку смалување на отпадот, како и преку остручување на работната сила и автоматизација, јазот во цената може до 2030 година да се сведе на 14 долари по киловатчас, од очекуваните 41 долари.

На тој начин, разликата кај просечно електрично возило ќе се сведе на околу 500 евра, односно истата може да се смали дополнително, преку субвенционирање, или како мерка за сигурност при ограничувања на извозот, коишто Кина веќе ги воведе за клучни суровини и ретки земјени минерали.

„На Европа ѝ е потребна домашна индустрија за батерии, како мерка за сигурност, во случај прекинувањето на патиштата на снабдување да се користи како присила. Условувањето за локално производство е единствена политика што треба да се најде на маса, за да се спречи уште еден Нортволт. Цената за законите на Произведено-во-ЕУ е премија за сувереност којашто вреди да се плати,“ кажа Јулија Полисканова, директорка за возила и снабдување за е-мобилност.

Ценовниот јаз може да се намали единствено доколку условувањето за локално производство им овозможи на компаниите како АЦЦ, Пауерко, Веркор, да го зголемат производството.

Претходна објаваНајпродавани електрични автомобили во Европа во јануари
Следна објаваСекоја четврта Шкода Суперб се нарачува со приклучен хибриден погон

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here