Еолус, марка на Донгфенг, досега изгради име на македонската сцена, со три забележани модели: Шајн е најдостапната лимузина на пазарот, но одвај некој ја гледа само како најдостапна, затоа што нуди повеќе од тоа, потоа Мејџ научи дека кинески СУВ може да изгледа динамично, но и да вози динамично, додека Хјуџ се вмешува во средната класа, но тоа е веќе друга димензија, во ценовното подрачје над 30.000 евра. Наспроти тоа, Шајн ГС со цената оди само десетина проценти над лимузинскиот сестрински модел.
На Донгфенг му е многу лесно да го пробие пазарот за новиот модел од својата буџет-марка Еолус. Како што укажува и името, Шајн ГС е во техничко сродство со лимузинскиот и пристојно прифатен Шајн, и осмислен е како кросовер. Тоа е вид на каросерија што неколку упорни модели го почитуваа до пред само неколку години. Најбиску до тоа што го нуди Еолус Шајн ГС е некогашната изведба Скаут од Шкода Октавија, што Чесите ја продаваа до 2024 година.
Кросоверите базирани на комби-каросерија беа повеќе присутни во средната класа, со големи имиња како Волво В60 Крос Кантри (до 2024), Опел Инсигниа Кантри Турер (2020), Ауди А4 Олроуд (2019), Фолксваген Пасат Олтрек (2023). Главен меѓу нив, секако беше Субару Аутбек, што единствен продолжи да се произведува.
Не е случајност тоа што јапонскиот специјалист за погон 4х4 и боксер мотори уште не се откажува од кросоверите. Субару, сепак е марката којашто го воведе погонот на сите тркала во патнички автомобил, со Леоне во 1972 година, за наследникот Легаси, во неговата комби изведба да биде понуден прво како Легаси Аутбек, а потоа да се појави и како засебен модел Аутбек. Донгфенг, пак, го нема ниту погонот на сите тркала на Субару, ниту боксер моторите, но го погоди концептот.
Еолус Шајн ГС во основата е комби-изведба од лимузинскиот Шајн, во којашто се додадени заштитни облоги во долниот дел, но главното е тоа што каросеријата е качена 4 сантиметри повисоко од земја во споредба со лимузината. Со 21 сантиметри растојание од подлогата, кросоверов е колено до колено со СУВ.
Многу внимание во искористливоста на товарниот простор
Третата посебност на кросоверов е просторноста на багажникот. Точно 1,9 метар е долг просторот кога ќе се собори задната клупа. При проектирањето очигледно се внимавало, просторот да биде целосно искористлив, што меѓу другото се забележува и по рамните облоги на поткрилата. За зафатнината постојат различни податоци, без наведување на мерната норма, но во секој случај може да се смета на преку 600 литри, односно 1.800 литри со соборена задна клупа.
Спојот од зголемено растојание од подлогата и натпросечна зафатнина на багажникот, дури и за комби, заедно со лесниот пристап и флексибилноста, ја создава привлечноста на концептот на кросовер.
Главната предност на кросоверот сепак е во динамичните возни својства
Но, со тоа уште не се исцрпени сите предности или аспекти околу овој начин на осмислување на еден автомобил. Луѓе ги сакаат кросоверите и поради „автомобилските“ возни својства, односно поради возната динамика. Бидејќи каросеријата на Шајн ГС не е надувана, гломазна и висока како кај стандарден СУВ, тежиштето е пониско.
Тоа прави возните својства да бидат поблиску до спортски компакт, отколку до Г-Класа, но придонесува и за комфорот, токму поради понското тежиште во споредба со СУВ. Бидејќи амортизерите и пружините не мора да бидат толку крути и со куси работни одови, како кај СУВ, овој амортизира покомфорно.
Разбирливо е тоа што подвозјето работи за нијанса покруто од лимузинскиот Шајн, сепак е оставена резерва за терен
Во споредба со лимузинскиот Шајн, ГС има поширока трага, токму за да се надомести за зголеменото тежиште. На тоа се надоврзуваат други амортизери и пружини, што за нијанса го скрутува подвозјето во споредба со несомнено комфорниот Шајн.
На тест е поскапата и посилна изведба на Еолус Шајн ГС, со 1,5-литарски бензинец со 190 КС и највисок вртежен момент од 300 њутнметри при 2.000 вртежи. Погонската спрега ја сочинува уште 6-степен менувач со двојна спојка, производ на германскиот специјалист Гетраг. Електрификација не важи, ова е чиста класика.
Просторот не е тема во Еолус Шајн ГС, го има во сите правци
Во поглед на просторноста, напред владее чувство на автомобил од компакт класа, а вообичаено за кинеската школа, назад се добива простор што повеќе е споредлив со средна класа. Седиштата се пристојни, обложени со материјал што дури и не заостанува зад природна кожа, со добра изработка и стил што укажува дека ова не е евтин автомобил. Електричното местење е стандард, исто и греењето, единствено може да се посака малку подолга седечка површина.
Назад се седи правилно, без стеснувањето во висина на главата, што пречи кај некои модели. Клупата е поделена и се соборува со чесно вградени рачки, место со јамки. По соборувањето на клупата, не се добива целосно рамен под по целата должина, што во основа значи дека при товарење гломазен предмет, тој не може да се лизга по подот, туку треба помош. Секако дека тоа не е секојдневие, затоа што најважното е големината на багажникот.
Постојат места на коишто е штедено, но подобро што е штедено таму, отколку во техниката
Во изработката на багажниот простор можело да се посвети повеќе внимание, иако тоа би значело и повисока цена. Облогите на поткрилата не се обложени со платно што ќе ги штити од гребење, подната плоча не е дебела и треба да се внимава со тешки куфери, а исто така полицата врз багажникот можело да биде заменета со касета со намотка. Во оваа моделска изведба со повисока опременост, тоа би требало да биде стандард.
Но, од друга страна, штедењето на неколку места што се чинат банални од гледиште на купувач, покажува колку всушност се заштедува на „ситници“. Покрај цената на Еолус Шајн ГС, секако е лесно да се прости за тоа што во вратите не е вграден прекинувач, што ќе го вклучува светлото во кабината, кога ќе се отвори врата, или за тоа што нема прскалка за задното стакло.
Средишниот дисплеј е главното и единствено командно поле
Истото важи и за целосно застаклениот покрив, што се отвора и позакосува, и Кинезите широкоградо во вградуваат како стандард, меѓутоа не постојат прекинувачи за ракување со истиот. Место тоа, мора да се пристапи преку дисплејот. За ракување со климатизацијата, за пуштање на грејачите во седиштата, за вклучување спортска програма – сето тоа се врши преку дисплејот. Причината? Ете ја цената.
Во опременоста единствено може да се посака лимитер. Но, Шајн ГС затоа има сé што човек може да посака, па и тоа што човек на шега ќе го спомне, мислејќи дека тоа е ексклузива за автомобил со оваа цена: Ауто Холд – што не е толку бескорисна ставка, задржување на возилото при поаѓање на нагорнина, самостојно собирање на ретровизорите, кровни носачи, стартување на копче, автоматски клима уред со пречистување на честички ПМ, електрична паркирна сопирачка, камери од сите страни што создаваат глетка од птичја перспектива, предупредување за возило во мртов агол, предупредување од возило од попречен правец при излегување наназад, исправен средишен дисплеј од 13 инчи и дигитални инструменти од 7 инчи, безжично полнење телефон.
По цена на градски автомобил се добива возило со полна искористливост
И, пак околу цената. За 22.390 евра, што е цена на градски автомобил со малку повеќе опрема и малку повеќе коњски сили од основниот модел, тука се добива автомобил што со големината и просторноста е дораснат за средна класа, со натпросечна опременост, со пристоен комфор, со резерва дека секогаш може да се појде надвор од асфалтот, и со гаранциите на Донгфенг, што значи 8 години или 200.000 километри за мотор и менувач, односно 5 години или 150.000 километри за останатата техника.
Што е со моторот? Тоа е всушност најсветлата точка во целиов автомобил. Веќе е сосем неважно дали тоа бил мотор на Мицубиши или Хонда, затоа што Донгфенг одамна ги води своите мотори како сопствена конструкција, што се усовршувана и денес е светлосни години далеку од таа основа што била користена во времето кога Јапонците им ги произведуваа моторите на Кинезите.
Моторот и менувачот сепак се ѕвездите во Еолус Шајн ГС
Моторот е познајник, со две „лица“. Еднаш е смирен, тивок, ненападен, со потрошувачка под 5 литри, како што е покажа на еко-делницата од Пробиштип до Велес, на редовната тест рута на Аутомедиа, другпат е снага со сите 200 КС на број, откако менувачот ќе се префрли во мануелен режим и ќе се вклучи спортската програма. Најдоброто е тоа што моторот е дораснат да испорача посилна динамика, без тоа да ја уништи забавата и да бара возачот да плати данок за тоа при полнење гориво. Залудно е ако некој автомобил да биде голем, опремен, личен, и евтин, а притоа уништува се со висока потрошувачка или лош мотор. Тука сé е погодено.
Не мора да биде секогаш лимузина или СУВ, може и друго
Еолус Шајн ГС ѝ даде гол од слободен удар на традиционалната, европска автомобислка бранша. Кога сите се откажаа од кросовери и останаа на две опции, нудејќи или малечко и скромно, но затоа евтино, или големо и масивно, богато и претставително во форма на СУВ, но затоа скапо, Донгфенг потсетува дека има и нешто помеѓу, што на многумина ќе им се види подобро, од двата избори што ги оставија традиционалните производители.
За очекување е овој кросовер да постигне многу на македонската автомобилска сцена, со тоа што навистина сé му e по мера. Секако, прво цената.
За сите впечатоци, забелешки и оцени при тест-возењето на Еолус Шајн ГС, молиме погледнете го обемното видео од тестот, коешто го објавуваме на видео каналот на Аутомедиа МК на Јутјуб. Секако, ќе ни значи Вашата поддршка и следењето на нашиот канал на Јутјуб.
Најсилни страни
+ Просторна кабина
+ Голем и целосно искористлив багажник
+ Култивиран и штедлив мотор
+ Во спортскиот режим се покажува полната моќност
+ Подвозје со добра резерва за излегување на терен
+ Одлична опременост
+ Исклулителна противвредност
+ Добра завршна изработка со внимание за детали
Забелешки
– Ракувањето е целосно префрлено на средишниот дисплеј
– Управувањето не пренесува информација од тркалата
– Неколку детали во багажникот можело да бидат изработени подобро
– Не се вградува брзински лимитер
– Нема камера за сообраќајни знаци
Вредностите на потрошувачката на 4-те делници
Моделска изведба на тестот
-
Донгфенг Еолус Шајн ГС Хантинг Најт
-
Редовна цена на моделот 24.390 евра
-
Цена со попуст 22.390 евра (попуст 2.000 евра)
-
Гаранција 8 години или 200.000 километри на мотор и менувач, 5 години или 150.000 километри на останатата техника
Ставки од опременоста што се стандард во нивото Хантинг Најт, дополнително од основниот модел
- Грејачи во ветробран
- Електрично местење и на совозачко седиште, во 4 насоки
- Автоматско собирање ретровизори
- Безжичен полнач за телефон
- Автоматско спуштање стакла во сите врати, со заштита од приклештување
- Предупредување за возило во мртов агол
- Предупредување при возило од попречен правец при излегување наназад
- Приклучок за 12-волтен потрошувач















