На Опел му беше потребен уште еден модел што ќе се бори за марката меѓу 50-те најпродавани на европскиот пазар, покрај Корса. Марката со молњата и досега постигна забележлив успех со Мока од втората генерација, како модел од вториот најпродаван сегмент во Европа, по Ц-СУВ моделите.
Но, како модел што се издвојува со стилот и повеќе е осмислен како купе-СУВ, Мока мораше да жртвува од искористливоста на багажникот и од просторноста на задната клупа. Тоа им остави повеќе слободен простор на конкурентите, меѓу коишто се издвојуваат Фолксваген Т-Рок од претходната генерација и Т-Крос, Тојота Јарис Крос, Пежо 2008, Рено Каптур, Дачиа Дастер, Форд Пума.
Сега, сé е сменето со новата Фронтера, којашто дури нуди и најмногу простор на задната клупа во конкуренцијата на класата, а дополнително отвора и багажен простор, што во поглед на искористливоста и зафатнината ги засенува и комби-моделите од компакт класата. Тоа веројатно пресудува најчесто, кога купувачите се решаваат за новиот модел на Опел.
Пред Фронтера, пазарното место во Б-СУВ сегментот го пополнуваше Кросленд, но тој не постигна успех каков што се очекува од модел на Опел. Тој се појави во време на големи пресвртници во германската марка. Од една страна, банкротираше Џенерал Моторс, дотогашен сопственик на Опел, а од друга, Кросленд беше развиен во време кога корејскиот огранок ГМ-Даеву, подоцна Шевролет, доби надлежност да ги развива моделите од А- и Б-сегментите во целиот концерн.
Тоа што најмногу бунеше кај Опел Кросленд беше формата на каросеријата, којашто беше сигурна игра меѓу ван и меѓу СУВ. Во тоа време, пазарот веќе беше на пат да се збогува од вановите, забави пазарот на Мерива и Зафира, и Опел веруваше дека уште ќе остане доволно голем дел од пазарот што ќе бара ван од марката, односно автомобил скроен како Кросленд.
View this post on Instagram
Новата Фронтера е забележана на пазарот, и тешко дека би можело да биде поинаку. Секако, прво се воочува масивноста на автомобилот што се добива со мала ценовна разлика во споредба со класичните градски комбилимузини. Пример, најдостапната изведба на Опел Фронтера, со 110 КС и благ хибриден погон, на македонскиот пазар се нуди по акциска цена од 21.000 евра. Наспроти тоа, Корса со класичен бензинец со 100 КС и мануелен менувач, чини 16.840 евра, додека во изведбата со истиот благ хибриден погон како основната Фронтера, стартува од 20.910 евра.
Мока, пак, којашто сега има уште повеќе простор да се издвои како стилски купе-СУВ, стартува од 23.510 евра, со 136 КС и мануелен менувач. Затоа не изненадува што Фронтера е најпродаваниот Опел на македонскиот пазар во моментов, а сосем е извесно дека и во следниот период ќе ја задржи таа позиција.
Опел Фронтера докажува дека денешните Б-СУВ се замена за компактните лимузини што традиционално се бараа најмногу на нашиот пазар
Од првиот тест на Опел Фронтера, којашто возеше на стандардната тест-тура на Аутомедиа, каде што се покажуваат сите предности и недостатоци на еден автомобил, се докажаа штедливоста и удобноста. Тоа ја става Фронтера во светло на пристоен семеен автомобил, што подолго време ќе остане во возниот парк. Еден од заклучоците од првиот тест беше дека Фронтера точно го пополнува местото што некогаш им припаѓаше на лимузините од компакт класата, односно на лимузинските Астри, во бројни генерации.
Македонските возачки и возачи бараат автомобил што ќе им понуди висока противвредност, односно колку може повеќе автомобил за парите, а Фронтера е шампионка во тој поглед.
Тоа што е посебност на овој модел на краток тест, секако е пакетот што се состои од бели челични тркала во ретро стил, од бел покрив и црни кровни носачи. Опцијата чини 420 евра и достапна е само кај нивото на опременост Едишн. Мал чекор назад, за да се направат два чекори напред.
Белите челични тркала наидуваат на разединетост на сцената. Едната страна е одушевена од тој потег што делотворно го менува изгледот на целото возило, додека другата страна цени дека тоа е застарен и напуштен изглед. Опел, сепак, не е единствен што повлече во таа насока, затоа што и Дефендер, стилска и теренска икона, исто така се нуди со бели тркала, со уште позастарен дизајн.
Познавачите на марката нема да имаат проблем во дизајнот да ги препознааат тркалата на историски модели на Опел, како Комодоре ГС/Е или Аскона 400, херојката на релито во 1980-те години. Ако малку се прочепка по пребарувачите, ќе се забележи колку често моделите на Опел низ историјата возеле со бели тркала.
Фронтера на кусиот тест мина главно градско возење, вклучувајќи две качувања до Средно Водно, па понатаму до Свети Пантелејмон. Главниот исход од тоа возење: Потрошувачка од околу 7 литри, што ја докажува делотворноста на благиот хибриден погон. Секако, голема предност е тоа што секоја Фронтера располага со автоматски менувач со двојна спојка, благодет во денешните услови на возење. Електромоторот, покрај тоа што помага за заштедата, внесува и многу потечно и поопуштено возење.
Во поглед на опременоста, оваа Фронтера дојде со првото од двете достапни нивоа, Едишн. Во споредба со нивото ГС, тука отсуствуваат стилските обележја со спортски нагласок, но е добро тоа што не се стекнува впечаток дека се седи во помалку опремена изведба. Едиствено може да се забележи за вратите што не се обложени со платно, како и за достапноста на опцијата за трет ред седишта само за изведбата ГС.
За сите впечатоци и забелешки при краткиот тест на Опел Фронтера Хибрид, повелете погледнете го видеото што го објавуваме на нашиот видео канал на Јутјуб. Со следењето на Аутомедиа на Јутјуб ја искажувате и поддршката за работата на нашиот портал и Ви благодариме за тоа.















